Хонорарците без ангажмани и со страв за егзистенцијата

0
595

Ирена Кацарски Ќимова е слободен преведувач и заработува само од превод и толкување. Веќе на почетокот на месец март и ги откажале сите најавени ангажмани до јуни 2020, а најави за нови ангажмани воопшто нема добиено. Таа како и многу други кои се дел од прекаријатот е во неизвесност поради последиците од кризата со Ковид 19 и стравува за семејната финансиска егзистенција.

Покрај опасноста по здравјето, пандемијата со корона вирусот удри значајно и по економската егзистенција. Многу луѓе останаа без работа, откога беа воведени владините мерки за ограничување на движењето со цел превенција од ширење на коронавирусот.

И овој пат економската криза најмногу се одрази на најранливите категории луѓе, а податоците во студијата изработена од Finance Think и UNDP MK, укажуваат дека ударот врз приходите и работните места е најсилен во најслабо платените сектори и секторите каде што претежно работат жени.

Како најнесигурна категорија на работници пак, се јавуваат прекарните работници (хонорарци, фриленсери ), кои немаат речиси никакво социјално ниту здравствено осигурување.

Уредбите кои се донесени до сега од страна на Владата се парцијални и опфаќаат само некои категории работници кои се ангажирани хонорарно, со договор на дело, но не и вистинските фриленсери, кои се ангажираат по потреба (најчесто со авторски договори) и не се пријавени ниту како вработени ниту како невработени во Агенцијата за вработување.

Во пакетот од економски мерки кои ги донесе Владата за справување со кризата, предвидени беа 14.500 денари по вработен, во фирми кои не остваруваат приходи во време на пандемијата, но изоставени беа прекарните работници. Подоцна со вториот пакет економски мерки од Владата, се предвидува 14.500 денари помош за самостојни уметници, спортисти, како и цел хонорар за невработените хонорарци и половина за вработените хонорарци, меѓутоа лица ангажирани во органите на државната власт (законодавна, извршна и судска), регулаторните тела, агенциите, државните комисии, правните лица во целосна или доминантна државна сопственот, единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа и градот Скопје.

Но, каде спаѓаат хонорарци од работни сфери како: новинарство, угостителство, преведувачи, спортисти, уметници, и сл, коишто не се водат ни како вработени, ни како не вработени, лица кои не се регистрирани како правни субјекти?!

Прекарните работници – најнезаштитени

Десетина синдикати и невладини организации до Владата доставија сет на економски барања по однос на кризата, каде покрај другото побараа и да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери ). Конкретно, побараа овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500 денари.

Здружението на преведувачи и толкувачи исто така се обрати со допис до Владата, со барање да бидат земени предвид  сите категории на професионалци од нивната сфера, односно, како и вработените во институциите и компаниите и самовработените лица, така и хонорарните преведувачи и толкувачи.

Ана Попова Манасиевска претседател на Здружение на преведувачи и толкувачи, за ПИНА вели дека досега здружението на два пати доставило допис до Владата со барање слободните преведувачи (таканаречени фриленсери или лица кои остваруваат приходи исклучиво врз основа на договори за превод или толкување и не се регистрирани како вработени/невработени во Агенцијата за вработување) да бидат вклучени во некоја од мерките на Владата за намалување на последиците од кризата предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2.

„И за двата дописа немаме добиено повратен договор од Владата ниту пак е реагирано со донесена уредба со мерки за оваа категорија на слободни работници. “

Со цел да даде поиздржани предлози до Владата, ЗПРМ спровеле анкета од која произлегува дека во секторот постојат различни категории на преведувачи (вработени во фирми,  самостојни вршители на дејност), а како најдоминантна категорија се издвојуваат слободните преведувачи/толкувачи (фриленсери). На значителен дел од испитаниците 67,4%, преведувањето/толкувањето им е примарна дејност, односно претставува нивен основен извор на приходи.  Дури 88,2% од испитаниците изјавиле дека кризата довела до целосно или значително откажување на нивните ангажмани, со што сериозно им е загрозена егзистенцијата.

Во своите дописи Здружението посочи дека ова е системски проблем и за негово решавање во неколку наврати се сретна со претставници од Министерството за култура и Министерството за труд и социјална политика при што доставен е предлог за регулирање на статусот на овие лица, по примерот од другите европски држави. Суштината на предлогот е да се воведе постапка за регистрација со која преведувачите, толкувачите и припадниците на другите слободни професии ќе добијат статус на самовработено физичко лице.

Ирена Кацарски Ќимова, која е слободен преведувач и толкувач, вели дека веќе два месеци нема никакви приходи, а така ќе биде уште најмалку два месеци.

“Мојот сопруг е вработен, но и кај него е слична ситуацијата. Трошиме тоа што имаме заштедено, но и на тоа му се гледа крајот. Следниве месеци ќе бидат уште потешки од аспект на семејната финансиска состојба. Иако вонредните мерки се олабавуваат по малку, сè уште нема знаци дека состојбата со ангажманите ќе се подобри, особено не со толкувањето на конференции, семинари, работилници и други настани. Можеби ситуацијата со писмените преводи би можела да се подобри за некој месец, не знам, ќе видиме, не изгледа многу надежно. Во меѓувреме ќе преживееме како знаеме и умееме. Се надевам целото семејство ќе ми биде здраво, тоа е најважно, а и економски најиздржливо во ситуацијава.“

Ќимова додава „не е во ред владата да нè игнорира или да смета дека не сме доволно важни за да ни помогне. Сите сме во иста лоша ситуација. Нашата ситуација е дополнително лоша и поради тоа што немаме никаква заштита како работници. “

Пандемија предизвикана од Ковид-19 не не ги избави ниту спортските работници. Многумина од нив, помеѓу кои и фудбалските судии, останаа без хонорарните примања кои што инаку ги добиваа за времетраењето на сезоните.

,,До сега не сретнав мерки кои што би помогнале и на оваа категорија на спортски работници” вели Ангела Рајчевска,  фудбалски судија при Фудбалската федерација на Македонија.

,,Веќе подолг период, од прогласувањето на вонредната состојба, како што знаеме, покрај другите настани, не се одржуваат ниту натпреварите на кои вообичаено делиме правда за време на сезоната. Следствено на тоа ни е ускратен и хонорарот кој што го добивавме  согласно ангажманите од натпреварите. Овој дефицит на месечни примања кој што инаку, мене, како млад академски граѓанин со хонорарна работа, ми придонесуваше кон оформување на една просечна плата,  навистина се одразува врз мојата економска моќ“, раскажува Рајчевска.

Од Владата пред еден месец најавија како дел од вториот пакет мерки за справување со кризата, дека лицата во неформалната економија, ќе добијат надомест од 7.000 денари по домаќинство за лица без работен ангажман.

„За оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита за месец април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство“, соопштија оттаму.

Автор: Љубица Иванова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на ова видео е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.