Наковски: Последиците од кражбите на лични податоци може да бидат големи

0
177

Само во изминатите два месеци Министерството за внатрешни работи (МВР) регистрира вкупно 27 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“. Кражбата на податоци беше забележана и во изминатите неколку дена кога се појави лажна веб-страна на Управата за јавни приходи (УЈП).

Појавата на лажна веб-страна на УЈП која имаше за цел прибирање на лични податоци го вклучи аларамот во јавноста и ја наметна дилемата за тоа во колкава мера дигиталната ера може да ја разниша безбедноста на личните податоци и кои се начините за евентуална заштита.

Експертот за заштита на лични податоци, Ангел Наковски за ПИНА појаснува дека конкретно во случајот со страната на УЈП, станува збор за класична „фишинг“ измама во која се испратени малициозни пораки до поединци кои имитираат официјална страна на УЈП.

„Тука се испратени СМС пораки на кои што целта им е да го пренасочат корисникот на УЈП кон лажен веб-сајт каде ќе се остават податоци. Она што во ваквите случаеви е најпотребно е да можат граѓаните да препознаат што се случува и навремено да изрегираат и да не ги дадат своите лични податоци на лажниот веб-сајт“, вели Наковски.

Од УЈП за ПИНА велат дека за жал ова не е прва појава и дека се случувало и претходно.

„Обид за искористување на името и репутацијата на УЈП, а во насока на прибирање на лични податоци од граѓаните преку лажна веб-страница која асоцира на УЈП, имаше уште во февруари. Уште по првите испратени СМС пораки, УЈП, веднаш реагираше, ги известивме надлежните институции со цел спроведување на понатамошна постапка и преку соопштение ја информираше јавноста за појавата на лажната веб-страна која имаше обиди да се прибираат лични податоци од граѓаните кои подоцна можат да бидат злоупотребени“, соопштуваат оттаму.

Дигиталната ера донесе безброј предности кои во голема мера го подобрија животот на човекот, но воедно ја стави во ризик безбедноста на личните податоци.

„Последиците можат да бидат многу големи, бидејќи некој за нас ќе ги собере сите потребни лични податоци во доволен број и со нив ќе може да направи различни злоупотреби. Праксата покажува дека се користат податоците за добивање на разни услуги, за добивање на кредити, добивање на телефонски брооеви, склучување договори. Тоа се случува кај нас, но и во светски рамки, а тоа е понатаму доста тешко за докажување и затоа мора да се обрне особено внимание при користење на Интернет услугите при користење на веб страниците“, вели тој.

Онлајн крадците“ може лесно да се сокријат

Од вкупниот број на пријавени дела кражба на лични податоци за изминатите два месеци пронајдени се 23 сторители, информираат од МВР. Портпаролот на МВР Тони Ангеловски во разговор за ПИНА посочува дека понекогаш за ваквите измами постои проблем при нивно пронаоѓање.

„Ние преку нашиот систем за компјутерски криминал преземаме мерки заедно со Обвинителството за пронаоѓање на сторителите и за санкционирање, но еве особено кога станува збор за овој вид на измами проблем се јавува затоа што тие странки функционираат само ден два и потоа самиот тој што ги основал ги затвора“, појаснува Ангеловски.

Поради тоа, портпаролот на МВР апелира на поголема внимателност и свесност кај граѓаните за последиците од споделување лични податоци.

Од друга страна, експертот за заштита на лични податоци Наковски вели дека почетокот на сите проверки започнува од следење на ИП адресата, но се согласува дека е предизвик лоцирањето на лицата кои се кријат позади тастаурата.

„Почетокот на сите проверки е преку следење на ИП адресата која што е направена злоупотребата, доколку се лоцира ИП адресата тогаш се лоцира и стоиртелот, но веројатно од технички аспект и од аспект на информациска безбедност тоа е предизвикот, да се лоцира ИП адресата односно локацијата од каде што е направена злоупотребата,“ изјави Наковски.

Како што соопшти портпаролот Ангеловски кражбата на лични податоци особено е забележана кај наградните игри.

