Голем пораз за ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ води во Скопје и во 50 општини

0
342

ВМРО-ДПМНЕ на вчерашните шести локални избори забележа тежок пораз откако според прелиминарните резултати од Државната изборна комисија, ја изгуби власта во околу 50 општини, како и во градот Скопје.

Владејачката партија СДСМ пак, уште во прв круг победи во повеќе општини меѓу кои и општина Карпош, Битола, Прилеп, Ѓорче Петров, Кратово, Бутел, Гази Баба, Берово, Велес, Гевгелија и Арачиново каде ја презема власта од ДУИ.

Кандидатот на ДУИ води во Сарај и во Чаир. Во Струга во водство е кандидатот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Интересни се резултатите и во Гостивар, каде кандидатот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари има околу 500 гласови помалку од кандидатот на ДУИ и сегашен градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта.

ВМРО-ДПМНЕ пак победи во општините Петровец, Илинден, Сопиште, Зрновци, Пробиштип, Чешиново-Облешево, додека во втор круг со предност ќе влезе во Штип, Кавадарци и Новаци.

СДСМ води и во Кисела Вода, каде нивниот кандидат Филип Темелковски има околу 1200 гласови пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски.

СДСМ со нивниот кандидат Петре Шилегов освои убедлива победа и во градот Скопје со разлика од речиси 40 илјади гласови, покажуваат податоците на веб страната на ДИК.

Резултатите се прелиминарни и процесирани се околу 96% од избирачките места. Во Скопје гласале околу 271 илјади граѓани или 60,69% од избирачите.