Младинската работа ќе биде професионализирана, се отвораат нови магистерски студии на Филозофскиот факултет

0
144

Со новите магистерските студии што ќе се отворат на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, младинската работа од следната академска година ќе биде дел од формалното образование.

На вчерашната конференција на која беше презентирана студиската програма беше посочено дека за првпат во државава, но и на Балканот се отвора можност за професионално градење кариера на ова поле.

Како што појасни Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа, ваквата иницијатива ќе придонесе за отворање на работни места за младите, а со тоа ќе помогне во борбата за спречување на одливот на мозоци.

„Обезбедуваме сертифицирани обуки за младински работници тоа е преку неформални едукации, меѓутоа за првпат кај нас има можност за формално образование. За првпат младинскиот работник како професионалец кој го поддржува личниот и автентичниот развој на младата личност, ќе може да биде формално препознаен од системот, ќе може да се вработи и ќе може да се пензионира. Како што постои педагог, психолог, социјален работник, наставник тоа се тие професии помагатели на младите, сега се вклучува и младинскиот работник“, појасни Атанасов.

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев, истакна дека младите се клучен фактор за една држава и следствено на тоа, вели дека треба постојано да се вложува во новите генерации.

„Идејата беше да започнеме како прв циклус на програма или некој вид на специјализација. Но поради ресурсите и состојбите, степенот на млади луѓе, бидејќи тоа е еден комплексен проблем, значи тој младински работник треба да знае многу дисциплини, решивме да отвориме магистерски студии каде ќе им дадеме можност на сите они кои сакаат да го работат тоа, да стекнат знаење и со сите тие понатамошни измени на законот ќе создадеме еден таков профил кој ќе работи со младите професионално“, истакна Дуев.

Во однос на законските предизвици, пратеничката и координаторка на Клубот за младински прашања и политики во Собранието Моника Зајкова, истакна дека постои позитивна политичка волја.

„Она што ни е следно на агендата е креирање на Законот за младинска работа. Законот веќе е направен некоја драфт верзија, меѓутоа сакавме да има работна група и да биде доста инклузивен процес, за самите здруженија кои имаат искуство во младинската работа и работата со млади, да имаат свој придонес. Она што ќе следи е веројатно уште две јавни дебати и финиширање на законското решение. Бидејќи во Комисијата членуваат пратеници од различни политички партии се договоривме овој закон да не наиде на блокади и да добие широка поддршка во Собранието“, посочи Зајкова.

Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики во Владата оцени дека ова е еден чекор напред.

„Нови можности за младите. Како Влада се обврзуваме да продолжиме со развивање на младинската инфраструктура, затоа што е важно да имаме добро развиена и функционална младинска инфраструктура, за да можат утре токму овие младински работници, да има каде да работат, каде да го покажат својот потенцијал. Од друга страна, да продолжиме да ги развиваме сите политики за млади, што на еден начин ќе значат подобро денес и подобро утре за младите. Ова е поттик за сите носители на одлуки. Нема да застанеме овде. Одлично е што имаме партнери, така што се создава еден добар мозаик на клучни чинители во општеството, што дефинитивно има што да покажат и понудат во иднина,  истакна Тасев.

Раководителката на програмата, професорката Софија Георгиевска ја оцени ваквата иницијатива како многу важна за младите.

„Подобро е 10 проценти од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Оваа програма е доказ дека нешто се работи во полето на младите“, порача таа.

Изрази задоволството од досега сработеното, иако, како што рече, патот не бил лесен и истакна дека Филозофскиот факултет е еден од првите на Балканот, што отвара акредитирана програма за младинска работа. Таа соопшти дека ќе бидат опфатени четири задолжителни предмети и осум изборни, а од изборните, студентите ќе можат да изберат три предмети.

Програмата предвидува изучување на менаџирање во младинска работа, методологија или начини на изработка на проекти, истражувања поврзани со младинска работа, менталното здравје на деца и млади или како да се обучат младинските работници да работат со деца и млади и кои се детските права и застапувања од страна на младинските работници, социјална заштита и зајакнување на младите, психосоцијална поддршка и слично.

Авторка: Симона Србиноска