#СегаКажувам – кампања за подигнување на свеста за сексуалното вознемирување

0
639

Повеќе граѓанки денеска на социјалните мрежи започнаа кампања со хаштаг насловен #СегаКажувам, преку која споделуваат информации за најразлични случаи на сексуално вознемирување кои ги доживеале или виделе низ годините.

„Независните организаторки на кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj ве повикуваат доколку имате своја или блиска приказна за сексуална злоупотреба, малтретирање или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите, да го направите со овие хаштагови“, велат организаторите.

Според нив, целта на оваа кампања е да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа „фраерско“ токсично машко однесување.

„Охрабрување на жените и девојките да се спротивстават на ваквите однесувања, јасно да кажуваат што НЕ сакааат и што сакаат, свест дека не може и не смее некој што има моќ да се изживува со нив. Порака дека кога се жртви на посериозни дела, ако веќе нема правен систем кој ќе им помогне да добијат правда без крајно да ги истрауматизира, барем има кој да ги чуе и да го уважи нивното страдање и да им помогне да се опорават. Јасно давање на знаење дека тие однесувања не се посакувани, не се фраерски, не се секси туку се неприфатливи“, вели активистката и феминистка, Ана Василева која е дел од кампањата.

Таа додава дека дел од сторителите на посериозни дела се на многу моќни позиции и често пати речиси е невозможно да се предизвика нивниот статус.

„Имало изолирани обиди за тоа, и речиси редовно биле заташкани или завршиле на штета на жртвата. Дел од случаите се застарени“, додава Василева.

Според ликовната уметница, Јана Јакимовска оваа кампања треба да охрабри повеќе жени да проговорат за случаи на сексуално вознемирување.

„Кампањата #СегаКажувам не сметам дека се однесува на напаѓачите и на нивниот идентитет, се однесува на нашиот идентитет и нашата бројност. Не сакам да покажувам со прст кон некого, туку да посочам што ми пречи. Се надевам дека, со охрабрувањето на повеќе жени да проговорат за нивните случаи на сексуално вознемирување, ќе се отвори простор за редефинирање на некои однесувања кои се премолчано нормализирани“, вели Јакимовска.

Реакциите доаѓаат во време кога во САД е активна кампањата #MeToo која започна со откривањето на големиот скандал во Холивуд за режисерот Харви Вајнстајн кој се соочува со обвинувања за сексуално вознемирување, напад и силување. Откако неколку актерки јавно проговорија за нападите од страна на Вајнстајн, покренаа лавина од реакции и откривање на нови случаи во САД за повеќе познати и влијателни ѕвезди кои исто така се соочуваат со обвинувања дека низ годините правеле сексуални напади и вознемирување.