Мишев: Граѓанските организации често ја обезбедуваат помошта која треба да ја даде самата држава

0
183

Граѓанските организации (ГОи) имаат голем придонес во развивањето на демократијата и владеењето на правото во една држава, особено преку обезбедувањето директнa помош и поддршка за решавање на индивидуалните проблеми на граѓаните. Па така, особено влијание имаат и здруженијата за заштита од насилство врз жени и семејно насилство.

Стојан Мишев од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) во интервју за ПИНА објаснува дека постоењето на ваквите организации во земјава е подеднакво неопходно и значајно.

Тој, посочува дека тоа е така имајќи предвид дека тие го застапуваат и зголемуваат учеството на граѓаните во процесите на донесување на законите, политиките и стратегиите, како и дека континуирано ја следат имплементацијата на меѓународните обврски и често алармираат и повикуваат на одговорност на државата за состојбите со човековите права.

Мишев објаснува дека граѓанските организации постојано работат на обезбедување услуги за ранливите групи граѓани, но посочува и дека тие традиционално со години обезбедуваат бесплатна правна помош, психолошко советување, згрижување, образовни, социјални, здравствени и други услуги за ранливите групи граѓани.

„Значењето на услугите кои ги обезбедуваат ГОи е уште поголемо со оглед на тоа што станува збор за специјализирани услуги кои се приспособени на специфичните потреби на ранливите групи на граѓани. Благодарение на поддршката од ГОи, граѓаните се правно зајакнати, односно информирани се и проактивно се вклучуваат во постапките за заштита и реализација на законски гарантираните права пред надлежните институции и правосудството“, смета тој.

Како пример, тој го посочува Центарот за правна помош за жени (ЦПП) што претрпеле семејно насилство при ЕСЕ кое работи од 2002 година. Досега, тој објаснува дека имаат обезбедено бесплатна правна помош и психолошко советување на повеќе од 4000 жени.

Истовремено, преку центарот, како што посочува тој, обезбедуваат бесплатни правни совети, писмени поднесоци и судско застапување во граѓанските и кривичните постапки за заштита од семејно насилство.

„Но, и решавање на поврзаните правни проблеми на жените, како што се разводот на брак, старателството, издршката за децата, делбата на имот, надомест на штета и др. Во 2020 година ја креиравме и правата интернет платформа за правни совети за жени што претрпеле семејно насилство pobarajsovet.mk“, вели тој.

Граѓанските организации како единствена алтернативна за поддршка на граѓаните

Тој вели дека граѓанските организации ја обезбедуваат помошта и поддршката која е должна да ги обезбеди самата држава.

Но, поради недоволната политичка волја и нераспределбата на потребните човечки и финансиски ресурси, тој тврди дека изостанува спроведувањето на оваа значајна обврска во однос на заштитата и промовирањето на човековите права на граѓаните.

„Поради необезбедувањето на потребните услуги за граѓаните од страна на надлежните институции, придонесот на ГОи кои се даватели на вакви директни услуги е уште поголем, а воедно и неопходен за решавањето секојдневните проблеми и потреби на ранливите групи на граѓани. Загрижува тоа што ваквата улога иако е препознаена, не се почитува (вреднува) доволно од страна на Владата и надлежните министерства повеќе од 20 години. Дел од ГОи кои со години обезбедуваат правни, психо-социјални, згрижување и други услуги за жените жртви на насилство воопшто не добиваат финансиска поддршка, како што е случајот со ЦПП на ЕСЕ“, вели Мишев.

Ваквите податоци, како што вели тој, го потврдуваат заклучокот дека државата не ги обезбедува потребните директни услуги за ранливите групи граѓани, а истовремено не обезбедува ниту соодветна финансиска поддршка за организациите кои ги обезбедуваат услугите.

„Затоа е потребно промена на досегашниот однос и распределба на финансиски средства кои ќе овозможат непречено обезбедување на услуги, но и институционална поддршка за оддржливост на самите ГОи“, смета тој.

Но, покрај обезбедувањето на помош и поддршка на жртвите, придонесот на граѓанските организации се однесува и на соработка со надлежните министерства и институции кон подобрување на системот за заштита и институционалниот одговор кон семејното насилство.

Според него, граѓанските организации постојано се вклучени во процесите на усвојување на законите, политиките и стратегиите, но потенцира дека постојано се соочуваат со големи предизвици.

„Паралелно со решавањето на индивидуалните проблеми на граѓаните, ГОи континуирано нудат поголемо вклучување на ранливите групи во процесите на одлучување и преземаат активности за застапување пред Владата, надлежните министерства и Собранието за подобрување на правната рамка и имплементацијата на постоечките закони, политики и стратегии кои ги засегаат различните ранливи групи на граѓани. Значајно е да се напомене дека во овие процеси ГОи го промовираат планирањето базирано на докази, односно се залагаат за соодветно идентификување на специфичните потреби на ранливите групи, планирање и спроведување на мерки за решавање на потребите во однос на пристапот до правда, здравствена заштита, социјална заштита, образование, пазар на труд и во сите други области од општественото живеење“, објаснува тој.

