Брзите кредити со слаба контрола и бројни дополнителни трошоци

0
1171

Кога на граѓаните им се потребни средства за некаква приватна потреба, тоа многу лесно и брзо можат да го сторат преку таканаречените брзи кредити кои години наназад се актуелни и кои ги даваат финансиските друштва низ целата држава. Само со приложување лична карта и 15 минути чекање, ги имате парите на рака, велат рекламите.

Бети Кикирекова

Но, не секогаш во реалноста бенефитите од брзите кредити ги ползуваат граѓаните. Бети Кикирекова од Радовиш за ПИНА вели дека таа била измамена од свој колега на работа со подигнување на ваков тип кредит.

„Мој колега на работа ми ја побара картичката од банка за одредени луѓе од Швајцарија, наводно да му испратат пари, правдајќи се дека неговата сметка е блокирана и замолувајќи ме тие пари да ги уплатат на мојата сметка. Во истата таа прилика јас му ја дадов и мојата лична карта, не размислувајќи воопшто дека тој всушност со мојот личен документ ќе извади брзи кредити од дури седум различни финансиски друштва и дека во исто време ќе ги извади сите пари. Човекот ја има признаено вината, но тие пари некој ќе мора да ги врати. Сметам дека најмалку одговорна за ова сум јас, бидејќи јас сум оштетената страна. Всушност личноста која мене ме измами исто така ги дала своите лични податоци на одредени луѓе и всушност и тој е измамен во оваа ситуација“, вели Кикирекова.

Како што појаснува таа, од финансиските друштва таа постојано добива писма на нејзината адреса каде тие вршат притисок за исплата.

„Ако судот не пресуди во моја корист и ако треба јас да ги враќам кредитите, најдобро нешто што мислам дека би можело да се случи е да ги враќам парите без каматни стапки. Јас целата замерка ја наоѓам во финансиските друштва. Како е можно да се земе брз кредит со туѓа лична идентификација?“, прашува таа.

Проблем е слабата имплементација на законите и слабата контрола

Поврзано со овој пример, разговаравме и со Здружението Кредит Протект кое се занимава со заштита на правата на корисници на потрошувачки кредити и оттаму велат дека многу луѓе се пожалиле кај нив со случаеви каде им биле злоупотребени личните податоци и подигнати се брзи кредити во нивно име од друго лице.

„Кај примерот со госпоѓата, можно е да се работи за некаква организирана мрежа. Има некои финансиски друштва коишто работат со филијали и тука мора да се направи физичка идентификација. Не може маж да дојде да земе брз кредит во име на жена. Вината е најверојатно во некои од вработените кои на своја рака прават криминални дела и тоа треба да се истражи. Најчесто измамите се случуваат кога се испраќаат лични податоци преку електронски средства за комуникација, се аплицира електронски каде потоа средствата се подигнуваат преку трансакциска или картичка од банкомат. За ова се известени и од Агенцијата за заштита на лични податоци и тие рекоа дека оваа година прават контроли за да проверат колкава е заштитата на веб страните, на каналите на комуникација за финансиските друштва, меѓутоа понатаму не добивме одговор од нив“, велат од таму.

Од Здружението велат дека оваа проблематика треба да се регулира со Закон за електронски комуникации каде што е дозволено да се врши идентификација и комуникација по електронски пат.

„Проблемот е слабата имплементација од страна на финансиските друштва, како и слабата контрола. За разлика од нив, банките во однос на идентификувањето воведуваат многу построги мерки за контрола. Тие секогаш инсистираат на видео комуникација, лицето треба да ја држи личната карта до себе кога електронски ќе се идентификува преку видео повик за да се види дека навистина лицето кое аплицира е истото тоа лице. Тука се работи за начинот на идентификација и начинот на пренос на личните податоци на лицата што аплицираат. Во тек се измени на Законот за финансиски друштва за кои што и ние сме во комуникација со Министерството за финансии“, објаснуваат тие.

Во однос на тоа како и кој ја прави злоупотребата, појаснуваат дека најчесто злоупотребата се прави од страна на лица блиски до имателот на информациите, или се работи за украдена лична карта кои го употребуваат тој личен документ за да подигнат кредит.

Од Министерството за финансии пак велат дека ваквите примери претставуваат кривично дело и се во надлежност на Министерството за внатрешни работи.

„Министерството за финансии врши надзор над работењето на финансиските друштва во согласност со Законот за финансиските друштва и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Надзорот се врши теренски и вонтеренски, а во текот на 2022 година, извршени се 16 теренски надзори во седиштата на 16 финансиски друштва. Притоа, кај 10 друштва се констатирани неправилности при што се изречени 13 прекршочни санкции-глоби и истовремено се изречени 22 мерки – Наредби за отстранување на неправилностите. Со предложените измени и дополнувања на Законот за финансиските друштва, ќе се зајакне надзорот врз работењето на финансиските друштва, по примерот на останатите регулатори како на пример Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, а за што ќе биде пропишан и донесен посебен правилник“, велат од таму.

