Корона вирусот го запре натпреварувачкиот но не и спортскиот дух

0
295

Долгата пауза поради состојбата со корона, ги откажа сите големи настани, првенства и натпревари. Со тоа не ги изостави ниту спортистите, кои наоѓаат разни начини за одржување на формата во периодот на изолација. Се поместија со години организираните светски и европски манифестации како Олимпијадата во Токио 2020, Европското првенство во фудбал кое требаше да се игра во 12 земји, тениските гренд слем турнири, НБА натпреварите, Формула 1 и сите други првенства во различни спортови и земји.

Дел од нив се презакажани за наредните години, дел се одложени, некои од првенствата ќе се преигруваат, некои ќе делат титула врз основа на досегашните резултати, а сите овие промени и паузи на удар ги ставаат главните протагонисти – спортистите. Во прашање е доведена не само нивната физичка форма, туку и умствената. Домашните изолирани тренинзи и онлајн активностите се понудија како алтернатива за надополнување на ритамот до одредна точка.

Онлајн тренинзи во Мадрид

Шпанија е една од најпогодените земји во кризата во поглед на бројот на заразени и починати. Во изолација во Мадрид е голманот на фудбалската репрезентација на Македонија Столе Димитриевски, кој е член на Рајо Ваљекано.

“Многу беше тешко но се прилагодив на новите начини на функционирање и се обидувам да го искористам времето максимално. Формата ја одржувам најдобро што знам, тренирам секој ден, имам неделна програма која ја добивам од мојот клуб. Два пати во текот на неделата одржуваме и онлајн тренинзи кои дополнително допринесуваат да се одржи тимскиот дух. Многу ми е тешко што сум во Мадрид без фамилија во вакви моменти и се обидувам времето да ми помине што побрзо, ги користам социјалните мрежи, конкретно поминувам доста време на FaceTime за да бидам во контакт со најблиските. Во главниот град на Шпанија, моментално бројот на заболени се намалува ама уште сме во критична ситуација. Следниот месец ќе се знае дали ќе се функционира нормално со некои норми.” – вели чуварот на мрежата на шпанскиот клуб.

Недостасува натпреварувачки дух

На фудбалерот на Вардар, Даниел Аврамовски најмногу му недостасува натпреварувачкиот дух. Искрено верува дека во скоро време ќе се врати на терените со целата екипа и ќе даде се од себе оваа вонредна ситуација да не се одрази врз него и останатите соиграчи, затоа што станува збор за професионалци и нема да дозволат да им пропадне се што досега граделе, а и резултатите од досегашниот тек на сезоната.

“Секако дека ситуацијата со корона вирусот влијае многу на сите. Гледајќи од аспект на спортист е многу тешко, затоа што навиките секој ден тренинзи, натпревари, адреналин, другарство на терен и надвор од него, сега ги нема. Љубовта кон спортот не може да се опише и кога одеднаш се престанува на малку подолго време стануваш жеден, едвај чекаш сево ова да заврши. Добив насоки и план за тренинзи за овој период, но ми недостасува натпреварувачкиот дел. Моментално тренирам сам, слободното време го искористив со сопругата на едно убаво планинско место каде што можам да ги извршувам професионалните обврски. Формата ја одржувам дома и во природа и на тој начин се трудам да се одморам психички, затоа што кога ќе вклучите телевизор доаѓаат премногу информации, сите се различни, создаваат некаква паника, страв и стрес, а тоа не му треба на никого.”– истакна македонскиот фудбалски репрезентативец.

#Спортистипротивкорона

Во време кога не можат да водат битка на теренот, дел од спортистите се кренаа на нозе да помогнат. Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Горан Кузмановски ја покрена иницијативата #Спортистипротивкорона и објави жиро-сметка за донации. Собраните средства се искористија за обезбедување на заштитни маски и опрема на здравствените работници кои се во првиот одбранбен ред и обезбедување на средства за дезинфекција и хигиена за социјално најзагрозените лица. Во најважниот натпревар во кариерата со донации се приклучија голем број на спортисти и клубови.

