Комунална полиција, потенцијално решение за хаосот со сметот во Град Скопје

0
145
Фото: КХС

Градот Скопје години наназад се соочува со се поголеми проблеми и предизвици во одржувањето на хигиената во градот. Институционалната (не)грижа, несовесното однесување на голем дел од граѓаните, како и немањето на голем број правни алатки за регулација на оваа проблематика, се преточува во слика – од искршени кандалабри, смет на секој чекор и кабаст отпад кој честопати е главен декор на скопските улици. Нефункционалноста на системот кулминираше летово кога дел од скопските градоначалници и Владата влегоа во клинч со раководството на Градот Скопје – меѓудругото и за катастрофалната ситуација во поглед на хигиената и чистотата на градот.

По серија меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен, дали централната или локалната власт, страстите спласнаа, а договорот помеѓу двете „завојувани“ страни барем краткорочно донесоа мир. Но дали краткорочниот мир со договорот дека советниците ќе изгласаат дополнителни вработувања во ЈП Комунална хигиена Скопје и набавка на нова механизација во јавното претпријатие кое се наоѓа во очајна состојба е решението за Скопје?

Како едно од решенијата на долгорочни стази се споменува воведување на „Комунална полиција“. Идејата за воведување на ваква единица чија примарна цел би била фокусирање на одржување на јавниот ред и мир, со имплементација на локални прописи и правила „лебди“ во јавноста од осамостојувањето на Македонија. Секој градоначалник во својата изборна програма потребата за ваков орган ја ставаше на врвот на ветувањата, но и по три децении независност идејата се уште е заглавена во предизборието и во ветувањата.

Фото: ПИНА.мк

Град Скопје минатата година поднел предлог-закон за формирање на ваков орган

Актуелната градоначалничка Данела Арсовска периодов се најде во фокусот на јавноста оти градот според многумина личи на своевидна депонија. Таа не остана нема на прозивките од градоначалниците на скопските општини кои побараа од централната власт одземање на одредени ингеренции од Градот Скопје, како на пример во делот на ингеренциите на ЈП Комунална хигиена Скопје и одговори дека нефункционалноста на градот се должи на саботажата со која таа се соочува во Советот на градот.

Токму затоа, првата адреса на која се обративме во потрага по одговори за тоа дали идејата за комунална полиција е прифатлива за Градот ја побаравме оттаму. Од кабинетот на Арсовска за ПИНА.мк велат дека оттаму поднеле Предлог-закон за комунална полиција на Градот Скопје уште во октомври минатата година која поефикасно и побрзо би се справувала со загадувачите на терен.

Како пример ги посочија градовите од соседството – Белград, Тирана и Подгорица каде од воведувањето на ваквите органи, нечистотијата се намалила неколкукратно. Токму затоа и бараат Собранието и Владата да го разгледаат, поддржат и да го донесат Законот во најскор можен рок.

„Во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, комуналната полиција ќе претставува системски механизам во борбата против загадувањето, но и ќе придонесе за воведување комунален ред во градот. Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува“, велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека иако и сега се обидуваат да воведат ред во согласност со актелните акони, потребно е да се оди чекор понатаму за да се овозможи граѓаните да живеат во чиста и здрава животна средина.

„Градот Скопје смета дека согласно овој закон овластените лица треба да бидат посебно обучени, постојано на терен, секојдневно вршејќи надзор и санкционирање на прекршителите во однос на управувањето со отпад и загадувањето на животната средина. Со тоа значајно ќе се придонесе за почитување на комуналниот ред во градот, а обидите за загадување и фрлање шут по градските улици и општини трајно ќе се превенираат“, заклучуваат од градот.

