Новинарите за тоа како пандемијата влијае врз новинарската работа

0
903

Новинарите и медиумските работници се дел од работниците кои ретко можат да седат дома поради природата на нивната работа. На 3-ти Мај, Светскиот ден за слобода на медиумите, разговаравме со тројца новинари од различни медиуми за тоа какви промени и последици донесе пандемијата со Ковид 19 врз новинарската работа, но и за генералната состојба со слободното новинарство.

Билјана Николовска – Код/Телма

„Влијанијата на кризата може да се поделат во два дела и тоа технички и содржински. Од технички аспект функционирањето на терен е многу отежнато, сведено е на минимум, а мора да се внимава многу од аспект на носење заштитна опрема. Најголем дел од комуникацијата е онлајн заради личната заштита и препораките.  Содржински пак, се е фокусирано на технички информации поврзани со вирусот, а за жал се помалку може да се забележат истражувачки стории.

Ако зборуваме за секојдневните активности, вирусот речиси и да не закопа во канцеларија што не е нормално за репортерите во ТВ станиците. Се обидуваме да направиме и добри репортажи и добри истражувачки стории, но се разбира дека тие повторно се поврзани со ширењето на Ковид 19. Многу малку време ми останува и за истражување на теми поврзани со корупција поради поделените сменски работења на нашата редакција, односно поделбата во две различни групи кои  физички се поделени за да немаат комуникација. Ова остава простор и широко поле за злоупотреби на оние кои се сега далеку од фокусот на новинарите.

Сметам дека за сега ние како редакција сме доволно заштитени, и канцелариски, но и теренски. Внатрешноста се дезинфицира постојано одиме во две различни групи на работа,  имаме доволна раздалеченост и носиме маски постојано, барем такви се препораките. За на терен исто така опремата е задолжителна а започнавме да користиме и микрофони за на растојание за да не бидеме во близина со соговорниците. Се надевам дека полека ќе се навикнеме на новата реалност па и нашата работа ќе се адаптира на начин што ќе биде обезбедена нашата и сигурноста на луѓето со кои комуницираме”.

Фуркан Салиу – Клан ТВ

Од возбудлива и динамична професија, новинарството одеднаш стана досадна професија. Се е поврзано со КОВИД19, а повеќето од новинарите целото работно време го поминуваат пред компјутер. Кратко и јасно, стануваме мрзливи и незаинтересирани за други теми и ќе биде многу тешко да се вратиме во нормала ако ова трае уште многу долго.

Пред Ковид19, многу повеќе време размислував за темата која што ќе ја предложам и на која ќе работам утре дента, а сега веќе знам дека ќе работам на тема која што мора  на некој начин да е поврзано со КОВИД19, па дури не се обидувам да предложам друга тема… Едноставно, секоја битна тема е небитна и неатрактивна кога ќе се спореди со една светска тема и тема која што е поврзана директно со здравјето.

Изгубено е и чувството на тимската работа, повеќето од колегите работат од дома, и веќе со месеци ти го пишуваш текстот од канцеларија, видеото од настанот ти стига на мејл, а монтажерот го склопува целиот материјал од дома.

Сунаи Сабриоски – Канал 5

Паниката можеби е намалена, но стравот е зголемен со оглед на околностите и теренската работа која на повик на јавноста мора да останеме доследни во обезбедување точни и навремени информации. Лично, субјективно, мислење е дека се доживува некое мослкавично растројство секој ден поради промената на темпото на работа. Ако претходно сум се преиспитувал 3 пати пред да напишам текст денеска тоа го правам речиси 10 пати. Се чини дека владее едноумие на мислата, одеднаш ја снема шареноликоста. Се стана монотоно и еднолично. Секое излегување од рамките на „ пропишаните “ извештаи и соопштенија чиниш доживува јавна осуда. Ти се забележува на секое прашање кое всушност и не бара напори од соговорникот да ти го одговори, ако поставиш прашање кое што бара подлабоа анализа потребно е да си подготвен на потегот кој што би бил преземен особено од јавноста. Култот на личноста е изграден

