Новата влада да вклучи реформи за унапредување на родова еднаквост, бараат 23 организации

0
195

Вкупно 23 организации кои ја сочинуваат Платформата за родова еднаквост бараат од идната влада да ги вклучи нивните препораки како приоритетни во унапредувањето на родовата еднаквост.

Нивните препораки се упатуваат до централната и до единиците на локална самоуправа со цел да ја имаат предвид родовата еднаквост во повеќе сфери. Меѓу барањата се повторно изгласување на Законот за заштита од дискриминација, итно усвојување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, измени и дополнување на Законот за семејство и усогласување со одредбите на Истанбулската Конвенција за елиминација на сите форми на насилство врз жената во чл.31, чл.32.

Во препораките е содржано и воспоставување институционални механизми за заштита од сексуално вознемирување на универзитетско ниво, како и воспоставување на централен механизам за родова еднаквост како самостојна стручна служба (Секретаријат) во рамки на Владата на РСМ.

Како што соопштуваат од Платформата за родова еднаквост, нивните предлози и барања се изготвени имајќи ја предвид состојбата со родовата еднаквост во земјата и потребата за нејзино понатамошно и континуирано унапредување.

„Но и знаејќи ги насоките по кои се унапредува еднаквоста во демократските општества ширум светот и аспирациите на нашата држава да биде дел од меѓународни заедници кои меѓу другото ги темелат своите вредности и начела на родовата еднаквост“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Целата листа на препораки и барања може да се види тука.