ХЕРА: Позитивни знаци од наставниците за почеток на сеопфатно сексуално обрзование

0
297

Почетнички позитивни знаци даваат одговорите на 600 наставници за воведување на Сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата низ земјава. Истражувањето го спроведе невладината ХЕРА на тема „Ставови на наставниците за воведување на сеопфатното сексуално образование во училиштата“.

Во истражувањето се содржани процените и ставовите за важноста на содржините од сферата на сеопфатното сексуално образование (ССО), мотивите за негово вклучување или невклучување во образованието, како и увидените пречки за воведување на овие содржини во наставата што ги имаат наставниците од основното образование кај нас.

„Врз основа на наодите од анкетата, на која доброволно и анонимно одговорија вкупно 600 наставници од основните училишта во земјава (500 кои држат настава на македонски и 100 кои наставата ја изведуваат на албански јазик), може да се заклучи дека е создадена почетна позитивна атмосфера за воведување формална настава за сексуално образование која ќе ги покрива сите содржини препорачани од релевантните меѓународни институции“, соопштија од ХЕРА.

Меѓу 89 отсто и 99 отсто од дадените одговори го поддржуваат дополнувањето на официјалните наставни планови со следниве теми: заштита од сексуално насилство, вклучувајќи насилство на социјалните мрежи, телесни промени во пубертетот, разликите меѓу половите и родовата рамноправност, и карактеристиките на здравите врски. Наставниците, а особено наставничките, генерално се свесни за важноста на темите што ги опфаќа ССО, а сосема задоволителен број од нив покажуваат и подготвеност да бидат вклучени во обука и во реализација на содржините.

„Ова истражување претставува еден вид надоврзување на телефонската анкета меѓу 800 родители на деца на школска возраст, што ХЕРА ја спроведе во јуни 2019 година, а наодите покажаа дека меѓу 82 отсто и 96 отсто од родителите се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од ССО во училиште“, велат од ХЕРА.