
Промените во Кривичниот законик, недостигот на реформите и недостигот на политичката волја, се клучните фактори за неуспехот на земјата во борбата против корупцијата, сметаат експерти од областа.
Покрај низа злоупотреби што се објавија во различни медиуми, неуспехот во борбата против корупцијата се одрази и во последниот извештај на Freedom House, каде што земјата доби слаба оценка. За да имаме повеќе напредок во оваа област, експертите сметаат дека институциите треба да прават темелни реформи и да се справаат по сериозно со оваа проблематика.
Системски пристап во борбата против корупцијата
Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) истакнуваат дека се потребни сеопфатни и системски активности за поефикасна борба против корупцијата, зајакнување на институционалниот интегритетот, зајакнување на системот на отчетност и одговорност како и на личниот интегритет на носителите на јавните функции.
„Државната комисија за спречување на корупцијата изразува загриженот во однос на наводите во последниот извештај „Државите во транзиција“ (Nations in Transit) на организацијата Freedom House, каде е нотирано дека Република Северна Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Потрeбно е зајакнување на институционалниот интегритетот како и зајакнување на системот на отчетност и одговорност како и на личниот интегритет на носителите на јавните функции“, велат од ДКСК за ПИНА.мк
Покрај зајакнувањето на институционалниот интегритет, ДКСК предлага и примена на превентивни механизми за спречување на корупцијата.
„Потребен е системски пристап во борбата против корупцијата, при што покрај зајакнување на капацитетите и посветеноста на органите на прогонот, обвинителството и судството, во откривањето и санкционирањето на корупцијата и зајакнување на отпорноста кон корупција во нивните редови, неопходно е да се обезбеди примена на превентивните механизми, исполнување на активностите и мерките предвидени во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси како и имплеметација на препораките и иницијативите на регулаторните независни институции меѓу кои е и Државната комисија за спречување на корупцијата“, додаваат од таму.
Според Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, слабиот резултат на извештајот на Freedom House, се должи на промените на Кривичниот законик, кој што значително ги намалуваат казните за злоупотреба на службената должност пред се на злоупотреба на јавните средства преку јавни набавки.
„Тоа е голем чекор назад и услов меѓу другото за да се подобри ова борба е преку враќање на старите одредби. Исто така засилување на обврската за имплентација на препораките на Државниот завод за ревизија кој што многу објективно ги нотира сите слабости и злоупотреби во државните институции е чекор кон кој што треба да се оди за да се подобри ефикасноста на оваа борба“, вели Трошановски за ПИНА.мк
За да се подобри борбата против корупцијата, Трошановски смета дека е потребно и реформи во судството.
„Реформирање на регулаторните тела, односно на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и престанување на политичкото влијание, секако ќе ја намали улогата која што ја има политиката во судството, а со тоа ќе го направи и самото по независно. Исто така, доделување на повеќе финансиски средства како на обвинителството, така и на судството, зголемувањето на бројот на истражители во јавното обвинителство и унапредување на условите на кои судиите работат и функционираат ќе ја подобри таа борба“, додава тој.
Исто така, според него, Законот за високо раководна служба, со кој што се намалува влијанието на политичките партии при именување на раководни функции во јавната администрација, е нешто што долго време се одовлекуваше и од страна на ВМРО-ДПМНЕ и од страна на СДСМ-ДУИ владата, и тој е закон кој што треба час по скоро да се донесе во Парламентот.
„Сепак политичката волја, односно носителите на највисоките функции одговорни во државата се тие кој што треба да водат сметка за тоа да ова општество конечно излезе од калта и посветено и без толеранција се борат против коруптивните пракси кој што се појавуваат, без оглед на тоа од која партија доаѓаат функционерите кој што прекршуваат закон“, смета Трошановски.
Нема политичка волја, за борба против корупцијата
Според ДКСК, нема доволно политичка волја за превземање на активности за борба против корупцијата.
Од таму велат дека, од донесувањето на Националната стратегија, со која што Собранието ги задолжува сите надлежни институции за надминување на детектираните приоритетни проблеми, ДКСК спроведе вкупно три евалуациони циклуси и изготви три годишни извештаи, за 2021, 2022 и за 2023 година и истите ги има доставено до Собранието. Меѓутоа, институциите не ги спровеле предвидените активности.
„Овие извештаи најдобро ја прикажуваат успешноста и подготвеноста на институциите во борбата против корупцијата и од друга страна, постојано ги потсетуваат сите активни чинители дека е потребен систематски пристап кон борбата против корупцијата, што е воедно и главната цел на постоењето и спроведувањето на Националната стратегија. За жал, податоците говорат дека од вкупно 166 предвидени активности за 2023 година, 22 активности се реализирани (13%), 89 се нереализирани (54%), додека пак 55 активности се во тек на реализација (33%). Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за 2023 година, Државната комисија го донесе на 06.02.2024 година и истиот го достави до Собранието,“ додаваат од таму.
Отсуството на политичка волја за справување со корупцијата е нотирано и во извештајот на Фридом хаус, а позитивно е оценета улогата на граѓанското учество.
„Во Северна Македонија силната политичка поларизација и парламентарните блокади го попречуваат донесувањето на легислативата на национално ниво, но постојаните подобрувања на локалните власти во транспарентноста, граѓанското учество и меѓуопштинската соработка имаа значително позитивно влијание врз демократијата и испораката на јавни услуги,“ се вели меѓудругото во извештајот.
Според одделните категории, највисока оценка земјава добила за граѓанско општество 4,75, додека најниско е оценета во категориите судска рамка и независност, и корупција со 3.25.
Авторка: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА