Почетна Анализи Само едно барање одобрила лани Комисијата за паричен надоместок на жртви на...

Само едно барање одобрила лани Комисијата за паричен надоместок на жртви на насилство, 43 одбила

0
125
Фото: Melanie Wasser on Unsplash

Само едно барање за паричен надоместок на жртва на насилство исплатила минатата година Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство. Исплатеното барање е по основ на солидарна помош за претрпени последици од кривично дело, за што жртвата добила надомест во износ од 500 евра.
Годинава пак, до Комисијата поднесено е едно барање за исплата на паричен надомест, а ретроградно исплатени се три барања и тоа:

  • 1 барање по основ на солидарна помош за претрпени последици од кривично дело – 450 евра
  • 1 барање по основ на трошоци за погреб35.000 денари
  • 1 барање по основ на изгубена издршка во износ од вкупна сума 9.000 евра

Во 2025 година Комисијата донела 43 решенија за одбивање и отфрлање на барања за исплата на паричен надомест на жртви од кривично дело со насилство, дел од нив поради некомплетност на документација, несосновани или неуредни, како и дел за дела сторени пред 2023 година.

„Дел од нив се отфрлени како недозволени од причини што кривичните дела во конкретните случаи сторени се пред 25.05.2023 година, а право на паричен надоместок во согласност со одредбите од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство имаат жртвите на кривични дела извршени по денот на започнување со примената на овој закон, односно по 25.05.2023 година.Како и дел се одбиени како неосновани или неуредни, поради видот на кривичното дело и некомплетност на документацијата,“ стои во одговорот испратен до ПИНА.мк.

Четири исплатени барања од вкупно 68 пристигнати за две години

За две години од нејзиното формално постоење Комисијата исплатила вкупно четири надоместоци на жртви на насилство од вкупно 68 пристигнати барања за кривичните дела: насилство, тешки телесни повреди, телесни повреди, убиство, семејно насилство, полов напад на дете кое не наполнило 14 години и силување.

„Доколку анализираме навистина 4 одобрени барања се многу малку за овој период,“ велат од Македонско здружение на млади правници (МЗМП).

Сепак, оттаму дополнуваат дека Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство влезе во сила на 22 ноември 2022 година, а започна да се применува од 30 мај 2023 година. Иако навистина четири одобрени барања се многу малку за овој период според МЗМП, тие сметаат дека треба да се има предвид дека овој закон предвидуваше и формирање на Комисија како посебно правно лице и независно тело и воспоставувањето на ова тело и изборот на членови одзеде доста време. Па, од МЗМП се надеваат дека во наредниот период ќе има повеќе одобрени барања.

Мал број барања во споредба со реалниот број жртви

Од почетокот на 2024 година до март 2026 година во јавните обвинителства евидентирани се 1.715 постапки за телесна повреда сторена при семејно насилство, од кои 798 постапки биле запрени поради повлекување на предлогот за гонење од жртвата, истакна месецов в.д. јавната обвинителка на Македонија, Анита Тополова – Исајловска на тркалезна маса на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство”.

Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. 2026 година започна со загрижувачки пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца, а само во еден ден (15.03.2026) МВР извести за дури седум пријави за семејно насилство во повеќе градови низ Македонија. Иако истражување на ОБСЕ од 2019 година покажува дека само 2% од жените кои доживеале насилство го пријавуваат истото, што иницира дека во реалноста многу поголем е бројот на жртви на семејно насилство.

Број на евидентирани жртви и сторители на семејно насилство
Број на евидентирани жртви и сторители на семејно насилство за период јануари-септември 2025 година

Проблемот со непријавувањето на насилството дополнително се рефлектира и во малата искористеност на механизмот за паричен надоместок. Иако бројот на жртви на насилство во државата е значително поголем, до Комисијата во изминатите две години биле поднесени само 68 барања за надоместок, од кои само четири биле исплатени. Овој јаз меѓу реалниот број жртви и бројот на поднесени барања укажува дека многу лица или не го пријавуваат насилството, или не се доволно информирани за можноста да побараат финансиска поддршка од државата.

