Велес уште ја чека модуларната ковид болница, а недостига и здравствен персонал

0
355

Багерите што  ја копаат земјата од ридот и камионите што ја изнесуваат од дворот на велешка болница, веднаш над  хелиодромот, засега се единствените видливи работи на градежната парцела на која ќе се гради платформа и ќе се поставува модуларна ковид болница во Велес. Изградбата доцни на избраната локација, познатa меѓу Велешани по името „германски гробишта“. Оваа парцела  со површина од 49,20 метри на 14,40 метри беше избрана уште за време на техничката Влада на земјава и требаше да биде готова многу порано, пред  да стигне есента и предвидениот втор бран на корона вирус, за да и овозможи на ЈЗУ Општа болница Велес дополнителни 45 легла што со постоечките 54 на Инфективно одделение ќе може да прифати и пружи квалитетни здравствени услуги на вкупно 99 ковид пациентите во општината. Но тоа не се случи.

Градежните работи  за поставување на Модуларната болница започнаа пред две недели откако Велес  и неговата градска болница го издржаа најголемиот ударен бран на ковид-19 кој го достигна пикот од  80 пациенти или 2,5 пати повеќе во споредба со првиот налет на заразното заболување во општината, од пролетва. Тогаш бројот на болнички ковид пациенти изнесуваше од 20 до 30 додека сега изнесува помеѓу 60 и 80 ковид пациенти.

Модуларната ковид болница во Велес ќе се постави веднаш над Инфективно одделение, што во велешкиот болнички комплекс од секогаш било издвоено како засебна целина, засебен објект, поради посебните и карактеристични видови на здравствени услуги што се даваат на пациентите.  Иако ќе бидат блиску една до друга,каскадно, поточно ќе ги дели низок земјен брег, модуларната ковид болница и Инфективно одделение, нема да бидат меѓусебно поврзани. На прашањето зошто е тоа така, портпаролката на ЈЗУ Општа болница Велес ни одговори:

– Такви се засега плановите што не значи дека и нема да се поврзат. Тоа ќе треба да се случи подоцна. Првично според планираните средства за поставување на Модуларната ковид болница во Велес,  за чија платформа, довод на електрична енергија, вода и одвод средства обезбеди  општината додека Министерството за здравство го обезбеди   монтажниот објект, медицинскиот мебел, инвентар и апарати. Најверојатно,првично не е пресметана ставка за топла врска. Сепак менаџерите на велешка болница се надеваат дека Министерството за здравство, финансиски ќе и помогне на болницата и за оваа потреба за да се овозможи меѓусебна поврзаност и  подобра функционалност помеѓу двата оддела.  Сега приоритетно значајно за јавната здравствена институција е да добие нови 45 легла што заедно со 54 на Инфективно одделение ќе овозможат во ист временски период лекување на 99 ковид пациенти. Ако го земеме во предвид најкритичниот момент, првите две недели на месец ноември, кога максималната пополнетост на легла изнесуваше 80 тогаш можеме да констатираме дека болницата ќе добие дополнителни 19 легла. Според  прогнозите реално и ќе бидат потребни со оглед на најавата за можен трет бран на епидемијата.  Во претходно посочениот, најкритичен момент, ковид пациентите се лекуваа на Инфективно и на Одделението за физикална медицина и рехабилитација,  рече др Весна Николовска Неделкова.

И сега велешка болница користи два болнички оддели со вкупен капацитет од 78 легла за лекување на ковид пациенти што меѓусебно се разделени. Одделението за физикална медицина и рехабилитација се наоѓа на влезот во болницата додека Инфективно одделение на горниот крај во медицинскиот комплекс. Во  нив, „ очи во очи“,  битката со невидливиот убиец ја водат вкупно три лекари инфектолози, една кожна лекарка, доброволец кардиолог што дежура иако е вработен во приватна здравствена установа, четворица интернисти и две лекарки по општа пракса кои чекаат специјализација како и седум општи лекари специјализанти од повеќе медицински гранки заедно со 42 медицински сестри и техничари.

Дали и кога велешката болница ќе добие нови 14 медицински сестри?

Од постоечкиот персонал составен од инфектолози и интернисти, не се сите специјализанти, бидејќи има и дел кој не се одзваа на повикот на министерството за помош иако болницата поточно велешани им ја плаќаат специјализацијата како и општите лекари кои чекаат специјализација, како и еден кардиолог доброволец  со средностручните здравствени работници   се дел од Инфективно и Физикално одделение. Доколку ова се знае ја прашавме портпаролката на јавната здравствена установа кој тогаш ќе работи во Модуларната ковид болница, штом таа ќе треба да нуди услуги за дополнителни 45 легла, со централен довод на кислород , посебна амбуланта, соба за интензивна нега, лабораторија  како и ренген за снимања на ковид пациентите.

