Еден ден на студентите волонтери во Центарот за јавно здравје – Скопје

0
362

Во моментов 40-тина студенти од последната година на студиите по медицина се вклучени во првите редови во борбата против Ковид-19 и волонтираат во Центрите за јавно здравје низ државата, Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од нив, 24 работат заедно со епидемиолозите. Тие помагаат во епидемиолошките анкети преку кои се доаѓа до трагање на контактите на лицата кои имаат Ковид 19 и собираат податоци за здравствената состојба на пациентите.

Ернес Никочевиќ и Тереза Кузманоска се студенти на медицинскиот факултет при УКИМ – Скопје кои се дел од волонтерите во Центарот за јавно здравје – Скопје. Тие, за ПИНА раскажаа каков е нивниот работен ангажман на фронтот во борбата против ковид-19. Пред сè, работата се состои од контактирање на позитивните лица на КОВИД-19 со што се извршува епидемиолошка анкета која овозможува да се добијат точните лични податоци и податоците за здравствената состојба на пациентите и тие податоци да се заверат на национално ниво.

Никочевиќ за ПИНА вели дека е свесен дека се соочуваме со една сериозна здравствена криза и затоа чувствувал должност да одговори на потребите на здравствениот систем со сите знаења и вештини кои до сега ги има стекнато.

„Со пандемијата на COVID-19 испливаа на површина многу недостатоци на нашиот здравствен систем. Се надевам дека како општество ќе извлечеме поука и во иднина многу повеќе ќе вложуваме во јавното здравство со цел обезбедување на квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита,“ вели Ернес за неговата мотивација да се вклучи во овој значаен процес во борбата со Ковид 19.

Тереза Кузманоска за ПИНА вели дека работата гледано од надвор изгледа доста полесна отколку што навистина е.

,,Не е ни малку пријатно да пробуваш да совладаш нешто што има толкава предност пред тебе. Волонтираме само еден месец а веќе се чувствува интензивен замор кај нас студентите. Не сакам ни да замислам со што се справуваат епидемиолозите во изминативе девет месеци. Има денови каде што работата траела и 15 часа, после тоа, заморот апсолутно испливува на површина. Меѓутоа, убаво е чувството кога знаете дека сте помогнале на некого тој ден, после тоа, заморот се занемарува. Знаеме дека некој е во исчекување за нашата помош и тоа ни дава сила да застанеме на нозе и ентузијастички да влеземе во наредниот работен ден. Сепак тоа е примарната цел за која што јас запишав Медицински факултет“, вели Кузманоска.

Велат дека периодов, најголем дел од студентите работат од дома, со исклучок на неколку студенти кои повремено одат во ЦЈЗ. Природата на работата е таква и го дозволува тоа, бидејќи во ЦЈЗ Скопје нема соодветни услови за работа за сите студенти.

Трагање по контактите

Исто така, нивната работа вклучува трагање по лицата со кои позитивното лице на КОВИД-19 имало потенцијално висок ризичен контакт. Односно следење на нивните контакти или т.н. (contact tracing). За тие лица се смета дека има голема веројатност да бидат заразени, па им се изготвуваат решенија за изолација од 14 дена,  период за кој се смета дека има можност да појават симптоми на инфекцијата. Волонтерите прават проценка на степенот на ризик, обработка на тие податоци со соодветни дигитални алатки и поднесуваат дневни извештаи.

Бројот на случаи, што студентите ги обработуваат на дневно ниво варира од ден на ден и зависи од повеќе фактори, но нивниот работен ангажман не вклучува директен контакт со потврдени случаи на ковид-19.

Ернес Никочевиќ вели дека тој број најмногу зависи од бројот на високоризични контакти кои што ги имал еден потврден случај непосредно пред почетокот и за време на неговите симптоми. Ова е многу често условено од степенот на свесност и совестност на самата индивидуа, објаснува тој.

Кузманоска дополнува дека, кога контактираат едно позитивно лице, од тоа лице можат да произлезат уште 2,3,5 други позитивни случаи кои исто така мора да се обработат, без разлика на првично доделените.,,Просечно обработуваме 100+ случаи, некогаш повеќе од  150, некогаш само 80. Исто така бројот на сработени случаи од студент до студент варира, што исто така зависи од бројни фактори. Притоа мора да напоменеме дека еден разговор со пациент трае повеќе од  10 минути, со некои пациенти дури и половина час“, раскажува Тереза. Ернес пак вели дека понекогаш за да се сработи еден потврден случај со сите негови контакти, се случувало да биде потребно и повеќе од еден час.

Секој пациент – приказна за себе

Кога станува збор за симптомите на пациентите и на што најмногу се жалат тие, двајцата студенти волонтери се согласни дека секој пациент е приказна за себе, а симптомите се различни кај различни случаи. А лошото во целата ситуација со вирусот е тоа што пациентите немаат идентични симптоми.

Ернес објаснува дека оние најчестите симптоми (покачена телесна температура, слабост, мускулна болка, кашлица, главоболка и сл.) не се карактеристични само за COVID-19, на прв поглед наликуваат на симптомите на настинка и сезонски грип и ова често е причина за ненавремено преземање на мерки и самоизолација.

Односно некој пациент има само главоболка, затнат нос и болка во мускулите и во таков случај пациентот смета дека е обична настинка, а всушност може да се работи за лесна клиничка слика на КОВИД-19. Додека пак други пациенти развиваат тешка пневмонија со градна болка, отежнато дишење, висока телесна температура и тоа се оние пациенти со потешка клиничка слика.

,,Моето искуство покажало дека најголем дел од луѓето стануваат сериозно загрижени кога некој од нивните најблиски ќе развие тешка клиничка презентација. Ова чувство на страв неретко е проследено и со чувство на вина, особено доколку самиот тој е првиот потврден случај во семејството и се сомневаат дека останатите се заразиле од него. Затоа е многу важно да се придржуваме до сите мерки и препораки за заштита и превенција пред да биде предоцна“, порачува Ернес.

Кузманоска вели дека доста често, пациентите, знаат да се отворат пред нив и да ги искажат сопствените маки и стравови, а најчесто стравуваат за здравјето на нивните блиски, се плашат дека можеби ги заразиле и нанеле штета на членовите од семејството. Нејзиниот совет е да имаат постојан контакт со матичниот лекар, да се води грижа за нивната здравствена состојба секојдневно, навремено да се реагира доколку има некаква промена, но исто така  и да се оттргнат од малите екрани каде што секојдневно се презентираат негативни информации, да се потрудат во кругот на семејството да се одржи позитивна мисла и пријатни разговори.

Студентите од шеста година на факултетот за медицина, како идни лекари, активно се вклучија да им помагаат на нивните колеги во борбата против ковид-19, кон средината на месец октомври. Тогаш министерот за здравство Венко Филипче го најави волонтерството на студентите како неопходно, поради обемот на работата на здравствените работници, како и поради недостаток на медицински кадар.

Тереза и Ернес (како и останатите студенти во ЦЈЗ) волонтираат само еден месец досега, но признаваат дека веќе чувствуваат интензивен замор. Сепак, велат тие, досега во ниту еден момент не зажалиле што се пријавиле да волонтираат и да помагаат во борбата со кризата предизвикана од корона вирусот.

Автор: Љубица Иванова

Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.