Непријавеното насилство ја ограничува примената на законот

Иако законот предвидува паричен надоместок за жртвите на насилни кривични дела, еден од основните предуслови е делото да биде официјално пријавено во полиција или обвинителство. Во пракса, голем дел од жртвите не се охрабруваат да го пријават насилството поради страв, недоверба во институциите, стигма или зависност од сторителот. Поради тоа, бројни случаи остануваат надвор од системот за поддршка, а жртвите не можат да го остварат правото на паричен надоместок предвиден со законот.

Македонско здружение на млади правници поддржале неколку жртви во поднесување на барање до Комисијата, за кои сѐ уште немаат одговор. 

„Во некои од барањата добивме известување дека треба да се достави дополнителна документација,“ велат од МЗМП за ПИНА.мк додавајќи дека постапката за поднесување на барања и не е толку едноставна.

Со низа предизвици се соочуваат жртвите при поднесување на барања до Комисијата поради степенот на рестриктивност кој налага делото да биде претходно пријавено во полиција како и побарувањето за доставување на докази. 

„Наше мислење е дека постапката за поднесување на барање не е толку едноставна. И покрај тоа што Комисијата има своја веб страна и изработени се информативни материјали за чекорите за поднесување на барање сепак сметаме дека на жртвите ќе им треба помош при пополнување на барањето. Дополнително, постапката предвидува голем број на докази кои треба да ги достави жртвата во прилог на барањето, што всушност и самата Комисија може да ги прибави по службена должност како државјанство, доказ дека делото е пријавено во полициска станица итн. Така што овие докази ќе мора да се прибават преку овластени здруженија, подрачните одделенија на Министерството за правда, правните клиники на факултетите или адвокати. На пример ако станува збор за жртва на семејно насилство или жртва на трговија со луѓе тие се најчесто згрижени во шелтер центар и многу од овие докази ги немаат“ – појаснуваат од МЗМП.

Потребни се промени за да се подобри пристапот на жртвите до паричен надоместок и да се зголеми бројот на одобрени барања, меѓукои и промени за критериумите и постапката за одобрување надоместок.

„Всушност целта на овој закон кој го поздравуваме како многу потребен е да се додели паричен надоместок за жртвите во рана фаза на постапката без да чекаат правосилна пресуда во кривичната постапка како еден вид на солидарност кон жртвата за она што го претрпела. И затоа еден од условите е кривичното дело да биде пријавено во полициска станица, без разлика дали е познат сторителот и дали се води против него кривична постапка и тоа ги олеснува критериумите за добивање на надомест. Но, од она што го следиме е дека законот рестриктивно се толкува и се бараат докази и медицинска документација за да се докаже дека настанало тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје како директна последица од стореното кривично дело со насилство дури и кај жртви на трговија со луѓе што е едно кривично дело од областа на организираниот криминал каде има кршење на основните човекови права на жртвата и нејзиното достоинство, а жртвата е најчесто со чувство дека се наоѓа во ситуацијата која е безизлезна,“ велат од таму.

Од МЗМП појаснуваат дека членот 9 од законот е јасен дека Кривично дело со насилство се смета:

– кривично дело сторено со умисла со примена на физичка сила или со други дејства со кои настанува тешко нарушување на здравјето, како и родово базирано насилство врз жените и семејно насилство, кривичните дела поврзани со засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, трговија со луѓе и трговија со дете, согласно со одредбите од Кривичниот законик. 

Според МЗМП забуните во толкувањето произлегуваат од членот 11 од законот каде е наведено дека Под непосредна жртва, во смисла на овој закон, се смета лице кое претрпело тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје како директна последица од стореното кривично дело со насилство. 

„Од тука произлегува рестриктивното толкување на законот дека Комисијата треба да утврдува за сите дела причинско последична врска помеѓу кривичното дело и последицата односно тешко нарушување на физичкото и психичкото здравје кај жртвата. И тука се заборава на целта на законот дека пристапот до солидарниот фонд треба да биде лесен, а не да се претвори во уште една доказна постапка за жртвата,“ појаснуваат од МЗМП дополнувајќи дека не се неопходни, но може да се размислува и за законски измени во кои таксативно ќе се наведат потешките кривични дела како трговија со луѓе, ропски однос, родово базирано насилство со тешки телесни повреди итн. за кои нема да се бараат докази дека настанало тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје како директна последица од стореното кривично дело со насилство. Впрочем тоа ќе се утврдува во кривичната постапка како дел од доказната постапка. 

Постапката за остварување паричен надоместок

Постапката за остварување паричен надоместок започнува со поднесување барање од страна на жртвата, односно родителот или старателот ако жртвата е дете или нема деловна способност или од полномошникот на жртвата. Неопходно е пополнетото барање да се испечати и предаде преку архивата на Министерството за правда или да се испрати по пошта, заедно со наведената документација како лична идентификација, доказ дека делото е пријавено во полиција или обвинителство и медицинска документација од која произлегува дека жртвата претрпела тешки телесни повреди, тешко нарушување на психичкото или на физичкото здравје. 
Барањето треба да се поднесе во рок од три години од извршувањето на кривичното дело, а Комисијата одлучува со решение најдоцна во рок од 60 дена од приемот на комплетното барање.

Комисијата врши исплата во рок од 30 дена од денот на приемот на решението со коешто е одредено плаќањето надоместок на сметката на жртвата, а исплатата се врши исклучиво на лична сметка на жртвата или на родителот или старателот.

Ако сте жртва на кривично дело со насилство, вклучувајќи го родово-базираното насилство, семејното насилство, насилство врз половиот интегритет, трговија со луѓе/дете, ропски однос или други кривични дела со сериозни последици, како физички и психички, имате право на паричен надоместок. Правото на надоместок се однесува и на оние кои се обиделе да спречат извршувањето на такво дело, како и на оние кои давале помош на жртвата или помагале на полицијата при приведувањето на сторителот. Надоместок може да се бара и ако сте член на семејството на жртвата која починала поради насилство.

Жртвите имаат право на паричен надоместок за ублажување на последиците од кривично дело со насилство, согласно со овој закон, а остварувањето на ова право не го исклучува правото на жртвата да побарува надоместок на штета или да оствари друго побарување согласно со друг закон пред надлежен суд.

Право на паричен надоместок има жртва која е државјанин на Р.С.Македонија, странски државјанин кој во времето на извршување на кривичното дело престојувал на територијата на Македонија, како и лица без државјанство.

Предуслов за остварување на правото на паричен надоместок согласно со одредбите од овој закон е кривичното дело да е евидентиранo или пријавено во полиција или во јавното обвинителство и кривичното дело да се случило во Македонија.

На барање на жртвата, полицијата или јавното обвинителство се должни на жртвата, на нејзиниот родител или старател или полномошник да му издадат соодветно известување, записник за примање пријава, службена белешка или потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело. Заради ублажување на последиците од кривичното дело, жртвата има право на паричен надоместок за трошоци за лекување и медицински помагала, изгубена заработувачка, трошоци за погреб, изгубена издршка и солидарна помош за претрпени последици од кривичното дело. Вкупниот износ на паричниот надоместок на жртвата не може да го надмине износот од вкупно 5.000 евра во денарска противвредност.

Основање и статус на Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Со Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство се уредуваат правото на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, условите за остварување на правото на паричен надоместок, видовите паричен надоместок, основањето, статусот, составот и надлежностите на Комисијата за надоместок на жртви од кривично дело со насилство, изборот, мандатот, престанокот на мандатот, како и разрешувањето на претседателот и на членовите на Комисијата, средствата за исплата на паричниот надоместок на жртвите, информирањето и поучувањето на жртвите, постапката за остварување на правото на паричен надоместок, правото на регрес, постапката во прекугранични предмети, како и евиденцијата и чувањето на податоците за остварување на правата од овој закон.

