Стравувам дека корона кризата ќе се користи како изговор за да се одлагаат и да не се реализираат различни барања, ветувања и планови за унапредување на правата на маргинализираните заедници, вели Драгана Дрндаревска, активистка за човекови права и правна советничка во Коалиција „Маргини“. Во интервју за ПИНА, Дрндаревска говори за ударите од кризата со Ковид 19 по маргинализираните во општеството, последиците за женските права како и за реалноста на ,,седењето дома” за оние кои се соочуваат со семејно насилство.
Вирусот Корона и последиците од него влијаат на сите аспекти од нашето живеење, со длабоки промени во социјалниот, културниот, економскиот живот во земјата. Какви се засега ударите од оваа криза по маргинализираните групи во општеството?
Маргинализацијата на различни групи во општеството не се случува поради нивна вина или личен избор на припраникот на групата. Станува збор за општество чии правила, врски, распределба на моќ и вредности генерираат привилегии за едни, а маргинализација пропратена со сиромаштија, нарушено здравје, ранливост на насилство за други. Маргинализацијата на едните се случува поради привилегиите на другите, а вториве се во позиција на моќ да одлучуваат за животот на првите, па најчесто делуваат во насока на зачувување и проширување на своите привилегии на штета на мнозинството. Врз грбот на маргинализираните се прекршуваат последиците од секоја криза, без разлика дали станува збор за поплава, друга природна непогода или корона вирус. Често слушаме дека богатите треба да платат за последиците од кризта бидејќи тие уживале и ги исползиле заедничките ресурси на сметка на сиромашните и маргинализираните. Но, секојдневно следиме дека тоа тука не се случува. Од начинот на кој Владата се справува со кризата произлегуваат бројни проблеми поврзани со провизорно прекршување на права и неоправдан неедаков третман т.е. дискриминација. Од една страна, проблемите поттекнуваат и од самите мерки, кои многу често се генерални и при нивното креирање не се води сметка за начинот на кои тие влијаат врз различни групи. На пример, како одложувањето на извршувањето на затворските казни влијае врз жените кои треба да живеат со своите осудени насилници; како учениците што немаат компјутери и интернет ќе добијат образование; како луѓето кои живеат во субстандардни услови (импровизирани живеалишта, без чиста вода за пиење) ќе го испочитуваат решението за задолжителен карантин; итн. Мерки кои се генерални и ги немаат предвид поединечните потреби на сите групи граѓани, несразмерно ги погодуваат маргинализираните групи, со што трошокот за различноста паѓа на нивен товар. Ако си сексуална работничка, за тебе кризата значи дека ќе мора да одбереш помеѓу ризикување за инфекција и казни за непочитување на мерки или да не обезбедиш храна и останати егзистенцијални потреби за твоето семејство. Наспроти оваа сурова реалност, денес слушаме дека нашите пари ќе се делат на сопствениците на капитал дури и ако отпуштат вработени!
Другиот дел од проблемите произлегуваат од начинот на спроведување на мерките од самите институции. Нашите институции и пред кризата не можеа да се пофалат со професионалност, интегритет и одговорност. На пример, во еден од првите случаи на државен карантин само Ромите завршија на Криволак, а за останатите граѓани кои требаше да бидат таму сместени мерката или не важеше или се сместија во хотел?! Одговор не добивме. Наспроти вработените во јавната администрација чии работнички права се најдобро заштитени споредбено со остнатите, сведочевме отпуштања од приватен сектор и недостаток од санкциоирање на ваквото самоволие. Средствата за здруженија на граѓани се скратија, а Владата најде начин преку факултетите на верските заедници да ги награди за непочитување на мерките. Сите јавни собири се забранија, но одењето во црква и нехигиенскиот начин на причестување си остана како непишан исклучок од забраната. Сметам дека власта не успеа да ги пресретне потребите нити на мнозинството граѓани со цел да спречи нивно осиромашување, а уште помалце успеа да одговори на потребите на најмаргинализираните групи со што ударите до кризата завршуваат на нивна кожа.
Долг период работите во организации кои работат на унапредување на состојбата на ЛГБТИ лицата и другите маргинализирани групи, како и на родовите прашања. Сметате ли дека во периодот што следи кризата може да влијае на запоставување на дел од овие прашања во општеството?
