ЗНМ и ОЈО се договориле пак да се разгледаат пријавите за говор на омраза против новинари

0
102
Фото: Мета

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија вчера имаа средба со Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, на која се разговарало за подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес.

Како што соопшти агенцијата Мета, од Обвинителството информираат дека претседателот на ЗНМ Насер Селмани изразил загриженост дека во Македонија постои политика на неказнивост на насилството на новинари. Селмани побарал од Јовески обвинителството побрзо да ги процесира овие предмети со цел насилниците да се изведат пред лицето на правдата.

Тој се пожалил дека во изминатиот период, Обвинителството ги има одбиено пријавите за говор на омраза против новинари, без сериозна аргументација. Селмани побарал Обвинителството повторно да ги разгледаат овие пријави и да види дали обвинителите постапиле одговорно.

„Беше договорено да се организираат заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзани со слобода на говорот. Јавниот обвинител Јовески вети дека ќе даде динамика на предметите за насилство против новинари и ќе ги разгледа одбиените пријави за говор на омраза против новинари. Според него соработката на обвинителството и Здружението на новинари на Македонија е од взаемен интерес“, стои во соопштението од ОЈО.

ЗНМ го презенитраше и Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година во кој се вели дека минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека другите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот.

ЗНМ е загрижено бидејќи и по промената на власта обвинителство не покажува поголем интерес за процесуирање на овие напади.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.