Како поткрепа на ваквите заложби, организациите ги користат наодите од самите истражувања и анализи кои ги спроведуваат со претставници од самите ранливи групи граѓани, со што обезбедуваат вклучување нивна перспектива и искуство во процесите на одлучување.

„На пример, Здружението ЕСЕ паралелно со обезбедувањето на бесплатна правна помош, редовно ги консултира жените за трошоците со кои се соочуваат како резултат на семејното насилство, како и специфичните бариери при остварувањето на законски гарантираните права во граѓанските и кривичните постапки за нивна заштита, користењето на правото на бесплатна правна помош и ослободување од плаќање на трошоците во судските постапки, правото на издршка за децата  и др. Генерален е заклучокот дека наспроти формалното вклучување на ГОи во работни групи за подготовка на закони, политики и стратегии, изостанува нивно суштинско вклучување во овие процеси“, вели Мишев.

Тој посочува дека во иднина е потребно да се смени, но и подобри соработката со граѓанските организации.

Тоа, според него, треба да се направи преку воспоставување механизми и практика на редовна комуникација и консултирање на практичарите од организациите, институциите и правосудството во процесите на планирање и усвојување на националната правна рамка за заштита од насилство и остварување на правата на жените што претрпеле семејно насилство.

„Воедно, потребно е да се воспостави пракса на редовно подготвување на записници од оддржаните работни среди и консултации и  нивно јавно објавување со цел запознавање и подобрување на разбирањето во јавноста“, дециден е тој.

„Државата има пасивен пристап за справување со семејното насилство“

Целта на здружението ЕСЕ кое постои речиси 30 години и работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економските права на ранливите групи граѓани е да обезбедат еднаков пристап до правдата, која е една од приоритетните области од нивната работи, каде се посебно насочени кон подобрување на фактичката состојба на жените што претрпеле семејно насилство.

„ЕСЕ го иницираше процесот на усвојување на законски одредби за заштита од семејно насилство  во 2004 година и оттогаш континуирано ја следи и презема активности за подобрување  на нивната имплементација. Применуваме двостран пристап во нашата работа, односно обезбедуваме директна помош и поддршка за решавање на проблемите со насилството и поврзаните правни проблеми со кои се соочуваат жените (развод на брак, старателство, издршка делба на имот и други), а паралелно работиме со надлежните министерства и институции на подобрување на правната рамка и институционалниот одговор кон семејното насилство“, вели Мишев.

Тој вели дека во однос на состојбите со семејното насилство во последните 20 години, е потребно да се нагласи, како што вели, пасивниот пристап на државата за справување со сериозниот општествен проблем.

Иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, според него се’ уште не се создадени ниту основни предуслови за имплементација на законските одредби, како што е распределба на потребните човечки ресурси и буџетски средства.

„Податоците од МВР покажуваат дека во 2022 година имало над 1000 кривични дела како резултат на семејно насилство. Затоа е потребно итно да се промени досегашниот пристап и да се спроведат обврските на надлежните министерства за планирање на средства во рамките на годишните буџети, а воедно да се преземат мерки за подобрување на системот за заштита. Како резултат на ваквиот однос, во Македонија бележиме долготрајни системски недостатоци и континуиран тренд на висока застапеност на семејното насилство во државата. Поради ваквата алармантна состојба, потребно е надлежните министерства и институции да преземат конкретни мерки за решавање на специфичните потреби на жените што претрпеле семејно насилство, како што се: формирање на посебен државен фонд за финансиска поддршка за жените и нивните деца, со оглед на тоа што жените вообичаено се наоѓаат во неповолна финансиска ситуација по бракот/разделбата и истовремено се соочуваат со значително зголемени трошоци како резултат на семејното насилство: изгубена заработувачка, здравствени трошоци, како и трошоци поврзани со менување на место на живеење“, додава тој.

Истражувањата на ЕСЕ покажуваат дека е потребно да се зголеми информираноста и користењето на правото на бесплатна правна помош, правото на ослободување од плаќање на трошоците во судските постапки, а воедно и законски измени во Законот за бесплатна правна помош за олеснување на критериумите со цел одобрување на  бесплатна правна помош во сите постапки кои ги водат жените.

Но, истовремено дека е потребно и подобрување на судската пракса при утврдувањето на висината на издршката за децата и преземање на мерки за редовна наплата на досудената издршка, вклучително и преку наменски државен фонд.

Автор: Виктор Вукановски