Во општество каде, од една страна, политичкиот контекст се менува секојдневно, а од друга страна, сите наводни успеси поврзани со правата на магинализираните групи се кревки и неодржливи, очекувам кризата да придонесе кон нивно дополнително запоставување. Иако се прашувам што е тоа што би можело дополнително да се запостави, бидејќи и до сега напредокот беше само на хартија. Институциите во РСМ не се независи и професионални, не донесуваат политики засновани на докази, кои развојно и стратешки треба да се спроведуваат со децении за да се постигне напредок. На пример, дури и пред кризата, со самото објавување на датумот за парламентарни избори, институциите ги заборавија овие теми. Ова не е случај само со овие избори и нити само со овие теми. Оттука не можеме да очекуваме постојаност во парцијалните чекори за унапредување на сосојбите со правата на која било група. Во голема мера нашите напори ќе зависат и од изборите и политичката волја на следние властодржци кон овие прашања. Стравувам дека корона кризата ќе се користи како изговор за да се одлагаат и да не се реализираат различни барања, ветувања и планови за унапредување на правата на маргинализираните заедници. Корона кризата во нити еден случај не може да биде прифатливо оправдување, особено ако земеме предвид дека пораката која повторно ќе ни ја пратат со таквото делување е дека животите на маргинализираните групи се помалку важни и не се вредни за заштита. Кога државата работи на унапредување на правата на маринализираните групи не ми прави услуга мене и на моите пријатели, туку инвестира во еднаквоста и благосостојбата на целото општество.
Една од главните мерки за борба со вирусот е социјалното дистанцирање, а понекогаш е потребно и да се „седи дома“ подолг период, за да се чека да поминат кризните периоди и да се биде на безбедно. Но за многумина, седењето дома не е безбедно, особено за жените кои се соочуваат со семејно насилство. Како да се заштитат во вакви услови оние кои имаат вакви проблеми?
Кога станува збор за семејното насилство ова е уште една област во која состојбите се речиси идеални на хартија. До некаде имаме и унапредување кај различни институции, но ова унапредување повеќе се однесува на свеста дека проблемот постои и дека жените не се криви, но далеку од ефикасна и ефективна заштита. Сите постапки поврзани со семејно насилство согласно законот треба да бидат итни, но недостатокот на итност во практиката, препраќањето на жртвите од една во друга институција, ригидното инсистирање на документи кои жртвата не е во можност да ги прибави, недостаток на координација на институциите, т.н. врски т.е. непотизам и корупција при постапувањето, се само дел од проблемите на кои многу пати сме посочувале.
Какви се последиците од кризата за женските права и родовите прашања?
Жените, како повеќето општествени групи кои имаат помала политичка моќ и ресурси, ќе излезат попогодени од кризата без разлика дали станува збор за отпуштање од работа, грижата и образованието на децата, пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје, сексуалните работнички кои немаат работа, жените кои живеат со насилници, здравствените работнички изложени на ризик од инфекција, работничките во супермаркетите кои за минимална плата го ризикуваат своето здравје, пензионерките кои не можат да излезат од домот и на кои им е отежнат пристапот до здравствени услуги. Ова се области во кои имаме ограничувања на правата, а кои само се накалемуваат на лошите и нефер услови во кои и претходно живееа овие жени. Оттука, потребни се мерки кои ги имаат предвид потребите на овие жени, а не потребите на сопствениците на фабриките кои генерираат сиромаштија и експоатација.
Повеќе од кога било е потребно да се сменат состојбите во посткризниот период. Што значи „враќање во нормала“? Оние кои имаат пристап до ресурси, уживаат привилегии и не се засегнати од нееднаквоста сметаат дека претходно било нормално. За мене не е нормално да работам во три смени за минимална плата, без гарантирано право на одмор, шефот да ми се заканува и ме третира како стока; не е нормално ме тепаат на улица затоа што сум трансжена, а полицијата да ми се смее и да ми каже „ова не е ЕУ“; не е нормално да немам пристап до медикаментозен абортус и орална контрацепција во 2020 година; не е нормално да не ми го продолжат договорот за работа зошто сум бремена; не е нормално полицајци да ме силуваат и да ме тепаат зошто сум сексуална работничка; не е нормално насилникот Перо Арсеновски да биде директор на основно училиште; не е нормално учебниците да пропагираат родови стереотипи и машка супрематија; не е нормално полицијата да ме препраќа од една во друга полициска станица за да пијавам насилство!”
Кои се начините на поддршка кои може да ги добијат ЛГБТИ лицата за време на пандемијата со Ковид19?
ЛГБТИ луѓето не се хомогена група, па нивните проблеми можат да бидат различни зависно од контекстот. Ранливоста на насилство, стигмата од околината, недостатокот од здравствени услуги за трансродовите луѓе, дискриминацијата во пристапот до добра и услуги, повредата на правото на приватен и семеен живот се само дел од заедничките проблеми. Како последица од живот во општество кое не те прифаќа, средина која се срами од тебе и те осудува, кај дел од ЛГБТИ луѓето се појавува и нарушување на психолошкото и физичкото здравје кои можат да се засилат за време на криза. Исто така, во услови на криза, семејното насилство кон ЛГБТИ младите може да стане почесто и поинтензивно.
Коалицијата Маргини нуди бесплатна правна помош и психо- социјално советување. Заедно со останатите ЛГБТИ организации од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата нудиме различни видови на услуги за помош и поддршка на ЛГБТИ луѓето, достапни и за веме на кризата. Целосни информации се достапни на Фејсбук страната ЛГБТИ мрежа и на овој линк.
Автор: Кристина Озимец
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на ова видео е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.