Целта на Законот и Комисијата за исплата на паричен надомесот на жртви од кривично дело со насилство е да се обезбеди паричен надоместок на жртвите од кривични дела сторени со насилство како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност, и да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи.

Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство формално-правно започна со работа од 07.08.2024 година, кога е регистрирана како правен субјект во Централниот регистар и делува со усвоен Деловник за работа како новоформиран независен правен субјект кој одлучува за правото на паричен надоместок и за определување на видот и висината на паричниот надоместок на жртвите од кривично дело со насилство.

Комисијата има 5 члена, кои ги избира Владата на Македонија по претходно доставена листа со предолжени кандидати од Министерството за правда. Членовите се избираат со мандат од 4 години, без право на повторен последователен избор и претседател на Комисијата со мандат од 2 години, со можност за реизбор.

Во моментов, Цветанка Периќ – судијка од Врховниот суд е претседателка на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство. Додека пак Марија Тодоровска, Кадри Хаџихамза, Светлана Цветковска и Стевчо Донев се нејзини членови.

Комисијата одлучува за правото и висината на паричниот надоместок на седници со кои претседава претседателот на Комисијата, а одлуките се со кворум од три члена. Работата на Комисијата е јавна. Јавноста се обезбедува преку редовно објавување информации за својата работа на веб-страницата на Комисијата, прес-конференции, преку годишните извештаи за работа на Комисијата, како и преку други форми на информирање.

Комисијата е должна во донесените решенија да ги анонимизира сите лични податоци за сите лица наведени во решението и да ги објави на веб-страницата, најдоцна во рок од 15 дена од нивното донесување.

Сепак засега празно стои полето за годишни извештаи на веб-страницата на Комисијата.

Скриншот објава од страницата на Комисијата за паричен надоместок на жртва од кривично дело со насилство
Скриншот објава од страницата на Комисијата за паричен надоместок на жртва од кривично дело со насилство

Просториите и средствата за работа на Комисијата и за исплата на надоместок на жртви од кривично дело со насилство, се обезбедуваат во рамките на буџетот на Министерството за правда, донации и други извори.

Претседателот на Комисијата има право на месечен надоместок во висина од 1/2 од просечната месечна исплатена нето-плата по вработен за претходниот месец на ниво на Македонија. Членовите на Комисијата имаат право на месечен надоместок во висина од 1/3 од просечната месечно исплатена нето-плата по вработен за претходниот месец на ниво на Македонија.

Комисијата согласно нејзиниот Деловник има изработено и промотивен материјал, како видео материјали, постери и брошури со информации за формата и содржината на барањето за остварување на паричен надомест за жртви од кривично дело со насилство како и можноста за електронско поднесување на барањето за паричен надомест на жртви од кривично дело со насилство, објавени на веб-страницата на Комисијата komisijazanadomestoknazrtvi.mk 

Иако во текот на 2025 година, Комисијата учествувала на повеќе настани на тема заштита на правата на жртвите од насилство од едукативен и информативен карактер, од МЗМП сметаат дека е потребна поголема промоција на Комисијата и правото на паричен надоместок кој можат да го остварат жртвите на насилен криминал. Додека во однос на транспарентноста и комуникацијата со Комисијата, од МЗМП велат дека навистина е на добро ниво, достапни се за комуникација и отворени за соработка. 

Иако воспоставувањето на систем за паричен надоместок претставува значаен чекор кон институционално признавање и поддршка на жртвите на насилство, досегашната примена покажува слабости кои ја доведуваат во прашање неговата ефективност. Малиот број одобрени барања, сложената постапка, како и ниското ниво на информираност кај жртвите, укажуваат дека механизмот повеќе формално постои отколку што функционира како достапна поддршка. Доколку институциите не направат суштински промени како поедноставување на процедурите и проактивно информирање на јавноста, постои ризик овој инструмент да остане недоволно искористен, а жртвите и понатаму да бидат оставени без навремена и соодветна финансиска помош.

Автор: Љубица Иванова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.