Кризата со вирусот ги менува работните навики

0
264
Photo: Sincerely Media

Работата од дома станува новото ,,нормално” за многу работници низ земјата. Дел од компаниите поради заштитните мерки ги реорганизираа своите активности за да се обезбеди поголема безбедност на вработените но и да не страда работата. Како кризата со корона вирусот ги менува работните навики и како во неа се снаоѓаат работниците?

М.И. е графички дизајнер во маркетинг агенција која сега како и многумина мора да ги промени работните навики и вообичаени рутини и да се прилагоди на работа од дома. За ПИНА вели дека е добро што компаниите дозволиле работа од дома, но смета дека не се до крај осмислени начините на работа и целосното функционирање. Особено е предизвик да се работи од дома, кога треба да се внимава и на децата.

,,Како родител на две малолетни деца( 2 и 4 години) кои поради мерките за заштита не се во градинка, а сопругот на работа која нема услови да се одвива од дома, згора и на тоа секојдневни полициски часови кои придонесуваат да сум единствена која може да се грижи за нив, условите за работа за мене се скоро невозможни. Лично од моето искуство ако можам да одберам, би ја одбрала работата во канцеларија, во организирана работна атмосфера.“

Таа додава дека со ослободувањето на децата од училиштата и градинките, родителите кои се нашле затекнати од овие мерки потешко се справуваат низ целиот процес земајќи ги во предвид домашните услови кои не секој ги има.

Вработена во интернационална компанија за транспорт и логистика вели дека работењето од дома не и донело некои големи предизвици и промени, со оглед на тоа што повеќето обврски може одговорно да ги исполни од било каде доколку има пристап до интернет. “Oбемот на работа е намален во последните неколку месеци поради природата на работата и рестрикциите ширум светот. Она што мене ми пречи во работењето е всушност губењето на чувството дека во 17 часот ми завршува работниот ден, па така често се фаќам себеси како работам и до 18, 19 па и до 20 часот навечер. Тешко е да се дистанцираш од работата кога работиш од дома“ дополнува таа.

Продуктивноста на работењето од дома не е одржлива на долг рок

Кај компаниите кои својата работа ја извршуваат преку компјутер оваа криза не смени многу во начинот на нивната работа. Тие би можеле да се поделат во групи, на оние кои компјутерот се користи како главна алатка без разлика на која локација е поставен и на компании кои мораат да се логираат во системи за непречено да се одвива нивната работа.

Според Соња Стојадиновиќ, активист на граѓанското здружение „Солидарност“ тие кои продолжиле да работат од дома и канцеларијата ја замениле со домот, имаат впечаток дека работат повеќе поради слободата да си го планираат работното време, додека на тие на кои состаноците им се префрлени на онлајн платформите, можат да го преморат работникот  и да ја намалат ефикасноста и концентрацијата. ,,Некои професии приметија пореметување на времето на работа, поточно зголемување на работното место затоа што времето потрошено во пат од и до работното место, се искористува за работа. Додека други работодавачи и не го почитуваат ,,старото“ работно време, сметајќи дека ако работникот е дома треба да биде нон стоп достапен“,  вели таа.

Според Стојадиновиќ работодавачите би прифатиле флексибилност во однос на локацијата се додека таа не би влијаела на резултатот на прозиводот и на профитот кој го остваруваат работодавачите. „Некои работодавачи се фалат дека ефикасноста е зголемена, а трошоците намалени во поглед на некои професии како на пример трошоците за канцеларии, патни трошоци, струја итн.“ дополнува таа.

Работењето од дома во ИТ секторот не е ништо ново, бидејки работниците често работат и надвор од своите канцеларии. Генерално во овој сектор работните навики остануваат исти како и кај повеќето луѓе.

Според Ѓорѓе Ѓорѓевиќ кој има значајно искуство во дигитален маркетинг и долг период работи и како фриленсер, смета дека се додека трошоците се ниски и ефикасноста е голема, компаниите нема многу да се бунтуваат против ваков тип на организирање на работата. „Мислам дека проблемот ќе настане кај вработените кои го губат социјалниот момент на одење на работа, дел од приватноста како и голем дел од слободното време“.

Тој додава дека неговите пријатели најчесто се жалат бидејќи добиваат повици и мејлови доцна навечер со работни задачи кои „не можат да чекаат“, задавање текстови за викенди и празници и очекување истите да бидат готови до почетокот на работната недела. „Периодов е избришана линијата помеѓу времето на работа и времето надвор од работа„ вели тој.

Тој смета дека со оваа мерка ефикасноста на работата од дома е доста периодична, некогаш зголемена а некогаш намалена и доколку компаниите би продолжиле да гледаат само на продуктивноста, не би била одржлива на долг рок. Тој работи веќе десетина години како фриленсер, но и го следи текот на работата од канцеларија и дава совети за како да се зачува продуктивноста и менталното здравје за време на периодот кога се работи од дома.

„Спремајте се секој ден како да одите на работа. Рутината ќе ви остане за период кога ќе треба да се вратите на работа во канцеларија а облеката ќе ве потсетува дека паузите не треба да ги правите пред фрижидерот. Кажувајте не на задачите кои треба да ги завршите надвор од работното време. Ако вашите менаџери или колеги немаат приватен живот, не значи и вие дека треба да се откажете од вашиот. Доколку постои опција, поместете го работното време подоцна. Вака ќе имате време да излезете надвор од дома, кога е дозволено, а физичката активност дефинитивно ќе ви помогне подобро да се сконцентрирате подоцна на работа“, советува тој.

Онлајн наставата и квалитетот на образованието

Речиси два месеци училиштата се празни, а образованието е заменето со онлајн настава која се одвива поради пандемијата со коронавирусот но останува нејасно со каков квалитет ќе биде проследена.

Според Соња Стојадиновиќ  образовниот процес не вклучува само пишување, предавање на онлајн час и учење на памет туку и е нужна интеракција со студентите.„Видовме дека образованието се префрли на Интернет, но до сега немаме резултати и оценки каков е квалитетот, колку децата и студентите навистина научиле. Посебно во науките каде праксата е клучна за образованието (медицина, техничко технолошки науки, ветерина, спорт итн), образовниот процес мора да се врати таму каде што беше“ додаде таа.

Автор: Маја Терзиова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на ова видео е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.