– Болницата има пријавена итна потреба на 14 медицински сестри. Со нивно вработување ќе се зголеми бројот на средностручен медицински персонал кој со 30 медицински сестри на Ифективно како и останатиот здравствен персонал кој болницата го има на располагање и го ротира ќе ја опслужуваат и Модуларната болница. Секако дека  првично ќе помагаат лекарите, специјалисти освен тројцата  инфектолози исто така и интернистите заедно со специјализантите и општите лекари што чекаат на специјализација. На вработените здравствени работници воопшто не им е лесно, особено на оние што се ангажирани од почетокот на епидемијата.

Со секој инфициран лекар или медицинска сестра, техничар, хигиеничар, ренген техничар, технички персонал двојно се зголемува работата на заменските здравствени работници. Затоа апелираме до граѓаните да носат заштитни маски, да седат дома, да ги намалат  контактите на најнеопходни, редовно да мијат раце и да употребуваат дезинфекциони средства. Само така ќе ни помогнат. Што помалку ковид пациенти значи и се помала опасност од инфекција на здравствениот персонал. Ние и сега имаме колеги на домашно лекување или во изолација па затоа дежураме секој трет ден , вели др Николовска Неделкова.

Со десеткуван број на лекари и на средно стручен медицински персонал од веќе посочениот, погоре, на Инфективно во Општа болница Велес од  почетокот на месец март до 25 ноември, годинава се лекувале вкупно 480 позитивни ковид пациенти. Од нив 38 починаа во болницата. Двајца од нив беа непотвдени.  Починатите се 27 мажи и 11 жени во Велес. Најмладата беше пациентка од село Бузалково на возраст од 32 години а највозрасниот маж на 89 години од Велес.

Брзите резултатите од ковид тестирањата се еднакво важни како и слободното болничко легло

Во вардарски регион, составен од девет општини,  Свети Николе, Лозово, Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија, но и надополнет со Гевгелија, земањето на брисови го врши ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес. Ако просечно дневно, двајцата вработени епидемиолози и уште неколкумина техничари, успевале да земат по 30 брисови  тогаш од март до 25 ноември, годинава треба да се земени 5595  брисови. Оваа новинарска проценка можеби и не е целосна, но точната бројка ја нема ниту Епидемиолошката служба во велешкиот Центар за јавно здравје, каде поради недостатоци во работата и не водење на епидемиолошките анкетни листови на заразените ковид пациенти од страна на Министерството за здравство беше сменет  в.д  директор Тони Димитриев.

Исто така треба да се соопшти дека вкупната бројка на земени брисови не е само од  граѓани кои живеат во овој регион туку од цела држава затоа што термините за земање на брис ги закажуваат матичните лекари од сите градови според покажан број на слободни места преку Мој термин.

Брисови се собираат во Велес и се носат за Скопје

Но, земените брисови не се работат во Велес. И покрај Микробиолошката лабораторија велешкиот Центар за јавно здравје само ги собира брисовите и ги носи на анализа во Институтот за јавно здравје во Скопје. На прашањето има ли доволно простор, квалификувани здравствени работници и медицински апарати во Микробиолошката лабораторија во велешкиот центар за изработка на ковид тестови в.д директорката рече:

-Квалификуван здравствен персонал и простор има. Недостасуваат два медицински апарати кои би овозможиле двосменска работа и изработка на шеесеттина резултати дневно со што би се скратило времето на чекање на сомнителните или пак на позитивните ковид пациенти. Од денот на моето именување за в.д директор на Центар за јавно здравје Велес, јас во повеќе наврати се обидов да ги обезбедам потребните финансиски средства  за набавка на овие два  автоматизирани медицински апарати, Екстрактор и ПЦР.

До денеска моите обиди не се успешни па дури и преку мобилизирање на бизнис заедницата од чии донации сметав дека можеби би можеле да се набават.  Тие се скапи, двата чинат околу 3 до 4 милиони денари. Сепак со нивно ставање во употреба би се подигнал квалитетот на здравствената услуга на јавната здравствена институција, особено во ковид епидемија, преку скратување на времето за добивање на резултатите што е особено важно за заболените граѓани како во поглед на навремена дијагностика така и за нивна хоспитализација, вели за ПИНА в.д директорката Анастасија Иванова.

Таа објаснува дека овие два апарати се софистицирани и автоматизирани што значи дека сега би биле ставени во функција за најпотребните ковид анализи додека по завршувањето на епидемијата за изработка на вирулошки тестови како хепатити А,Б,Ц,Д и Г, за анализи и резултати од ХИВ, ХПВ, Херпес, Цитомегало, респираторни инфекции како грип инфлуенци А,Б потоа за испитување на стрептококи, на пнеумонии и уште најмалку десеттина други видови на микробиолошки анализи.

-Од аспект на менаџер јас ја гледам и другата страна поточно и генерирање на приход на Центар за јавно здравје. Секако тоа не значи дека се би плаќале пациентите. Најголем дел од извршените анализите би ги правеле  преку Фондот за здравство но би постоела и опција за здравствени услуги што Центарот би ги ставал на располагање со наплата, додава таа.

Таа се надева дека двата многу потребни апарати можат да се обезбедат и преку донатори од странство за што е потребно да се доработи проектот што сама почнала да го пишува и со него да се аплицира пред се во Амбасадата на Јапонија но и кај други познати и докажани пријатели на македонскиот здравствен систем.

Ако ги има, сега во екот на пандемијата Центарот би работел и за потребите на велешката болница и за болниците во регионот како за пациенти така и на скрининзи на здравствениот персонал. Нивниот број не е мал. Деновиве само во Велес, кога ковидот генерира нови од 60 до 80 заразени пациенти, исто така само во велешка болница со 300 вработени има инфицирано 28 лекари, сестри, административни работници и фармацефт додека во изолација се 12 лекари, сестри, фармацевтски и ренген техничари. Тоа во проценти значи 13,5 отсто од вработените.

Сепак општиот впечаток е дека пред третиот, најавуван ковид бран, како целото внимание да е насочено кон Модуларната ковид болница што заедно со Инфективно одделение ќе треба да понудат поголема функционалност од една и од друга страна ќе треба да го растоварат останатиот дел на болничкиот комплекс, особено Б – тракт на Интерно одделение каде сега се лекуваат ковид пациенти со негативни тестови но сеуште имаат потреба од здравствени болнички услуги,  како и Оделението за физикална медицина на кое здравствени услуги добиваат полесните форми на ковид болни пациенти.

Освен терапиите, неопходна е и добра психолошка подготвеност

Првата потврдена пациентка во Велес, што се лекуваше на Инфективно одделение беше Љубинка Попова. Педесет и шест годишната жена во болница беше примена заедно со уште двајца нејзини колеги од јавно претпријатие. Подоцна на Инфективно заврши и нејзиниот сопруг. Тој и колегите многу потешко се справија со болеста. За жал еден од колегите почина. Попова во битката со вирусот излезе како победник.

-Во болница отидов со скршена подлактица и по пет дена, колку што беа потребни да го добијам резултатот од тестот. Таму заминав откако ги организирав тестирањата на сите вработени, ја извршивме неопходната дезинфекција на управната зграда, на помошните објекти, на сите возила за што особено им благодарам на Центарот за јавно здравје Велес и ставивме клуч на влезните врати. Никој од вработените на Инфективно не дозна дека претходно, дома, при дезинфекција на бањата се лизнав, паднав и ја скршив раката. Додека се лекував, примав инфузии, повредената раката со здобиена скршеница  ја држев на перница и не побарав помош. Болките ги поднесов, не побарав да бидам снимена на ренген затоа што знаев дека можеби ќе инфицирам здравствен работник. Јас и колегите се заразивме на 12 март, годинава, кога сеуште само читавме информации за опасната зараза во Вухан а потоа и во Италија, вели Попова.

Според неа, најверојатно преносот на вирусот се случил на службен состанок каде освен присутните, доаѓале и странки по документи.

,,Потоа во ист момент симптомите се појавија кај пет вработени.  Никој од нив не знаеше кој е прв. Јас од симтомите имав само изгубен осет за мирис и вкус. Резултатот  од земениот брис покажаа  дека сум позитивна. Со него всушност сфатив и јас и колегите дека меѓу себе сме си го пренеле вирусот, затоа што е многу вирулентен во воздухот, на состаноци или при возење во  службените возила. Подоцна како претпријатие веќе добивме и инструкции за заедно да не се возиме во службени возила, инжинери, техничари, возачи  но за нас тоа беше доцна. Ќе додадам дека кога ние влеговме за прием, Инфективно одделение и медицинскиот персонал во велешка болница веќе беше подготвено да се справи со заразата а јас во ниту еден момент не дозволив да ме фати паника или страв за што мислам дека најмногу ми помогна да се излекувам, рече Попова.

Инаку Попова е подготвена да даде крвна плазма за потребите од лекување на ковид заболени. Вели дека е достапна за сите на кои им е потребна ваква или помош во поддршка. Советувајќи дека психолошката подготвеност на заболените е еден од клучните фактори болеста поскоро да се преброди, Попова, раскажа и за негата што ја добила од професионално подготвениот и опремен здравствен персонал но и за самопомошта што меѓу себе, еден на друг, што си ја давале болничките ковид пациенти.

Ковид-19 им го скрати правото на специјалистичко лекување на останатите граѓани

Но, право на здравствена услуга треба да имаат и останатите пациенти, оние што поради коронавирусот, се чувствуваат занемарени а боледуваат од интерни па и друг вид на заболувања и засега ограничено, ги добиваат.  За итните случаи велешка болница ги отвора вратите на останатите одделенија како Интерно, Детско, Гинекологија и Акушерство, Нервно со Невропсихијатрија, Очно и ушно, Детско одделение и особено Одделението за хирушки болести во чии болничките операциони сали специјалистите хирурзи, ортопеди,анестезиолози па и операционите сали во кои оперираат гинеколозите  се оперираат пациенти и без ковид тест резултат иако на пример тие, здравствените работници,  мора да имаат негативен резултат од тест исто како и операционите сали.  Погледнато од страната на пациентите ова не е доволно.

Убавка Јаневска

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.