Министерството за внатрешни работи бара помош од граѓаните за идентификација на тројца насилници кои учествуваа во крвавото насилство кое се случи во Собранието, на 27 април. Од МВР ги објави и фотографиите на лицата кои ги бараат и се осомничени дека учествувале во насилството.
– Заради потребите на истражната постапка што се води во Основното јавно обвинителство –Скопје, а во врска со кривично правниот настан од 27.04.2017 година случен во Собранието, по претходно одобрение од Јавниот обвинител се врши јавна објава на фотографии за три лица кои што се важни за постапката – се вели во соопштението на МВР.
Тие ги повикуваат сите граѓани кои имаат какви било сознанија за лицата, веднаш да известат во најблиската полициска станица, да пријават на телефонскиот број 192, да ја употребат апликацијата „Пријави сомнително лице“ на официјалниот сајт на МВР или да пријават во Јавно обвинителство.
Денеска основното Јавно обвинителство Скопје објави дека е проширена истрагата за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на нападот во Собранието на 27 април. По барање на надлежен јавен обвинител петмина осомничени се приведени откако е извршен претрес во нивните домови.