Иако се чини се’ е транспарентно и отчетно но лично субјективно мислење е дека транспарентноста е отидена до таа мера да ти се пласира тоа што „некои“ сметаат дека е доволно за да ги задоволи новинарските апетити пропратени со професионализам. И тука некаде кризата удира подлабоко во кичмата на професијата. Не сум најкомпетентен и експерт но времето ќе покаже што се останало да чека зад завесите на театарот каде има пригушено светло. Иако се’ се води пред светлото на јавноста, се прикажува двонасочната комуникација, сепак постои нешто што на секој новинар му смета а тоа е неможноста за подлабока анализа бидејќи се е во контекст да не се шири паника. Барем таква е оправданоста за транспарентноста. Во поглед на секојдневната работа, недостига теренот, недостигаат граѓаните да се во фокусот на работата. Нервозата од ден во ден е се поголема, бидејќи таму некаде тлеат големи новинарски теми кои не може да се стигне да се обработат бидејќи се е во фокусот на Ковид – 19. Се плашам дека новинарското перо не ќе може да одговори навремено поради легалистичкиот пристап дека се е согласно закон и уредба.Кризата си го прави своето, па така и во новинарството. Последиците се големи, но дефинитивно се испишува историја и во оваа професија бидејќи и новинарите се тие кои се изложени во тие така наречени први борбени редови.

Можам да зборувам личчно дека потребната заштита ја добивам секој ден, меѓутоа истата не ни чекам некој да ми ја наложи бидејќи треба да сме свесни од потенцијалот на ширењето на вирусот и опасноста од исходот доколку се однесуваме невнимателно. Од разговор со останатите колеги од другите медиуми знам дека ја имаат потребната заштита од маски, ракавици па дури и визири.

Извештајот на Репортери без граници покажува дека некои работи „стојат во место“

За последниот извештај на Репортери без граници, каде се одбележа мал напредок, но земјава е на 92-то место, новинарите коментираат дека истиот е уште една потврда дека состојбата со слободата на медиуми не е добра. „Сметам дека извештајот е реален, бидејќи за жал може да се каже дека постојано стоиме во место со слобода на изразување во медиумите. Работиме во време кога начинот на влијанија на центрите на моќ се различни и прикриени, но сепак постојат. Ако порано јавно се линчуваа “непослушните новинари”, денеска или се игнорирани или се води организирана, смислена, но прикриена хајка. Лажните вести се дополнителен притисок поради кои секојдневно сме дополнително оптоварени и одговорни да ги посочиме и да ги разобличиме. Сепак наше е да се избориме и да го издржиме притисокот, бидејќи сме должни кон јавноста и вистината“, вели новинарката Николовска.

Фуркан Салиу коментира дека „ се вели дека срушивме режим, а на новиот извештај на Репортери без граници сме до една Србија во која што знаеме каква е состојбата на медиумите“.

„А пред нас се е и Унгарија. Партиите на власт може да се сменат, но медиумите кои се секогаш околу власта се тие истите, а со такви медиуми тешко да се подобри ситуацијата. Иако може да се забележи одредена промена, посебно во делот на транспарентноста на институциите… За скоро секое прашање ќе добиете одговор.Може да се каже дека новинарите се чувствуваат побезбедни и не се цел на директни напади од власта, но сепак, требаше само да се распишат изборите за да се вратиме во времето кога секој обид да се каже јавно различен став наидуваше на остри реакции од партиските активисти, а не ретко имаше и закани. Сепак, новинарството сеуште е малку платена професија, медиуми се отвораат само за да се достигне одредена цел, и многу брзо пропаѓаат, а квалитетни новинари остануваат без работа“, додава тој.

ССНМ: Последиците од кризата веќе се чувствуваат

Економските последици од кризата веќе се чувствуваат, а според нашите проценки во наредниот период тие ќе бидат уште поголеми по економско-социјалната состојба на новинарите и медиумските работници. До сега во Македонија немаше поголем бран на отпуштања на медиумски работници освен случајот со петмина од два дигитални медиуми. Сепак, имаме информации дека повеќе, таканаречени традиционални медиуми веќе најавиле драстични намалувања на платите, што сметаме дека е недозволиво во овие услови во кои медиумските работници се на првата линија на фронтот и извршуваат многу значајна работа во борбата против ширењето на вирусот, а тоа е објективно и навремено известување за сите случувања околу Ковид-19, велат од ССНМ за ПИНА. Тие ја поздравуваат одлуката на владата и медиумите да влезат во групата компании кои ќе можат да ја користат мерката за зачувување на работните места со субвенционирање на минимална плата по вработен, но имале информации дека некои медиуми одлучиле да не ја користат, а наместо тоа најавиле намалување на платите, што велат дека во најмала рака е чудно и недозволиво.

„Најпогодени како и секаде во светот се прекарните работници кои и имаат ниски приходи и лоши услови за работа. Затоа во овој момент многу е важна поддршката и солидарноста за новинарството, особено од јавноста. Точен и реален приказ на влијанието на кризата врз новинарите и медиумските работници ќе имаме во наредниов период, кога кризата со Ковид-19 ќе стивне, и ќе се намали обемот на работа поврзана со покривање на пандемијата“, додаваат тие.