
Случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која по породувањето во струшката болница во 2020 остана без три органи, се уште нема судска завршница. Веапоска уште ја бара правдата, a случајот е во судница повеќе од две години. Тројца лекари акушери од струшката болница се обвинети за отстранување на матката, јајник и бубрег по грешка при породувањето на Веапоска.
Последното рочиште за случајот требаше да се одржи во јуни, но беше одложено бидејќи супервештачењето со кое ќе се утврдува вината кај лекарите сè уште не било готово. Судијата во струшкиот суд во април даде наредба да се прави супервештачење поради двете спротивставени вештачења, едното побарано од Обвинителството, а другото од одбраната. Претходно, судењето беше одложувано и поради пензионирање на двајца судии, а можни се и нови одложувања бидејќи моменталниот судија има мандат до септември.
Случајот со Веапоска покажува дека родилките кои биле жртва на медицинска небрежност при породувањето тешко стигнуваат до правдата.
Родилките не пријавуваат, постојат повеќе причини за тоа
Од Националниот Ромски Центар (НРЦ) за ПИНА.мк велат дека малку од родилките воопшто ги пријавуваат ваквите проблеми или поднесуваат тужба.
Од организацијата сметаат дека недоволната информираност и едуцираност, како и поради слаба финансиска состојба, недоверба во правниот систем и силен притисок од претставници на институциите се главните причини зошто жените не ги пријавуваат ваквите случаи.
„Имајќи предвид дека жената со самиот факт дека се наоѓа на породилно одделение и која треба секој момент да се породи е под стрес, но за жал стресот станува уште поголем лошиот со пристап на лекарите и медицинските сестри. Истите жените-родилки ги навредуваат, им викаат, ги понижувааат, не им објаснуваат како да постапуваат и соработуваат во текот на самиот чин на породување, премногу долго ги оставаат жените со породилни болки, наместо доколку постојат услови да ја породат со царски рез, кога ќе се породат, доколку има некакви проблеми не им даваат соодветни информации ниту за здравјето на жената-мајката, ниту за бебето. Во нефункционалноста на здравствениот систем, нема вработувања на едуциран медицински персонал, туку по партиски клуч вработување“, велат од Центарот.
Низ годините, НРЦ добиле повеќе жалби за медицинска небрежност при породување од жени од неколку градови во земјата. Во овој случај, Центарот нуди едуцирање за законските права кои им следуваат на пациентките, аплицирање за добивање на бесплатна правна помош и бесплатен адвокат доколку се исполнети услови согласно Закон за бесплатна правна помош, пополнување на претставки до Народен правобранитаел, како и едуцирање за значењето на превентивните здравствени прегледи и грижата за здравјето.
Од НРЦ сметаат дека потребни се многу реформи во здравството за да се намалат проблемите кои се јавуваат при породувањето.
„Поради недостигот на лекари и медицински персонал, би било од големо значење да се зголеми бројот на сестри-акушерки, кои ќе се добро обучени, ќе ги водат физиолошките породувања, а докторите би се појавиле само во случај на компликации. Неопходни се брзи промени со воспоставување на ред и хигиена и вработување на медицински едуциран кадар, обезбеден буџет за нормално фунционирање во гинеколошките болници и поридилни одделенија и амбуланти, а не да имаме породување со последици по здравје и живот и на родилките и бебињата – децата“, велат од НРЦ.
Информираноста е од клучно значење
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), кое нуди помош и поддршка за родилките и за сите пациенти кои се соочуваат со прекршување на правата на пациентите, смета дека државата треба да организира едукативно информативни кампањи за правата на пациентките.
„Доколку жените сакаат да се пожалат во врска со медицинска небрежност или во врска со прекршување на било кое нивно право како пациенти, може да се обратат во Здружение ЕСЕ. Можеме да им обезбедиме правна помош и совети, по однос на подготовка на жалба, совети до кои институции можат да се обратат за заштита на нивните права, кои се механизмите за заштита на правата на пациентите. Како и да ги информираме кои права ги имаат како пациенти“, велат од ЕСЕ за ПИНА.мк.
Од таму додаваат дека потребно е да се информираат сите жените кои доаѓаат за породување по однос на тоа кои се нивните права како пациенти, да им се обезбедат информации каде можат да се пожалат доколку сметаат дека нивните права како пациенти се прекршени, како и за сите механизми за заштита на правата на пациентите.
Од Лекарската комора велат дека годинава била одземена лиценцата на еден доктор поради лекарска грешка поврзана со гинеколошки индикации, но не откриваат детали за случајот.
„Со лекарските грешки се соочуваме преку правосилни судски пресуди во кои се бара забрана за вршење на дејност заради сторен стручен пропуст во лекувањето, по кои Комората постапува и во соодветна постапка се одзема лиценцата за работа на доктор, времено во период од најмногу седум години или пак трајно“, велат од Комората за ПИНА.мк
Во претходните години во врска со грешки сторени при породување и водење на бременост одземени се лиценци на уште четворица други доктори. Комората одзема лиценца за работа во случај кога има правосилна судска пресуда дека е сторена медицинска грешка и следењето на тоа дали докторите посетуваат континуирана медицинска едукација, како и стручниот надзор.
Авторка: Драгана Петрушевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА