
Македонија се наоѓа пред увоз на работна сила, откако недостигот на работници стана клучен проблем на македонските работодавачи, бидејќи отсуствува долгорочна државна стратегија за справување со овој проблем, велат познавачите.
Недостасуваат од сите профили, но најголем проблем се работниците од угостителството, текстилната индустрија, продавачите и градежништвото.
Увозот на работна сила е предизвикан заради ниските плати, лошата работна средина, непочитувањето на работничките права и статусот во општеството, смета здружението за работнички права, „Гласен Текстилец“. Оттаму потенцираат дека ова се главните причини поради кои македонските граѓани масовно од година во година си ги пакуваат куферите и заминуваат од својата матична земја.
Ад хок решенија за справување со проблемот со работна сила
Според претседателката на здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, проблемот со недостаток на работници во Македонија е децениски, а во последниот период е ескалиран, откако никој од политичката елита досега не успеал да направи нешто за ова исселување да биде спречено, а не лечено.
„Проблемот со недостаток на работници влече корени од многу одамна, но корона-кризата, покачувањето на плата, како и зголемената свест на работниците за нивните права од работен однос, само ја забрзаа состојбата за која алармиравме уште од нашето формирање како здружение, од 2017-та година.
Што да очекуваме од работодавачи (не сите секако, не смееме да генерализираме) кои 30 години профитираа преку криминална приватизација, експлоатација на работничкиот труд за 100 евра плата, мобинг и лоши работни услови, никаква модернизација во производството и кршења на човекови и работнички права.
Подоцна, односно од 2020 до 2022 година имавме здравствена корона-криза, па енергетска криза, во која токму работниците повторно беа злоупотребени и оставани со незаконски откази на улица, додека добар дел на фирмите земаа државни пари за да исплаќаат плата и да го задржат бројот на вработени.
Повторно нечовечност, во време кога светот не само Македонија, трпеше сериозни удари од пандемијата. Овој проблем се таложеше со години, а сега „експлодира“ целото незадоволство на работникот, и од одредени газди, но и од негрижата на државата и нејзините институции да ги заштитат нивните права и правото на достоинствен живот.
Имаме сериозно исселување надвор од државата и тоа е поткрепено со бројки, од организации и институции. Системско решение, ниту магично стапче никој нема, зошто никој децениски не размислуваше дека ќе имаме вакво незадоволство и исселување од државата, баш од оние од кои зависи економијата на Македонија, работниците,“ вели Апмева за ПИНА.
Според неа, стратегија ни недостасува уште од поодамна, кога требало да се направи анализа за секоја индустрија, да се види какви се позициите, со што располагаме и што можеме како да држава да направиме.
„Меѓутоа, ние 30 години имаме политичари кои гледаат како да украдат народни пари, како да корумпираат судии и обвинители, како да направат семејни бизниси на грбот на украдените народни пари, а не како да го подобриме образованието, здравството, економијата, стандардот на граѓаните.
Долгорочни стратегии се искоренување на сивата економија преку силни државни институции, пристап до правда, но со чесни правосудни органи, пристап до услуги за физички и правни лица од непартизирана администрација, даночни политики кои гарантираат социјална правда и инвестиции во здравство, образование и наука, грижа за ранливите и помош и поддршка за маргинализираните. Како што и пишува во нашиот Устав.
Но на терен ние имаме сива економија од над 40%, имаме масовно исселување, се кратат програми на министерства за ранливи категории на граѓани, корупција од највисок до најнизок ешалон, највисока инфлација, со најниски плати, а даноци и придонеси кои не кореспондираат со доходот на граѓаните, руинирано здравство, образование, правосудство и сето тоа придонесува кон одлив на младо, но и веќе возрасно работоспособно население,“ додава Ампева.
Владата иако најави увоз на работна сила од трети земји, потоа ретерираше во однос на ова прашање. Имено вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека увозот на работна сила е неодржливо решение.
„Одржливи решенија за пазарот на труд се нашите сограѓани што живеат овде и сакаат да продолжат со преквалификација и доквалификација и креирање нови вештини што ќе одговорат на барањата на компаниите“, рече Битиќи.
Според Ампева, со увозот на работници е очигледно да го пополнат местото со нови робови бидејќи нашите работници се свесни и си заминуваат или бараат платена и ценета работа во Македонија.
„Ќе донесат закон, не е тоа проблем, знаеме кај нас кој ги носи законите, газдите и неспособните репрезентативни синдикати кои се приврзок на одредена политичка партија, најчесто на онаа која е на власт. Но, што правиме со цените, инфлацијата, системот од кои бегаат и нашите граѓани?”, вели Ампева и прашува дали планот е преку лошите услови за работници од други земји кои ќе бидат платени со подминимална плата и 11% данок, без придонеси од здравство и пензиско осигурување, да се уценуваат македонските работници, па да се врати она заборавеното „ако не ти се допаѓа, ја гледаш вратата каде е.”
Кој работник би преживеал со 300 евра плата
Ваквата политика е поразителна и за Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, кој истакна дека е скептик, потенцирајќи дека никој не би сакал да дојде и да работи под вакви услови во Македонија, укажувајќи дека нема логика да увезуваме работна сила, кога и нашите граѓани од година во година се’ повеќе се иселуваат од истата.
„Што се однесува до увозот на работници во државава на мислење сме дека во моментов нема услови за увоз на работници, а тоа го поткрепуваме со фактот дека, за да се увезат работници потребно е да се направат одредени интернати каде што би престојувале тие работници што ќе бидат увезени од други држави.
Се поставува прашањето: Како тие работници ќе преживеат со 300 евра плата ако се има предвид колкави се животните трошоци во државава за сместување и храна? За надминување на овој проблем потребно е платите во државата да се зголемат, македонскиот работник да има достоинствен живот со што не би ја напуштил државата,“ вели Ристески за ПИНА.
И според него, македонската влада нема системско решение, потребно е да се направи реформа во образованието и самото стопанство да претрпи структурни промени. Исто така, неопходно е да се направи реформа во државната администрација.
„Поради нелојална конкуренција и поради поставување на нестручни кадри на несоодветни работни места, голем број на интелектуалци за жал ја напуштаат државата, а на тој начин се остава целиот систем на крајно непрофесионален и слабо поткован и стручен кадар.
Што се однесува на увоз на стручен кадар, најверојатно, никој професионалец во својата професија не би се осмелил, ниту мотивирал за да дојде во државава, општество во кое не владее правото, има корупција и владее голем процент на сивата економија,“ додава Ристески.
Инаку, во Агенцијата за вработување во моментов се регистрирани 115.000 невработени лица. Оттаму дополнително истакнуваат дека за вработување дадени се позитивни мислења за издавање работна дозвола на странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал, 10 лица од Пакистан, додека за Бангладеш нема поднесени барања, информираат од АВРСМ.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на менторската Програма за млади новинари на ПИНА