Медицинските сестри во првите редови во борбата со пандемијата

0
1747

Медицинските сестри се во првите редови во борба со пандемијата од Ковид 19 и секојдневно го ставаат својот живот на ризик за да го спасат туѓото здравје. Токму сега кога општеството повторно гледа колкава е нивната вредност во заштитата на јавното здравје, потребно е да се посвети внимание на унапредување на нивниот статус во здравствениот систем и на условите во кои работат, велат од медицинската фела.

Зорица Љубичиќ е медицинска сестра на Kлиниката за инфективни болести која е една од главните точки во системот за третман на Ковид 19, вирусот кој го промени светот. За ПИНА вели дека заболувањето SARS-CoV-2 е се уште голема енигма во светски размери додека пружањето на здравствена грижа и нега на пациенти, со оваа дијагноза било нешто ново за нив, во досегашната долгогодишна пракса.

„Носењето на лична заштитна опрема создаваше физичка бариера меѓу мене и пациентот и тоа на почетокот многу ми пречеше. Справувањето со стравот на пациентите од крајниот исход на нивното лекување исто бараше голема смиреност и емпатија од сите нас здравствени работници. Но, морам да потенцирам дека уште пред да го примиме првиот случај на клиника, сите бевме информирани за начинот на пренесување на заболувањето и имавме обуки за користење на опремата, значи до некаде бевме подготвени за она со што ќе се справуваме“ вели таа.

12-ти Мај е Меѓународен ден на медицинските сестри а годинава милиони луѓе низ светот оддаваат благодарност и почит за нивната професија која сега е во првите борбени редови со корона вирусот.

Хуманоста го победува стравот

Весна Левковска која е вработена како медицинска сестра во поликлиниката „Јане Сандански“ вели дека  во периодот кога нашата земја се бори со пандемијата на вирусот Ковид 19, медицинскиот персонал со сите свои расположливи средства се во првите борбени редови. Таа смета дека желбата да се помогне во овие услови и нивната должност кон здравјето на луѓето како нивна одбрана професија говори дека  хуманоста го победува стравот кој несомнено го чувствуваат со секој одминат ден.

„Предизвикот е голем , се соочуваме со невидлив и многу опасен непријател, но не се откажуваме, стоиме подготвени  и со сите сили се трудиме да го победиме. Ризикот е многу голем  и за нашето здравје, но сепак и здравјето на илјадници луѓе зависи од нас“, вели таа за ПИНА.

И нејзината колешка, Гордана Ивановска која веќе една деценија работи како медицинска сестра, четири години на одделот за психијатрија , а шест на ургентиот центар, во  Градската Општа болница „8ми Септември“, вели дека пандемијата е еден од најголемите предизвици за нивната професија.

„Како ново искуство можам да го издвојам носењето на заштитна опрема, бидејќи за прв пат се сретнувам со тоа. Човечки живот е скапоцен, а да се изборите за живот е хуманитарна работа која прави да се чувствувам преубаво без оглед на ситуацијата во која се наоѓаме. Ниту една ситуација не може да ја промени желбата и љубовта кон работата“ вели таа.

Околу 2300 здравствени работници поминаа онлајн тренинзи за утврдување на капацитетите кои нашиот здравствен систем ги нуди и прилагодување на моменталната состојба.

Време е за подобра финансиска валоризација на нивниот труд

Токму сега кога општеството гледа колкава е нивната вредност во заштитата на јавното здравје, потребно е да се посвети внимание на унапредување на нивниот статус во здравствениот систем и на условите во кои работат, велат од медицинската фела. Од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) велат дека историски, а и денес медицинските сестри биле во прва линија на фронтот во борбата против епидемиите и пандемиите кои му се заканувале на светот.

,,Исправени пред предизвикот COVID19 треба да ни служи за потсетник за виталната улога која сестрите ја играат во здраствениот систем. Во таа насока ја потенцираме потребата за унапредување на нивниот статус во здравствениот систем, условите во кои работат со посебен акцент на достапноста на личната заштитна опрема и секако, подобра финансиска валоризација на нивниот труд и пожртвуваност“, велат оттаму за ПИНА. 

Низ светот, многу од медицинските сестри поради пандемијата со вирусот за жал ги изгубија нивните животи. Меѓународниот ден на медицинските сестри 12 мај се одбележува во сеќавање на раѓањето на болничарката Флоренс Најтингел (1820-1910), која го поминала целиот живот промовирајќи ја медицинската професија додека нејзина главна цел било посветеност и грижа за пациентите. Формирала нејзино училиште за професионално образование на медицинските сестри, а тоа за што се борела тогаш, денес е реалност.

МЗ: Се планира надоместок за медицинскиот персонал поради кризата со Ковид19

Планирана е една одредена сума на средства како награда/надоместок за сите лекари, медицински сестри кои деноноќно се грижат за пациентите и се борат против КОВИД-19, велат од Министерството за здравство за ПИНА за тоа дали има во најава зголемување на платите на медицинските сестри и персоналот и што се прави за подобрување на нивните услови за работа. Според министерството, во моментов се разгледуваат буџетските можности за оваа намена.

Автор: Маја Терзиова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на ова видео е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.