„Важно е да се внимава, лични податоци особено матичен број, лична карта, податоци од банкарската сметка тие податоци не смее да се дават на непознати лица, особено не смее да се шират преку Интернет, затоа што многу лесно може да се стане жртва на такви криминални поединци кои можат да ги искористат. Апелирам особено за наградните игри, значи не е вреден ниту еден предмет да ги дадете своите лажни податоци. Тие лажни игри најчесто се креираат надвор од државата, не се креираат во нашата држава потоа тоа ја отежнува работата и ја одолговлекува, но се разбира ние упорно прземаме мерки за секој случај,“ смета Ангеловски и додава дека сепак најдобра заштита е внимателноста.

„За жал има и случаеви кога граѓани од доверба ги даваат личните податоци на друго лице и тие се злоупотребени особено при подигање на така наречените брзи кредити. Имаме дури и роднински случаи кога луѓе кои се во роднински врски на доверба ги дале тие податоци, односно трансакциска сметка и им се злоупотребени, за да се подигне или да се направи обид да се подигнат брзи кредити“, информира тој.
Лажните веб-страници лесно се воочливи

При пристапување на веб- страната сите корисници треба да се уверат дека се работи за лажна страница, а тоа може многу лесно да се провери, смета Наковски. Како што советува тој секоја лажна страна има елементи кои укажуваат на тоа дека се работи за лажна веб-страна.

„Значи безбедните интернет страници имаат икона во форма на катанче каде што пред називот на сајтот има икона со катанче и има https кратенка односно безбедносен протокол, по тие симболи или знаци на страницата се гледа дали е вистинска или лажна. Значи вистинските веб-страници на институции, користат https, односно безбедносен протокол и катанче кој што означува дека користењето на таа веб страница е сигурна. Катанчето е симбол поставен на секоја интернет врска, поточно на секое пристапување до точна и безбедна интернет страница. Во овој случај доколку се забележи сајтот на УЈП е напишан со цртичка т.е. меѓу самиот назив и GOV.MK, а секое отстапувања од нормалното или од вистинскиот сајт e SPAM како во овој случај што има цртичка во називот,“ додава Новаковски и советува сите корисници да внимаваат и внимателно да ги разгледуваат сите отстапувања.

„Значи граѓаните или корисниците треба да внимаваат точно, треба да се разгледаат сите отстапувања од нормалното, односно од безбедното кристење на интернетот, а тоа е баш такви некои симболи точки, немање симбол на катанец немање https во ознака односно ознака за безбедносен протокол. Тоа се некои правила кои што доколку се почитуваат и навремено се забележат тогаш сигурно ќе може да се спречи некоја несакана злоупотреба“, посочува тој.

Самозаштита или владина регулатива?!

И покрај потребата од поголема внимателност кај граѓаните при дејствување на Интернет просторот, државите мора да се прилагодуваат со цел да реагираат на предизвиците кои ги поставува дигиталната ера, за таа цел се усовршуваат, односно усвојуваат регулативите за дигиталниот пазар и услуги.

Според Бојан Кордалов кој е специјалист за односи со јавност и нови медиуми најдобар пример за тоа се ЕУ и САД.

„Конкретно, ЕУ преку DMA и DSM односно регулативите за дигиталниот пазар и услуги кои стапија на сила во ноември минатата година го одредува правецот во кој ќе се движат дигиталните, односно онлајн платформите во следниот децениски период и обезбедува дополнителна основа за позитивни онлајн искуства, повеќе можности за корисниците и фер конкуренција која се очекува да донесе еднакви шанси и можности за раст и развој во дигиталниот свет,“ вели Кордалов.

Тој посочува дека ваквите легислативи овозможуваат успешно справување со предизвиците.

„Токму затоа ваквите регулативи имаат за цел и да создадат поголема слобода на изразувањето и слободната мисла, заедно со заштитата од дезинформации и лажни вести. Исто така, подобра приватност за секоја личност која решава да биде дел од дигиталниот сообраќај, проверка на факти, интероперабилност помеѓу различните платформи без ограничувања и монополи, модерациски политики и правила, како и нагласување на законската обврска од целосна транспарентност на политиките и услугите на сите дигитални платформи и медиуми“, оценува Кордалов.

Анкета на Ресурсниот центар за кражба на идентитет (ITRC) спроведена на 1. 600 жртви на кражба на лични податоци во 2022 година покажа дека социјалните мрежи стануваат најголем ризик односно дека е забележан зголемен тренд на кражба на лични податоци преку социјалните мрежи.

Авторка: Симона Србиноска

  • Текстот е изработен во рамки на менторската Програма за млади новинари на ПИНА