Владата е свесна за ситуацијата со долгот на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ), но досега нема разговарано за овој проблем, изјави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Тој додаде дека долгот дополнително ги отежнува медиумските реформи.
– Свесни сме за ситуацијата. Во тек се реформите во медиумскиот дел според препораките на Прибе. Самиот долг е нешто што дополнително ги отежнува работите, но во моментов немаме ништо разговарано околу долгот на МРТ. Дополнително ќе се расправа за тоа. Сите работни групи работат, медиумските реформи сè уште се во фаза на подготовка. Се очекува да бидат готови до крајот на годината – рече Бошњаковски, пренесе агенцијата Мета.
„Македонската радио-телевизија“ веќе не може да ги користи услугите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) поради неплатен долг, кој изнесува околу 500.000 евра.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера ја повика Владата итно, во најкус можен рок, да обезбеди пари за намирување на долгот, а идентичен заклучок донел и програмскиот совет на МРТ на завчерашната седница.
Ненамирувањето на долгот значи дека МРТ нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Во моментов, според информациите од централата на ЕБУ, МРТ нема пристап до содржините што се емитуваат преку нивните сервиси.
ПИНА неодамна објави дека МРТ тоне во долгови, а од ЕБУ ни потврдија дека поради неплатени сметки веќе не може да ги користи нивните сервиси. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра.