Стигматизација и повреда на правата преку споделувањето списоци на позитивни на Ковид-19

0
244
Кичево

На разни места низ државата во повеќе наврати беа споделувани списоци со имиња на лица кои се позитивни на корона вирусот. Ваквите случувања освен што ги нарушуваат личните податоци на луѓето и ги повредуваат нивните човекови права, дополнително прават стигматизација врз пациентите и позитивните лица на Ковид 19, велат нашите соговорници.

Кичевец пред извесно време се заразил со Ковид-19. Додека се лекувал и бил во изолација, на група на Вибер на која често се допишувал со своите пријатели, видел список на кој си го прочитал сопственото име. Тоа бил список на кичевчани кои добиле позитивен корона тест. Но, триесет и четиригодишникот иако му било непријатно, не се изненадил, бидејќи списоци со позитивни лица и претходно се праќале во пораки во групи на апликациите Месинџер и Вибер.

-На почетокот во Кичево имаше само по еден до два случаи на ковид, но кога почнаа да се потврдуваат по повеќе лица на дневно ниво почнаа да се шират и списоците. Тие не беа објавувани јавно, но се споделуваа во пораки на месинџер, вибер и слично. Сите ги добивавме, иако мислам дека и без тие списоци овде одма се дознава кој добил позитивен тест. На тие списоци гледавме дали сме имале контакт со некој од нив заразените. Ама кога стигна списокот со моето име сфатив дека е многу непријатно. Има стигматизација, особено во вакви мали градови. Секој знае сѐ за секого, па така и за ова, го раскажува кичевецот своето искуство за ПИНА. Но ретко кој од овие лица сакаат да ги споделуваат своите имиња во јавноста. Некои се револтирани, а некои не се грижат што нивните имиња се вртеле по социјалните мрежи оти и без тоа, во помалите градови ќе се разберело кој има корона.

Д-р Анета Јанакиеска – Димеска пак е матична лекарка во Прилеп. Од почетокот на пандемијата ги лекува позитивните со корона, а на почетокот дури и таа го фати вирусот и го победи. Лекарката се потсетува на првите месеци од ковид кризата кога, вели, постоеше неосновано и неоправдано стигматизирање на пациентите, почнувајќи од навреди, осуда па се до насилно однесување на поединци, па и групи.

-Според мене тоа беше најмногу поради страв кај народот од непознатото. Недоволната информираност, самото пласирање на разни информации и дезинформации по медиумите и социјалните мрежи. Постојаното менување на мерките во време на здравствена криза, доведе до ситуација каде што народот почна да не разликува точно од грешно, да се чувствува незаштитен и поподложен на болеста, а од тука во уште поголем страв, паника, неверување и стигматизација, вели лекарката.

Но, сепак цел овој срам и страв некој да не те покаже со прст удри врз здравјето на самите пациенти, а за некои беше и кобно.

Од страв и срам пациентите седеа дома и сами се лекуваа

-Поради целиот овој хаос голем дел од пациентите од страв и срам да не бидат обележани или покажани со прст седеа дома криејќи ги своите симтоми, лекувајќи се на своја рака без совет од лекар, други се јавуваа на лекар во крајно отежната состојба кога буквално минути одлучуваат за нивниот живот, трети пак одбиваа да бидат тестирани поради неверување или скептицизам кон болеста. Поради страв од изолација се прикриваат контактите што води до еден многу лош момент и развој на распространување и ширење на болеста, вели Јанакиеска-Димеска.

Списоците со позитивни лица пак се појавија веднаш на почетокот на пандемијата во Куманово, градот каде тогаш имаше најголем број на позитивни случаи, но и починати од новиот вирус. Во документот кој се споделуваше имаше имиња, адреси, телефонски броеви, возраст и забелешка каде се сместени пациентите. Ваков список со позитивни лица прави државниот Институт за јавно здравје, но и Центарот за јавно здравје, Куманово каде пристигнуваат информации од тестирањата на Ковид 19. Таму се прави листата со основните податоци. Информациите се споделуваат со општинскиот кризен штаб во кој членуваат претставници на повеќе институции, полиција, ЦУК, армија, локални претставници, првите луѓе на болницата и на центарот за јавно здравје.

По осум месеци не е откриено кој пушташе списоци во Куманово

Но, и по осум месеци институциите не открија кој го сликал и кој ги раширил списокот во јавноста. Иако полицајците ги имаа овие списоци и ги проверуваа позитивните кои беа во изолација, од Министерството за внатрешни работи велат дека засега не се води внатрешна истрага во полициските одделенија во градовите каде граѓаните си се читаат на списокот на срамот.  За овој случај кривична пријава против непознат сторител поднесе Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Иако е поднесена кривична пријава, од Јавното обвинителство ни изјавија дека кумановското обвинителство нема отворено постапка за овој случај. Додека кумановци веќе ги поминаа „детските болести“ на менталитетот што ги воскресна новиот вирус, на тапет се најдоа позитивните Охриѓани. За разлика од кумановското, охридското обвинителство по добиено известување од првосудната полиција, отвори предмет за објавувањето на списоци на имиња на лица заболени од корона вирусот.

-Јавниот обвинител кој постапува во предметот на 24.11.2020 година испрати наредба до СВР Охрид за продолжување на полициските извиди и прибирање на податоци. По пристигнување на бараните информации, обвинителството ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката, ни изјавија од Обвинителството.

Според нашите информации од истрагата, за охридскиот случај веќе има индиции кои водат до конкретни лица. Охридската болница пак им испрати порака на оние кои ги шират списоците: -Сите имиња и презимиња (случајно или намерно излезени во јавност) на досегашни заболени (и починати) од Ковид-19 нека Ви бидат претежок товар за Вашата неодговорност. Чувајте се себеси и своите најблиски, порачаа лекарите од болницата.

Еклатантна повреда на личните податоци

Професорката на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, Мирјана Најчевска го цитира членот 8 од Европската конвенција за човековите права и вели дека секое неорганизирано, слободно и незаштитено манипулирање со личните податоци претставува повреда на правата на човекот. -Токму заради ова постои и законска заштита и предвидени процедури за постапување со личните податоци кои на соодветен начин треба да се практикуваат и во услови на пандемија како што е оваа со која живееме веќе година дена, објаснува Најчевска.

Адвокатката и експерт за заштита на лични податоци, Маријана Марушиќ Кос објаснува дека личните податоци на секој поединец се заштитени со Законот за заштита на лични податоци. -Тие може да бидат јавно објавени само ако за тоа постои правна основа (јавно објавување врз основа на согласност на поединецот, заради исполнување на законска или договорна обврска, за исполнување на суштински или јавен интерес). Податоците кои се однесуваат на здравјето на секој поединец се чувствителни податоци, и тие се посебно заштитени. И Законот за заштита на правата на пациентите пропишува право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци на пациентот, во согласност со прописите за заштита на личните податоци, објаснува Марушиќ – Кос.

Според неа, објавувањето на списоците е еклатантна повреда на Законот за заштита на личните податоци, но истовремено претставува и кривично дело „Злоупотреба на лични податоци“ во согласност со член 149 од Кривичниот Законик.

Да се утврди која институција дозволила да „протечат“ списоците

За овие списоци, Марушиќ лоцира повеќеслојна одговорност, од лицето кое ги објавило списоците на социјалните мрежи, па се до институцијата од каде протекле имињата, а е вклучена во борбата со пандемијата.

-Несомнено, повредата е сторена од лицето кое ги објавило овие списоци на социјалните мрежи, но бидејќи е голема веројатноста дека објавените списоци се со вистинита содржина и дека се неовластено сликани, повредата е сторена и од лицата кои неовластено ги сликале, но и од страна на некоја од институциите вклучена во борба против пандемијата и во справување со последиците од истата, која со непреземање на соодветни заштитни мерки, дозволила списоците со чувствителни лични податоци да бидат сликани и неовластено објавени на социјалните мрежи. Оттука, многу е важно да се утврди, не само кој ги објавил на социјалните мрежи, туку и кој ги сликал и која институција овозможила неовластено откривање на овие списоци. Имено, обврска на институциите кои имаат правна основа да ги водат овие списоци, е да ги преземат сите потребни мерки за безбедност на личните податоци содржани во нив.  Заклучокот е дека не само неовластеното објавување на списоците, туку и неовластеното сликање и изнесување на ваквите списоци со чувствителни лични податоци, како и непреземањето на потребните мерки за безбедност на личните податоци од страна на институциите кои се овластени да ги водат овие списоци е повреда на Законот за заштита на личните податоци, вели адвокатката.

Граѓаните не знаат дека им се злоупотребени податоците

Во целата оваа ситуација на злоупотреба на личните податоци на позитивните, болните, па дури и починати лица, загрижувачки е тоа што граѓаните освен што не се осудуваат јавно да зборуваат пред медиумите, туку не се жалат и не бараат помош ниту од невладините организации, ниту пак во Агенцијата која е надлежна да ги заштити нивните податоци. Единствена пријава која стигнала до нив за ширење на списоци, била пријава од анонимен граѓанин според која, во општината Ѓорче Петров се ширеле списоци на заразени од општината. Овој список според пријавата наводно се ширел меѓу сите вработени во оваа општина преку Фејсбук, Месинџер. Агенцијата извршила вонредна супервизија во кое било утврдено дека подносителот нема докази за тоа што го тврди, а во општината констатирале дека не била направена повреда на одредбите за заштита на личните податоци.

Пријави нема ниту до Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права, ниту до Мрежата за заштита од дискриминација, а експертите оттаму толкуваат дека граѓаните не ја препознаваат приватноста како позитивно право, туку ако некој им ја повреди го сметаат за некултурен и озборувач.

-Не помислив да реагирам или да пријавам некаде, бидејќи не ни криев дека сум позитивен, ги известив одма сите колеги, пријатели, роднини со кои можеби сум имал контакт или средба. Ама чувството е непријатно, како да се обележан. И сега се шират тие списоци и најзагрижувачки е што овде никој нема чувство дека со тоа на некого му се загрозува некакво право. А, мислам дека секој треба да одлучи сам дали јавно ќе каже дека е позитивен или не, ни изјави младиот кичевчанец.

Адвокатката советува дека секој граѓанин чие име и презиме се нашло на објавените списоци на социјалните мрежи, може да поднесе барање до Агенцијата за заштита на лични податоци, бидејќи со обработката на неговите податоци се прекршени одредбите на Законот за заштита на личните податоци. Образецот на барањето е објавен на веб страницата на Агенцијата.

-Секој поединец има право на ефективна судска заштита (тужба пред надлежен суд), бидејќи со објавување на списоците на социјалните мрежи, се повредени неговите права утврдени со законот и истиот има право да добие надомест за претрпената штета (материјална или нематеријална) како резултат на прекршување на законот, од сторителот на повредата, вели Кос.

Мора да се најдат злоупотребувачите за да може граѓаните да тужат

Но, за да поведе административна или судска постапка, на поединецот треба да му е познато кој е одговорен за сторената повредата. Тоа значи дека сите кои се нашле на списоците може да тужат во граѓанска, односно парнична постапка и да добијат надомест на штета, но прво треба да се откријат сторителот или сторителите. Таа објаснува дека кривичната постапка може да се води против непознат сторител, но во тужбата мора да биде наведена тужената страна.

-Да се надеваме дека во кривичната постапка ќе се откријат сторителите односно лицата кои ги објавиле списоците на социјалните мрежи, лицата кои ги сликале и институциите кои не презеле соодветни заштитни мерки при обработката на личните податоци, вели адвокатката.

Коалицијата „Сите за правично судење“ како овластено здружение кое што е регистрирано за давање на бесплатна правна помош им стои на располагање на сите граѓаните кои што имаат потреба од правна помош или совет.

Со тек на време, со самото зголемување на бројот на прележани од оваа болест стигматизацијата полека почна да намалува, вели матичната лекарка Јанакиеска-Димеска. -Не дека не постојат поединци кои се уште осудуваат, но сепак свеста на народот е поткрената на малку повисоко ниво, затоа што здравјето е најважно, заклучува лекарката.

Професорката Најчевска вели дека не само кај нас, туку и во целиот свет пандемијата покажа колку е тенок слојот на цивилизираност и почитување на основните права и слободи на луѓето и со каква леснотија може да биде избришан.

-Во исто време, пандемијата покажа дека луѓето немаат голема доверба во оние кои се наоѓаат на власт и кои управуваат со државите, како и дека се спремни со голема леснотија да поверуваат во непроверени информации кои многу често може да значат и опасност како за самите нив така и за заедницата во која живеат. Сето ова треба да се искористи како јасен показател дека во иднина е потребна многу поголема едукација на луѓето, повеќе објаснување, транспарентност и партиципативно одлучување, и разобличување на дезинформациите кои со огромна леснотија се продуцираат и пласираат пред јавноста, порачува таа.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.