“Идејата ми беше да помогнеме кога е најпотребно, посебно на здравствените работници затоа што во овие тешки моменти тие ни се најпотребни. Исто така идејата беше да се донира и храна за семејствата што се социјално загрозени. Изненаден бев од доста колеги кои донираа, се јавија и спортисти кои играат надвор и оние кои веќе завршиле со активно играње. Ние веќе дониравме во детската клиника визири, маски, скафандери, ракавици а имаме намера да донираме и во други болници. Листата е огромна, во акцијата се вклучија: КК МЗТ Скопје, КК Гостивар, РК Еурофарм Пелистер, ОК Јанта Волеј, Наумче Мојсовски, Столе Стоилов, Илија Несторовски, Никола Митревски, Никола Ѓошевски, Филип Миркуловски, Баже Илијоски, Срѓан Захариевски и Гоце Георгиевски.“ – раскажа Кузмановски.

Промената без тренинзи и за него била невообичаена. Тој тренира и наоѓа начин да ја одржи формата колку може подобро, надвор од сала, со постојани активности како што е трчањето затоа што глобално за сите спортисти не е добро што на ваков начин прекинаа тренинзите, но сепак како што вели ова е време во кое најважно е здравјето.

Дополнителен спортски канал со порелаксирана програма

И додека со нетрпение очекуваме спортот да се ослободи од оковите, Јавниот сервис – МРТ ја искористи можноста за емитување одредени архивски настани од аспект на почитување на телевизиски права и понуди дополнителен спортски канал со кој се навраќа на сеќавање од поблиското и од подалечното минато.

“Отворањето на спортско-забавниот канал, во пакет со уште два нови, беше идеја којашто тлееше и подолго време, но почетокот на проектот се одложи од објективни причини, главно поради тоа што се немаше слух за потребите на Јавниот сервис дека за таков револуционерен потфат е потребен ангажман на нови кадри, но и засилена финансиска поддршка. И веројатно планот ќе останеше да се реализира можеби наесен, можеби и многу подоцна. Сепак, специфичната ситуација во којашто се најдовме сите, принудно затворени дома, насочени кон телевизијата и интернетот, ја стави МРТ во ситуација да се охрабри да повлече рискантен потег, во време-невреме. Свесни дека на гледачите им недостига спорт на ТВ-екраните, решивме баш сега да го стартуваме новиот колажен канал, во којшто спортската понуда ќе биде меѓу главните содржини. Разбирливо се е запрено низ светот, тако што можност за пренесување нешто актуелно воопшто нема, но затоа имаме можност да понудиме нешто што во моментов не можат ниту специјализираните спортски канали – како членка на Евровизија. МРТ обезбеди ексклузивна можност да ги реемитува претходните светски фудбалски првенства, додека партнерството со Интернационалниот Олимписки Комитет и дава шанса повторно да и ги понуди на публиката претходните олимписки игри. Покрај тоа МРТ-3 ги обнови спомените од последниот период и од ракометната ЕХФ Лига на шампионите, од ракометната СЕХА лига, како и од сите други спортски натпреварувања за коишто располага со ТВ-права за тековнава сезона (кошаркаската НБА лига, хокејарската НХЛ лига, ИСУ натпреварите во уметничко лизгање, италијанскиот и францускиот фудбалски шампионат).” – објасни Драган Николовски, уредникот на спортската редакција на МРТ.

Дополнително мораториумот го отежнува и подготвувањето на секојдневните блокови спортски вести. Информациите во нив главно се сведуваат на шпекулации околку тоа кога би продолжиле континенталните или националните спортски натпреварувања како би се добиле шампионите во нив, колкави загуби бележат клубовите и спортистите, што значи од стручен аспект вака долгата пауза среде сезона и слично.

Негативни последици од обложување на виртуелни спортови

Пандемијата, освен што ги запре спортистите, големите спортски настани и првенства, ги затвори и обложувалниците, а нивното затворање ги навлече луѓето на онлајн обложување преку виртуелни спортови кои знаат да бидат опасни. Не станува збор за реални пресметки и натпревари, туку за виртуелни спортови на кои корисниците несвесно се навлекуваат и оставаат голем дел од своите средства. Отворена е можноста едно мало посегнување кон облог од ваков тип да предизвика сериозен проблем и зависност. Некои од државите во Европа се свесни за опасноста и веќе имаат воведено рестрикции. Лимитирана заработка на сервисите за обложување, ограничено користење во текот на денот или целосна забрана за употреба додека не запре изолацијата.

Автор: Ивана Митровска