Како за илустрација, од СВР Штип излегоа со информација дека во рок од 15 месеци, 12 граѓани од истокот биле измамени со подигање на брзи кредити.

Финансиските друштва – нетранспарентни во однос на скриените трошоци

Покрај се почестите измами и давање на кредити со туѓи лични документи, уште еден проблем се додатните скриени трошоци и лошата комуникација на финансиските друштва со клиентите.

Во овој дел, од Здружението Кредит Протект велат дека пред да се донесе Законот за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити, тие наплаќале многу повеќе и маржата се движела од 500 до 600 проценти повеќе од износот на кредитот.

„Пред неколку години беше ограничена стапката на вкупни трошоци и финансиските друштва си најдоа друг начин како да наплаќаат дополнителни трошоци затоа што наводно не им се исплаќало поради тоа што тие не се депозитари, немаат финансиски средства и тие исти средства што ги даваат како кредити, според нив, ги земале од други кредитори каде плаќале камата за тие средства и тоа всушност е нивниот изговор, но тоа воопшто не е оправдување. Иако во Законот е ограничена стапката на вкупни трошоци, тука спаѓаат сите трошоци за исплата и редовна отплата на кредитот. Меѓутоа, тука не спаѓаат трошоци за задоцнување при отплата и за доброволни дополнителни услуги и тоа е она што финансиските друштва го злоупотребија“, рекоа тие.

Со предлог-измените на Законот за финансиски друштва овие трошоци треба да се ограничат и не смеат да изнесуваат повеќе од 100 проценти од износот на кредитот. Во Законот е наведено дека ако се работи за доброволна услуга, не спаѓа во стапка на вкупни трошоци.

„Она што тие го практикуваат е наводно давање на финансиско советување во однос на тоа кој кредит на колку рати му е најповолно на лицето да го земе што е чиста фарса и само на хартија. За тоа советување тие наплаќаат 50 или 70 проценти од износот на кредитот. Проблемот е што тоа советување го подметнуваат на лош начин. Ако аплицираат електронски, сите опции таму се однапред штиклирани и таа опција за советување останува како избрана опција, а подоцна истата таа се наплаќа дополнително. Ова најчесто им стои во тарифниците, но реално скоро никој не ги отвара за да ги провери. Со новиот предлог закон е предвидено да биде укинато ова советување, но прашање е колку истото тоа ќе се случи“, додаваат од Здружението.

Од Министерството за финансии велат дека со цел заштита на граѓаните, корисници на услугите на Финансиските друштва, подготвени се измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва кои веќе се во Собранието од почетокот на оваа година. Со измените се утврдува максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот. Финансиското друштво нема да може да склучи договор за потрошувачки  кредит, ако трошоците кои не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60 проценти.

„Трошоците кои во моментов не се ограничени и достигнуваат во некои случаи и по осум пати повеќе од главницата на кредитот, ќе се намалат драстично и ќе бидат најмногу колку што е главницата на кредитот. Односно за кредит од 9.000 денари, на една година, со измените максималниот трошок ќе биде 9.000 денари, односно  корисникот ќе врати вкупно 18.000 денари. Исто така, со цел заштита на граѓаните и нивна поголема информираност за услугите што ги нудат финансиските друштва ќе имаат обврска задолжително транспарентно и јавно да го објави тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или да го истакнат на видливо место во своите работни простории“, велат од Министерството.

Исто така, Народниот правобранител овој проблем го спомена во неговиот годишен Извештај и брзите кредити ги опиша како краткорочна позајмица која доведува до состојба на презадолженост на граѓаните. Според него, воопшто не е спорно дека основна причина за ваквата состојба е околноста што во законот ја регулира оваа материја, односно не постои ограничување на вкупните трошоци, надоместоци и провизии на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва, ниту обврска задолжително јавно да го објавуваат тарифникот со надоместоците, односно на својата интернет страница или на видно место во работните простории, со цел заштита на граѓаните од презадолженост.

Во однос на тоа колку граѓаните кои земаат брзи кредити правно ги разбираат договорите кои ги потпишуваат и дали знаат да препознаат скриени ставки таму, од Здружението Кредит Протект потенцираа дека ова е многу голем проблем и дека всушност финансиските друштва не комуницираат добро со клиентите, не им ги кажуваат додатните трошоци туку само им вршат притисок се со цел да потпишат и да го земат тој кредит.

„Најчесто корисници на овие кредити се луѓе со понизок степен на образование или постари луѓе што реално не ги разбираат овие работи. Сите трошоци се наведени, но неможноста на граѓаните и слабата финансиска едукација да ги прочитаат договорите доведува до оваа ситуација“, децидни се тие.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на менторската Програма за млади новинари на ПИНА