МРТ планира да добие 13,37 милиони евра и да побара нови 3 милиони за новите канали

0
55
Фото: Мета

Македонска радиотелевизија (МРТ) испрати план до Владата за почнување со работа на телевизиски канал што 24 часа ќе емитува програма на албански јазик и уште еден канал што ќе емитува на другите јазици на националностите. Еден месец откако тоа ќе биде одобрено, МРТ е подготвена да ги стартува програмите, рече Смилка Јанеска – Саркањац, претседател на Програмскиот совет на МРТ, која пред собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска го образложи финансискиот план на МРТ за 2018 година.

Како што соопшти агенцијата Мета, Јанеска- Саркањац објасни дека за да профункционираат новите два канала ќе бидат потребни уште 1,8 милиони евра „за еднократни трошоци“ и 1,2 милиони евра годишно за функционирање на каналите. По 50-тина минути работа на оваа точка и дискусија, комисијата едногласно донесе одлука финансискиот план на јавната радиодифузна куќа да достави до Собранието на усвојување.

Според планот подготвен уште во октомври минатата година, МРТ очекува годинава да располага со 822,5 милиони денари (13,37 милиони евра).

– Тоа е за речиси 32 отсто помалку отколку во 2017, па и во 2016 – рече Јанеска – Саркањац.

Парите што МРТ ќе ги добие од буџетот на Република Македонија се 700 милиони денари (11,38 милиони евра), односно 85,1 отсто од вкупно планираните приходи на куќата.

Во другите ставки на приход, МРТ планирала и пари од задоцнети плаќања на радодифузната такса. Освен од буџетот, МРТ планира и приход од 10 милиони денари (162.550 евра) од Министерството за информатичко општество и администрација, за производство и емитување играна и документарна програма, а испланирани се и 32 милиони денари (520.150 евра) приход од Министерството за култура за поддршка на домашната музичка продукција.

На прашање од претседателот на комисијата, Диме Велковски, зошто се планирани тие пари кога Министерството за култура се изјасни дека ќе се ревидира одлуката за субвенционирање на домашната музика, Јаневска – Саркањац појасни дека тоа е се уште законска обврска на МРТ и кога ќе се измени законот, ставката ќе биде тргната.

МРТ за плати и други трошоци на вработените во 2018 година ќе потроши 391,05 милиони денари (6,35 милиони евра). На прашање од пратеникот од ДУИ, Реџаил Исмаили, зошто се планирани само 10 милиони денари (162.550 евра) за инвестиции во опрема, односно како се мисли да се реализира планираното воведување 24-часовен телевизиски канал на албански јазик и 24-часовен канал на јазиците на другите националностите со толку, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, Јанеска – Саркањац објасни дека куќата има поднесено план до Владата.

– Побаравме и одобрение за нови 90 вработувања – рече Јанеска – Саркањац.

Во однос на забелешките од извештаите на Прибе, претседателката на Програмскиот совет на МРТ појасни дека се планира соработка со новинарски и граѓански организации за подигање на професионалноста на вработените и на градење вистински јавен сервис.

Таа појасни и дека не биле откупени правата за европското првенство во ракомет во Хрватска поради недостиг на пари, а за Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, кои почнуваат на 9 февруари, претседателката на Програмскиот совет рече дека ќе се преговара за откуп на правата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.