Каталонија ги враќа мерките против коронавирусот

0
42
Фото: Твитер/Catalan Government

Регионалната влада на Каталонија побара од милиони луѓе да останат дома бидејќи областа повторно се соочува со зголемување на бројот на случаи со коронавирус. Околу четири милиони луѓе повторно ќе бидат под рестриктивни мерки со цел спречување на ширењето на ковид-19, пренесе Еуроњуз.

Надлежните побараа од граѓаните да го напуштат домот само ако имаат суштинска причина за тоа, а се затвораат кината, театрите и ноќните клубови.

Рестораните и баровите засега се ограничени на половина капацитет, спроведена е забрана за посета на домови на стари лица, а луѓето можат да се собираат само во групи до десет лица.

Портпаролката на регионалната влада на Каталонија, Меритсел Будо, на прес-конференција рече дека мора да се преземат чекори со цел да не мора да се затворат целосно во наредните недели.

„Ако пандемијата продолжи на оваа патека, ќе мора да преземеме драстични чекори. Крајот на вонредната состојба не значи дека пандемијата заврши. Луѓето мора да ги почитуваат сите воспоставени мерки и да ги следат упатствата издадени од здравствените власти“, додаде таа.