Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници соопштија дека најостро го осудија говорот на омраза на кандидатот за градоначалник Стефчо Јакимовски, со кој омаловажува и поттикнува на омраза кон маргинализирана група со што врши кривично дело.
Кандидатот за градоначалник и досегашен градоначалник на општина Карпош, Стефчо Јакимовски, на митинг во својот говор користи навредливи и деградирачки зборови со цел да го „нападне“ против-кандидатот, наведувајќи дека за него се зборувало дека е хомосексуалец, велат оттаму.
„Притоа, посочува на хомосексуалноста, нарекувајќи ја „најопасната мафија“, „мафија која сака да се инсталира во општина Карпош“. Ваквиот говор на кандидатот за градоначалник претставува кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ согласно член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.
На спорниот говор на кандидатот за градоначалник претходеше екстензивна пропаганда против луѓето со различна сексуална ориентација забележана во печатени материјали низ општината со навредлива и вознемирувачка содржина кон ЛГБТИ заедницата.
Хелсиншкиот комитет и Коалицијата СЗПМЗ напоменуваат дека од исклучителна важност во конкретниот случај се неколку елементи. Прво, застрашувачки е фактот што лицето кое континуирано шири говор на омраза е градоначалник на општина Карпош во изминатите 8 години, односно е носител на јавна функција и избран претставник на граѓаните, кој особено влијание врз градењето на јавното мислење и јавните политики на општината. Второ, говорот на градоначалникот (и кандидатот за градоначалник) е одржан на јавен собир –митинг во рамките на предизборна кампања за претстоечките локални избори, каде што има пристап и влијание до поширока публика односно голем дел од гласачкото тело. Трето, и можеби најважно, е дека јасно се гледа намерата на говорникот да омаловажи и деградира една цела маргинализирана група, врз основ на сексуална ориентација, нарекувајќи на „најопасна мафија“ и алудирајќи на неа како штетна за општеството односно општината“, се вели во соопштението на Хелсиншки и коалицијата.
Тие информираат дека за забележаниот случај на говор на омраза ќе поднесат кривична пријава до основното јавно обвинителство за лицето Стефчо Јакимовски, за сторено кривично дело според член 319 од Кривичниот законик, за кое е пропишана казна затвор од една до пет години.
„Го повикуваме јавното обвинителство да спроведе брза и ефикасна постапка за утврдување одговорност на сторителот, а судот да изрече соодветна мерка со што превентивно ќе се дејствува врз понатамошното ширење говор на омраза“, се вели во нивното соопштение.