Истражувaње за препознавање дезинформации на Интернет меѓу студентите и пензионерите

0
91
Фото: Институт за комуникациски студии

Kaj студентите и пензионерите постои ранливост за препознавање на дезинформациите кои се пласираат на Интернет просторот.

Неодамнешното истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС) насловено „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“ е направено меѓу млади луѓе меѓу 18 и 28 години, лица над 60 години и приматели на социјална помош.

Во примерокот кој го сочинуваат 291 испитаник, од кои 193 студенти и 98 пензионери, како причини за ваквата состојба се наведуваат непознавање на функционирањето на медиумите, недоволно развиена потреба за анализа на информациите и немањето мотивација и интерес да се следат вестите.

Истражувањето покажа дека околу 96% од студентите често или ретко следат вести на Интернет, односно 89.2% од испитаните пензионери.

„Преголемото провоцирање/предизвикување емоциите кај граѓаните, незаинтересираноста, незнаењето како и непредавањето на важност на темите за кои се известува ќе биде плодна почва за ширење на дезинформации. Дополнително, дигиталната (не)писменост претставува пречка во процесот на препознавање и справување со дезинформациите. Ова беше особена пречка за повозрасните – пензионерите во истражувањето“, вели за ПИНА, Елеонора Серафимовска, една од авторките на истражувањето.

Како резултат на тоа, таа додава дека овие две групи освен што не можат да ги препознаат дезинформациите, најчесто се неинформирани за важни актуелни општествено-политички теми.

Па така, во ова истражување на прашањето кој е главниот преговарач на Македонија со ЕУ само 14 проценти од студентите и 26 проценти од испитаните пензионери го знаеле точниот одговор.

фото: Графикон од истражувањето на ИКС

Во меѓувреме, студентите покажале многу малку познавање на прашањата поврзани со процесот на европската интеграција.

Иако подобри во однос на групата студенти, пензионерите, исто така имаат многу слаби познавања за процесот на европската интеграција.

Според Серафимовска младите во многу мал процент знаат факти за Европската интеграција на Македонија, а тоа, вели дека секако се должи на неколку фактори.

„Медиумското известување кое не успеало да им ги приближи овие факти на
младите на начин кој би предизвикал интерес и желба за знаење. Општествено политичката ситуација и реалните случувања околу ЕУ интеграциите кои најверојатно предизвикуваат отпор, или барем не предизвикуваат интерес за овие важни прашања за нашата иднина. Однесувањето на главните политички чинители, позиција-опозиција, околу овие прашања кои начелно се стратешка определба за Македонија поддржана од сите политички чинители и образовниот систем…“, посочува таа.

Алармантна потреба од поголема медиумска писменост во образовниот систем

Во услови кога образовниот систем не ја опфаќа доволно медиумската писменост, неформалното образование игра важна улога. Истражувањето на Институтот за комуникациски студии го зема предвид и учеството во некоја програма за медиумска или дигитална писменост.

Речиси една третина од испитаните студенти, односно 30.6% потврдиле дека биле вклучени во некоја таква програма, наспроти 69.4% кои не биле вклучени. Групата испитаници пензионери, исто така, во најголем дел, или 79.6% немаат такво искуство. Оние кои учествувале во такви програми се од општините Македонски Брод, Битола, Демир Хисар, Македонска Каменица и Скопје, или вкупно 20.4% од испитаните пензионери.

фото: Графикон од истражувањето на ИКС

Образовниот систем игра клучна улога, децидна е Серафимовска.

„’Дали медиумската писменост треба да биде во поголема мера присутна во образовниот систем?!’, одговорот би бил – задолжително! Медиумската писменост би требало да се развива уште од мала возраст, секако адаптирано на развојните периоди на децата. Медиумската писменост би требало да е присутна во сите нивоа на образование, од основно до високо образование“, порачува таа.

Според Серафимовска освен образованието, во развојот и поттикнувањето на медиумската писменост подеднакво важна улога имаат и самите медиуми.

„Образовни институции треба да размислуваат за начинот на кој ќе се внесат содржините во училиштата и факултетите за ефикасно стимулирање на медиумската писменост. При тоа, долгорочните цели и континуитетот треба да се приоритет.Ако станува збор за медиумските институции, тие треба да размислуваат за тоа како
информирајќи за настаните, ќе информираат и едуцираат за тоа како
функционираат медиумските системи, како да поттикнат интерес за следење
вести/информации, како да развијат доверба кај публиката, како да развиваат
критичко размислување кај публиката“, препорачува Серафимовска.

Во однос на политичките институции, Серафимовска советува дека треба да
размислуваат како ги употребуваат/злоупотребуваат медиумите за политички цели,
зашто на тој начин, вели дека придонесуваат за градење недоверба во медиумите.

„Едноставен одговор тука би бил – сите институции одговорни за развој и
стимулирање на медиумската писменост, а таквите се многубројни, треба
внимателно да размислат како и со што придонесуваат и можат да придонесуваат за
медиумската писменост и внимателно, одговорно и систематски да пристапат кон
нејзино развивање и стимулирање“, изјави таа.

Кога станува збор за граѓаните од руралните средини, Серафимовска вели дека не може да се изведе широка генерализација на овие граѓани, но дека оваа група бара поинаков пристап.

„Урбаните средните креираат/развиваат ‘урбани’ потреби за конзумирање/следење повеќе медиуми, поактивен дигитален начин, и приватен и професионален, на живот, поголема потреба за следење вести. Урбаните средини се веројатно постимулативни за мисловни активности и за проактивно однесување во однос на медиумите. Пристапот до овие граѓани би требало да биде во насока на развивање на дигиталните вештини, стимулирање на внатрешна мотивација за следење медиуми, стимулирање на верба во сопствената способност да се контролираат информациите кои стигнуваат од медиумите, развивање на умешноста за препознавање знаци за дезинформации, како и развивање на свесност за пречките во процесот на препознавање и справување со
дезинформациите“, појаснува таа.

Од наодите во истражувањето на ИКС произлегоа и препораки. Меѓудругото, тие се однесуваат и на потребата од развивање на потребата за спознавање, едукација за медиумтие, нивната структура, функционирање и влијание врз луѓето, развивање интринзичка мотивација, развивање мотивација за учење за дезинформациите, како и развивање свесност за постоењето бариери во процесот на препознавање на дезинформациите.

Во ова истражување дополнително била спроведена дискусија со фокус група од 16 лица од социоекономски ранливи категории – Роми од Општина Шуто Оризари, корисници на социјална помош и на Дневниот центар за деца на улица „18“.

Но, Серафимовска вели дека оваа група по многу нешта е специфична, па нејзината ранливост првенствено се однесува на немањето никакво образование и неможност за следење на вести пласирани на интернет.

Авторка: Симона Србиноска