Изградбата на патишта е едно од најчестите ветувања на секоја партија во своите изборни програми, но многу од нив остануваат нереализирани. Оттука, граѓаните посебно во руралните средини и во 21 век живеат во кал, а неизградените патишта ускратуваат и основни човекови права, како на пример пристап до здравствена заштита.
Ѓорѓи Зафиров е жител на населба Раклиш, Радовишко и во разговор за ПИНА.мк вели дека заедно со другите жители кои живеат на таа улица се обидувале да упатат апел до општината преку потпишување на петиција за изградба на таа улица, но залудно.
„Јас живеам околу 15 години овде, а само слушаме празни ветувања. Неодамна имав здравствен случај каде мој родител мораше итно да биде пренесен во болница, но Брзата Помош половина час неможеше да влезе кај мене дома и да му помогне на мојот родител. Овде се работи за човечки живот поради недобро работење на локалните власти“, објаснува Зафиров.
„Македонија без кал“ проект кој е реализиран помалку од половина
За да се промени оваа слика, преку „Проект за поврзување на локални патишта“, или таканаречен „Македонија без кал“ со Одлука на Влада во 2020 година, на сите општини во Македонија им се алоцирани средства во определена висина, одредени по посебна методологија утврдена од страна на Светска банка.
Средствата се алоцирани за реконструкција и надградба на локални патишта и улици, вклучувајќи дополнителни работи, надзор над градежните работи и проектирање.
„Дел од општините се во фаза на подготовка на проекти, дел од нив имаат веќе доставено до Светска банка на одобрување. Проектот се иницираше во 2019 година, а започна со реализација во 2020 година. Проектот трае до крајот на 2024 година,“ велат од Министерство за транспорт и врски за ПИНА.мк.
Од таму додаваат дека општините се должни само да достават готови реализирани проекти до Министерството каде тие се задолжени за тендерите, склучувањето на договори со изведувачи и го водат целиот процес до крај.
„Условите за аплицирање за овие средства се исти за сите општини без разлика на големината, а висината на добиените средства зависи од посебна методологија, утврдена од Светска банка и тоа врз основа на бројот на население, број на населени места и површина на општините. Предвидено е преку проектот да се рехабилитираат 450 километри локални улици и патишта.,“ додаваат од Министерство за транспорт и врски.
Заемот, како и целиот Проект изнесува 70 милиони евра, а до сега преку овој Проект опфатени се над 150 локални улици и патишта во над 60 општини, а според официјалните информации од Министерството за транспорт и врски, само 60 улици се завршени.
„Се алоцираат дел од средствата од заемот за Проектот за поврзување на локални патишта во износ од 62.800.000 евра обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка согласно Договорот за заем за Проектот за поврзување на локални патишта, а се наменети за градежни работи во општините и општините во градот Скопје со исклучок на Град Скопје, за рехабилитација, реконструкција и надградба на локални патишта и улици, вклучувајќи дополнителни работи, надзор над градежните работи и проектирање. Овие средства се дел од вкупниот износ утврден со Договорот за заем за Проектот за поврзување на локални патишта, кој изнесува 70.000.000 евра. Алоцираните средства по општините и општините во градот Скопје со исклучок на Град Скопје ќе се реализираат согласно условите и начинот на користење утврдени со Договорот за заем за „Проектот за поврзување на локални патишта,“ се вели во одлуката на Влада.
Финансиите и правните работи проблем за општините, недоволна поддршка од централната власт
Меѓу општините во кои има алоцирано најмногу средства се Куманово 1.997,055 евра, Битола 1.426.263 евра, Кичево 1.232.449 евра, Прилеп 1.282.393 евра,Велес 1.199.789 евра, Гостивар 1.156.537 евра, Кавадарци 1.133.200 евра и др.
Меѓу општините во кои има алоцирано најмалку средства се Пласница 547.633 евра, Шуто Оризари 563.779 евра, Сопиште 582.377 евра, Чучер Сандево 586.229 евра и др.
Во однос на тоа каков план има Општина Радовиш за поголема реализација на патиштата, тие велат дека во рамки на своите финансиски можности се реализира мал дел од планираното.
„Како општина активно аплицираме на јавните повици за финансирање на инфраструктурни проекти од страна на министерствата со цел дека ќе бидат задоволени нашите барања, но за жал често не добиваме позитивен одговор. Финансирањето на инфраструктурата е од прибераните средства по основ на надоместок за уредување на градежно земјиште, со законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во општината се легализираа повеќе од 8.000 објекти за надоместок од едно евро по метар квадратен и нормално е да се јави огромен недостаток на финансии за реализација на инфраструктурата“, велат тие.
За тоа зошто најчесто се доцни со реализација при правењето на улиците, од Општината велат дека причините се неколку.
„Најпрво, како пречка која се јавува е неусогласеноста на бесправно изградените објекти и нивното вклопување во урбанистичките планови. Исто така, финансирањето на инфраструктурата како една од најголемите проблеми при целиот овој процес, како и бавното решавање на експропорцијација на земјиштето. Согласно информациите со кои располагаме, околу 15 проценти од улиците кои се наоѓаат во урбаниот опфат на градот не се асфалтирани“, децидни се од Општината.
Aвтор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА