Директно давање пари, подароци и користење „врски“ за побрз или поповолен пристап до услуга се најчестите форми на корупција во јавното здравство, покажува истражувањето на Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Иако, најголем дел од испитаниците изјавиле дека лично не понудиле и не им била побарана корупција, кај граѓаните кои што имале искуство со корупција, најчесто бараниот облик бил паричен надомест, во 62,7% од случаите. Потоа следуваат подарок пред добивање услуга, упатување во приватна установа или барање да се купи конкретен лек или препарат.
ПИНА МК побара одговори од м-р Дарко Антиќ, Координатор за мониторинг и анализа на буџети во здружението ЕСЕ.
Истражувањето покажува широко распространета корупција во јавното здравство, во кои сè облици е присутна?
Истражувањето покажува дека корупцијата најчесто не се појавува како изолиран инцидент, туку како дел од секојдневните обиди на граѓаните да стигнат до услуга што им е потребна, особено кога станува збор за потешко достапни прегледи, интервенции или болничко лекување. Во таа смисла, корупцијата не се сведува само на класично мито, туку вклучува и низа неформални практики што граѓаните ги користат или ги трпат за да обезбедат пристап до здравствена заштита.
Анкетиравте повеќе од илјада луѓе, а работевте и со шест фокус групи жени. Зошто корупцијата во здравството стана нормализирана појава, дали граѓаните несвесно стануваат дел од неа?
Да, токму тоа го покажува истражувањето. Корупцијата често се нормализира затоа што граѓаните не секогаш ја препознаваат како корупција, особено кога станува збор за „врски“, подароци или таканаречено „почестување“. Многумина тоа го доживуваат како снаоѓање или израз на благодарност, а не како коруптивно однесување.
Посебно е важен наодот дека „врските“ често не се перципираат како корупција, иако во суштина овозможуваат неправична предност за едни, на сметка на други. Дополнително, кога системот не обезбедува навремен и еднаков пристап, дел од граѓаните и самите влегуваат во тие практики за да обезбедат термин, операција или подобар третман. Во фокус-групите јасно се гледа дека за многу луѓе ова станало речиси очекуван дел од функционирањето на здравството. Тоа значи дека корупцијата не се одржува само поради поединечни злоупотреби, туку и поради тоа што со тек на време станува „нормално“ решение во нефункционален систем.
Имаат ли граѓаните, кои сепак ќе ја препознаат корупцијата, формални механизми за да ја пријават? Им веруваат ли на институциите дека тие може да ја засилат борбата за нејзино сузбивање?
Формални механизми постојат, но клучниот проблем е што граѓаните немаат доверба дека пријавувањето ќе доведе до заштита или решение. Најсилен податок е дека ниту еден од испитаниците што изјавиле дека им била побарана корупција не ја пријавил случката. Главните причини се недоверба дека проблемот ќе се реши, страв дека нема да ја добијат услугата и страв од други негативни последици. Тоа значи дека граѓаните не молчат затоа што не ја препознаваат секогаш корупцијата, туку и затоа што не веруваат дека системот ќе ги заштити ако ја пријават.
Граѓаните формално можат да пријават корупција во самата здравствена установа кај советникот за заштита на правата на пациентите, преку механизмот за поплаки, кај директорот на установата или до болничката комисија за заштита на правата на пациентите. Надвор од установата, пријава може да се поднесе до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Комисијата за унапредување на правата на пациентите на локално ниво, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и до Државната комисија за спречување на корупцијата. Според истражувањето, проблемот не е само во тоа дали формално постои каде да се пријави, туку што тие механизми не се доживуваат како доволно безбедни, доверливи и ефикасни. Затоа, не е доволно само да постојат механизми на хартија, туку е потребно јасно институционално постапување и реална заштита на граѓаните што ќе се охрабрат да пријават.
Наодите покажуваат дека корупцијата е најзастапена таму каде што услугите се посложени и потешко достапни, односно на специјалистичко и болничко ниво. На кое сè ниво е застапена?
Најчесто се појавува при контакт со доктори специјалисти, каде што 59,3% од случаите се поврзани токму со овој сегмент. Потоа следуваат оперативни или хируршки зафати со 33,9% и болничко лекување со 32,2%. Кај матичните лекари таа е значително поретко пријавувана, но тоа не значи дека на примарно ниво целосно ја нема.
Истражувањето покажува и дека корупцијата не е ограничена само на лекарите. Во одредени случаи се појавуваат и медицински сестри, техничари, болничари и други вработени како дел од тие практики, иако во многу помал обем од специјалистите. Тоа укажува дека проблемот не е врзан само за една професионална категорија, туку за поширок начин на функционирање на системот, особено таму каде што пациентите се најзависни од брз пристап до услуга, термин, операција или хоспитализација.
Според наодите од истражувањето, жените се во поголем ризик од мажите на изложеност на корупција во јавното здравство. Што ги прави поранливи?
Жените се поранливи пред сè поради почестите и поспецифични контакти со здравствениот систем, преку користење гинеколошки услуги, бременост, породување, грижа за деца и грижа за други членови од семејството. Истражувањето покажува дека една четвртина од жените, односно 25,3%, пријавиле коруптивно искуство при користење гинеколошко-акушерска здравствена заштита. Тоа укажува дека токму во делот на услугите што се директно поврзани со женското репродуктивно здравје, жените се соочуваат со дополнителни ризици и притисоци.
Посебно ранливи се помладите жени, жените од рурални средини и жените што живеат во понеповолни социоекономски услови. Дополнително, дел од незаконските наплати, особено кај матичните гинеколози, не се препознаваат доволно како корупција, што уште повеќе ја зголемува нивната ранливост. Истражувањето исто така покажува дека кај дел од жените бременоста или грижата за мало дете создаваат дополнителен притисок побрзо да стигнат до услуга, дури и ако тоа значи прифаќање неформални практики. Тоа зборува дека ранливоста на жените не произлегува само од полот, туку и од нивната реална зависност од навремена и континуирана здравствена заштита.
Какви мерки треба да преземат институциите за да ја минимизираат корупцијата во здравството и дали состојбите во овој сектор ја отсликуваат ситуацијата во целото општество?
Истражувањето покажува дека граѓаните најмногу очекуваат посилна институционална контрола, построги санкции, поактивна улога на Фондот за здравствено осигурување, поголема транспарентност и анонимен систем за пријавување. Поточно, 63,5% бараат Министерството за здравство да ја зголеми контролата, 52,5% бараат построги санкции, 49,6% очекуваат поактивен надзор од Фондот, а 36,9% бараат анонимен систем за пријавување. Овие наоди јасно покажуваат дека граѓаните не бараат само казни, туку и пофункционален, подостапен и поправеден систем.
Покрај тоа, во истражувањето се нагласува потребата од подобри услови во болниците, намалување на просторите за политички влијанија и непотизам, како и поголема транспарентност во пристапот до услуги. Важно е и граѓаните подобро да ги знаат своите права, а институциите да покажат дека пријавувањето носи резултат. Што се однесува до ризикот од „прелевање“, тој е реален, затоа што самото истражување покажува дека „врските“ не се карактеристични само за здравството, туку се присутни и во други сфери од јавниот живот. Тоа значи дека ако не се адресираат системските причини, како недостапноста, нееднаквиот третман и неказнивоста, ваквите коруптивни модели лесно се одржуваат и надвор од здравствениот сектор.
Авторка: Вања Мицевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




![[Интервју] Виџиленца Абази: Пандемијата веќе влијае на човековите права](https://pina.mk/wp-content/uploads/2020/05/100661068_257366725500194_2838554777963462656_n-1-100x70.jpg)