Фото: ПИНА.мк
Фото: ПИНА.мк

ЗЕЛС размислува за воведување на комунална полиција во сите општини, не само во главниот град

Комуналната полиција е приоритет во борбата против загадувачите на природата, дециден е претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски. Тој вели дека во рамките на Заедницата на единиците на локалната самоуправа во земјава на оваа тема се разговара од поодамна и оти сите општини се едногласни дека тоа би претставувало важен инструмент за обезбедување на ред и мир во општините, особено во контекст каде што веќе постоечките комунални инспектори немаат соодветни овластувања за казнување и санкционирање на лице место.

„Во многу општини, комуналните инспектори имаат ограничени ингеренции, што значи дека не можат ефективно да ги спроведуваат локалните регулативи и закони. Оваа ситуација создава празнина во системот на спроведување на законите, што често доведува до непочитување на правилата од страна на граѓаните и бизнис ентитетите“, вели Ѓоргиевски за ПИНА.мк.

Во однос на ингеренциите кои би ги имала Комуналната полиција, Ѓоргиевски вели дека согласно предлог-Законот на кој работеле, се предвидува тие да санкционираат прекршоци на лице место, што значи дека ќе може брзо и ефикасно да одговорат на секојдневните предизвици во општинските средини.

„Ова вклучува незаконско фрлање отпад, неовластено зафаќање на јавни површини, бучава, уништување на јавен имот, како и други прекршоци кои негативно влијаат на квалитетот на животот во општината. Едновремено, тоа би довело и до зголемена безбедност и јавен ред. Присуството на комунална полиција не само што ќе ги поттикне граѓаните да ги почитуваат законите, туку и ќе обезбеди побрз одговор на ситуации кои бараат итна интервенција“, вели Ѓоргиевски.

Дали властите ќе имаат волја или пак ова ветување ќе се провлекува повторно на следните локални избори?

Сите политички чинители во земјава се согласни во однос на тоа дека воведувањето на ред во комуналниот хаос е приоритет и дека на ова прашање треба да се пристапи сериозно. Од Владата за ПИНА.мк велат дека воведувањето на комуналните инспектори е една од опциите кои сериозно се разгледува во моментов и тоа да има двостепеност во казнувањето, односно, инспекторите да може да постапваат кон несовесни поединци, но и кон раководителите на претпријатијата кои извршуваат комунални дејности а работат несовесно.

„Ова е рамката околу која Министерството за локална самоуправа ги прави анализите и размислувањата и истото решение треба да биде прифатено и од другите институции. Откако ќе биде постигната согласност и биде направена анализата ќе се излезе со официјален став“, велат од Владата.

На речиси иста линија како и претходните наши соговорници е и градоначалникот на најурбаната скопска општина, Општината Центар, кој доаѓа од редовите на опозициската СДСМ, Горан Герасимовски.

„Ставот на Општина Центар е дека постои реална потреба од воведување комунална полиција што ќе грижи за локалниот комунален ред, чистота и зачувување на животната средина. Нашите очекувања се дека  воведувањето комунална полиција ќе има позитивни резултати на терен. Ја поздравуваме идејата и очекуваме што е можно побрзо да се спроведе со цел да се олесни и забрза ставањето комунален ред во градот“, велат од Општина Центар.

Како што главниот град продолжува да се развива и да се соочува со предизвиците во однос на управувањето на јавните простории и одржувањето на редот, потребата за ефикасно решение станува приоритет. Додека градот тоне во смет, решението со воведувањето на Комунална полиција делува дека токму ова е еден чекор кон позитивните промени во земјава, барем кога станува збор за подобрувањето на квалитетот на животот.

Оваа служба, доколку се донесе со внимателна анализа и се „наоружа“ со доволно финансиски ресурси и добра организациска поставеност би можела да ја подигне ефикансноста на контролните механизми и да помогне во решавање на еден од најгорливите проблеми за граѓаните на Скопје и Македонија. А до тогаш, неминовно, секојдневно граѓаните ќе бидат „жртви“ на несовесноста и невнимателноста на одредени поединци кои загадувајќи ја природата директно влијаат врз здравјето на граѓаните и за лошиот имиџ на Скопје и останатите градови.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА