Слаб интерес за политика, незадоволство од функционирањето на демократијата, ниска доверба во институциите, голема хомофобија и ксенофобија, а и голема религиозност.
Ова се некои од главните наоди од последното Европско општествено истражување, на кое за првпат учествуваше и Македонија. Анкетата во земјава ја спроведе Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ од Скопје врз 1.429 испитаници на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година.
На прашањето колку политичкиот систем им дозволува на граѓаните да учествуваат во одлуките на властите, преку 40% од анкетираните одговориле дека тоа воопшто не е случај.
Националната координаторка на истражувањето Анета Цекиќ која е и професорка на Институтот за ПИНА објаснува дека интересот за политика е меѓу најниските споредено со европските земји.
„Загрижувачки е тоа што 78% од нашите граѓани не се заинтересирани за политика од кои 43.6% воопшто незаинтересирани и 34.4% малку заинтересирани. Дури 65% од граѓаните не се сметаат способни да земат активно учество во група што се занимава со политика“, вели Цекиќ.
Задоволството од демократијата на скала од 0 до 10 е оценето со 3.8. Со уште неколку земји ги делиме најниските оценки, а за споредба, највисоките оценки се некаде над 7.5 степени.
Воедно, во однос на тоа колку се задоволни Македонците од начинот на кој функционира демократијата во земјава, 19.4% велат дека се многу незадоволни, што ја сместува земјава на дното по ова прашање.
Ставовите на македонските граѓани кон хомосексуалноста се убедливо најконзервативни во европски рамки, но исто така и споредбено со земјите од регионот, истакнува Цекиќ.
„Додека европскиот просек на согласност со тврдењето дека геј мажите и лезбејките треба да имаат слобода да го живеат својот живот како што сакаат е над 75%, кај нас истиот е 24%, односно е најнизок од сите земји. Исто така, 61% од граѓаните би биле засрамени доколку близок член од семејството е геј или лезбејка, што е највисок процент од сите земји. Постои голем јаз уште при споредбата со следната земја на листата – Црна Гора, 39%, додека со најниските проценти за ова прашање се само 2%, дури во три земји“, додава таа.
Националната координаторка на истражувањето напоменува дека надлежните институции треба да ги земат предвид овие податоци, бидејќи, како што додава, се алармантни. Таа посочува дека ваквите податоци укажуваат на многу раширена и голема нетолерантност кон граѓаните со нехетеросексуална ориентација.
„Државата треба да се грижи да обезбеди баланс меѓу потребите на сите групи на граѓани кои делат некакви заеднички карактеристики. Како што националните, етничките и религиозните малцинства треба да уживаат заштита, истото треба да се однесува и на сите останати малцински групи во општеството“, децидна е Цекиќ.
Уште еден загрижувачки параметар е ниската доверба во институциите. Најголема е довербата во научниците, а истовремено и во споредба со европските земји. Убедливо најниска доверба имаат политичките партии со 2.6 и политичарите со 2.5 степени.
Во меѓувреме, истражувањето покажа дека 42% од граѓаните се многу религиозни, во согласност со степените 8, 9 и 10 на понудената скала од 0 до 10. Дополнително и 96% од испитаниците одговориле дека припаѓаат на некоја религија или верска заедница, што претставува највисок процент од сите земји. Во однос на ова, следни на листата се Црна Гора и Грција со 91%, додека најдолу на листата се Чешка и Естонија, односно со 18% и 27%.
Македонија за првпат се приклучува на ова истражување кое се спроведува од 2002 година, и во кое досега учествувале повеќе од 35 европски земји.
„Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, првпат до МОН поднесе иницијатива за приклучување во 9-от бран во 2018 година. Со оглед дека роковите беа тесни, одлука за учество беше донесена во јуни 2019 година, за 10-тиот бран, кој беше планирано да се спроведе 2020-2021 година, но кој се пролонгираше поради пандемијата“, објаснува Цекиќ.
Но, продолжувањето на учеството, таа вели дека зависи од МОН, со оглед на тоа што МОН треба формално да го поднесе барањето за членство, да ја плати членарината во конзорциумот и да ги покрие трошоците за теренското истражување.
„По успешното спроведување на 10-от бран како земја-гостин, и исполнувањето на стандардите на истражувањето кои се многу ригорозни, до МОН беше упатена покана за полноправно членство. Тоа подразбира учество во следните два брана (11-ти и 12-ти). Досега МОН нема одговорено формално на оваа покана, но тоа може да го направи во било кој момент. Се надеваме дека МОН ќе поднесе барање за членство и учество во 12-тиот и 13-тиот бран кои треба да се реализираат во 2025/2026 и 2027/2028“, децидна е Цекиќ.
Според неа, оваа инвестиција не е голема, со оглед на тоа дека собраните податоци потоа се достапни под отворен пристап за сите истражувачи во земјава и во Европа.
„Имајќи предвид дека финансирањето на научните истражувања во земјата е скоро непостоечко, на ова треба да се гледа како на почетна инвестиција во истражувањата од областа на општествените и хуманистичките науки. За нас како истражувачи е од исклучителна важност да бидеме дел од вакви компаративни истражувања. Податоците од нив можеме да ги користиме за објавување во домашни и меѓународни научни списанија и публикации“, вели Цекиќ.
Националната координаторка, дополнително објаснува дека исто така, истражувањето е познато и поради употребата за креирање на политики од европските и националните институции.
„Се работи за огромна база на податоци од сите земји кои досега учествувале, кои се достапни под отворен пристап на порталот за податоци на ЕОИ. Не помалку важно е дека приклучувањето во вакви европски конзорциуми за истражување е дел од критериумите за напредок во пристапниот процес во поглавјето кое се однесува на наука“, вели Цекиќ.
За наодите од ова истражување, ПИНА разговараше и со социологот Илија Ацески кој вели дека во македонското општество во најголем дел е потисната позитивната енергија, а оптимизмот дека можеме да градиме демократско општество на слободни граѓани, на мултикултурно општество се намалува.
„Ние се повеќе се сомневаме во тоа, не веруваме дека некој може да ни помогне и тука настанува тоа длабинско разочарување, повлекување во самите себе, но тоа на некој начин им одговара на некои владејачки елити. Во тие ситуации тие многу полесно се расправаат со народот, но се до оној момент во кој ќе се појави критична маса која ќе бара промени. Моментално сме корумпирано распадната држава каде во институциите постои една системска корупција која се вградува во системот повеќе време и прашање е што после ова. Македонското општество е многу сложено општество. Затоа, повеќе од јасни се овие одговори од страна на анкетираните граѓани“, смета Ацески.
За слабиот интерес за политиката кај граѓаните, тој вели дека како држава не сме исклучок и дека ова се случува и во други земји.
Според него, во Македонија во последните две децении, политичкото во секоја сфера во општеството се демонстрирало и наметнало и станало агресивно. Заслугата за тоа, вели дека е на политичките партии, оние кои се борат за власт, и кои, како што вели, не бираат средства и начини како да дојдат на власт.
„Луѓето кај нас всушност се сомневаат во таа група на луѓе, иако сме сите свесни дека некој мора да владее. Тие не веруваат во тоа дека оние кои се вклучени во главните политички процеси ќе ја водат државата на еден пристоен начин и така се создава одбивност спрема политиката. Сите ние сме презаситени од политика“, додава тој.
Во меѓувреме, социологот Ацески за одбивноста на граѓаните спрема ЛГБТ заедницата вели дека тоа е друга димензија, односно дека во Македонија се истакнува традиционалноста.
„Иако има поместување на ставовите на луѓето по однос на ова прашање, сепак луѓето различно размислуваат по споредба со некои од другите европски земји. Воедно, црквата е прилично силна во Македонија и таа е апсолутно против тоа, а таквото размислување има огромно влијание врз луѓето. Ние како општество сè уште ова така лесно не можеме да го прифатиме како другите земји“, дециден е Ацески.
Уште еден податок, што произлезе од истражувањето е тоа дека околу 19% сметаат дека клучните одлуки за државата ги носи ЕУ наместо властите во државата.
По однос на ова прашање, социологот Ацески вели дека во македонската јавна свест сè уште преовладува психологијата на завери, односно психологија на посилниот, дека како држава практично ништо не одлучуваме, дека се е одлучено од некои западни центри и дека тоа ние едноставно го прифаќаме.
„Тука имаме две страни. Едната е дека се ослободуваме од одговорноста за сопствениот развој, дека друг, односно посилниот одлучува за нас, а другата страна не олабавува на некој начин, па велиме не можеме ништо да направиме, таква е ситуацијата. Тоа оди и во прилог на тие владејачки елити во Македонија на некој начин, односно народот се оградува сметајќи дека некој друг е задолжен да решава за прашања поврзани со нашата земја. Знам дека многу работи зависат од нас. Ние како народ кога би преземале нешто порадикално, мислам дека состојбата би била малку поинаква“, објаснува тој.
Повеќе податоци по области за истражувањето може да се најдат на следниот ЛИНК.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на менторската Програма за млади новинари на ПИНА