Стојановска: Младите се’ почесто помеѓу нив зборуваат за менталното здравје

0
131

Менталното здравје е тема за која младите се почесто разговараат помеѓу себе, и се свесни, колку ова прашање е важно е за нив, вели во интервју за pina.mk Софија Стојановска од „Младите можат“, oрганизација која организираше серија работилници насловени „Ментално здравје-сега е моментот“ на кои ги вклучија сите засегнати страни кои можат да помогнат за менталното здравје на младите. Од работилниците произлегоа заклучоци кои како документ за јавни политики, е достапен до сите засегнати институции.

Дали младите се отворени кога треба да разговараат за менталното здравје, и со кого најчесто го прават тоа со психолози, родители или врсници?

Тоа што е особено забележително на последните истражувања и работилници кои ги правиме со младите, тие се почесто помеѓу себе зборуваат за менталното здравје. Најчесто се ослободуваат да зборуваат со врсниците, најмалку со наставниците, а потоа со родителите. На последното истражување што го направивме, најголем дел од испитаниците, посебно од машкиот пол одговорија дека, за проблемите со кои се соочуваат, попрво би кажале на мајките отколку на кој било друг, додека кај девојките беше поинаку. Поголем дел од нив одговорија дека повеќе би разговарале со другарки. Младите немаат проблем да разговараат со психолог, но не знаат кај кого да се обратат и како да стигнат. Мислат дека треба да имаат некој поголем проблем за да се оправдаат кај психолог, психотерапевт,  а не го направат превентивно за да ги решат проблемите.

Постои ли свесност кај младите за значењето на менталното здравје, бидејќи од него зависи и личниот развој но и нивното кариерно насочување?

Се повеќе новите генерации се грижат за своето ментално здравје и внимаваат на тоа како нивната кариера би им влијаела во иднина. Внимателни се во изборот, и сакаат да одберат професија која добро ќе влијае врз нивната ментална состојба. Дури и повеќе од возрасните се свесни, дека не треба цел ден да го посветат на работа, дека треба да имаат денови и моменти за себе. Се поретко ги сакаат викендите за работа, посебно по ситуацијата со Ковид-19. На пример, пред ковидот, немаше никаков проблем да организираме викенд-работилници, денес тоа е сменето. Во Скопје е посебно изразено за разлика од малите средини, каде што немаат толку активности.

Што најмногу влијае врз менталната состојба на младите, дали е тоа стресот со кој се соочуваат заради понекогаш нереалните очекувања од родители, притисоците од друштвото и средината, или самиот општествен амбиент во кој живеат?

Најмногу, општествениот амбиент им причинува стрес, а не помалку и социјалните мрежи кои од она што го гледаат, не соодветствува со нивната реалност.  Според нашите искуства од работилниците и активностите кои ги имаме, младите најчесто ги спомнуваат стресот и анксиозноста. Но тоа почнува од лошото менаџирање на стресот уште на почетокот. Стресот го причинуваат врските и односите кои ги креираат, промените во кои се наоѓаат во адолесценцијата, стресните ситуации кои се случуваа во изминатиов период, со сите кризи кои ги доведуваа во такви состојби, со кои не знаеја да се справат и немаа поддршка. Потребна им е поддршка за да не кулминира во различни ментални состојби.

Каква е соработката со психолозите во училиштата, колку тие се достапни, имајќи ги предвид нивните кажувања дека се преоптоварни со обемна административна работа?

Не се достапни, со чест на исклучоци. Но, не се слабо достапни само психолозите туку и целата стручна служба како педагози, дефектолози кои во различни ситуации треба различно да го поддржат ученикот. Целата стручна служба е преоптоварена со административна работа, но од друга страна ни самата стручна служба не работи доволно за да се ослободи од обемната административна работа, и да се посвети на тоа што треба. Знаеме примери од психолози, од стручни служби во училишта каде што работат и без разлика на административната работа која е задолжителна од Министерство, тие сепак прават активности со младите, активности со наставниците како тие да работат со младите. Значи можат и има начини.

Дали на родителите им е потребна едукација во однос на менталното здравје на нивните деца?

Да. Кога ги одржувавме работилниците  „Ментално здравје-сега е моментот“ имавме групи во кои беа присутни и родители кои се свесни за целата ситуација и признаваат дека им е потребна едукација, но некои родители не се свесни. Тоа го забележуваат и учениците и наставниците. Наставниците и стручната служба во школите бадијала работат со самите ученици, бидејќи ако отсуствува соработката со родителите, тие се спречени да го имаат целосниот ефект врз ученикот. Потребно е, кога тој ученик ќе замине од училиште, да ја има поддршката од дома. Не е дека не им мислат добро на децата, туку едноставно свеста треба да се покрене. Дел од препораките кои ги имаме во документот за јавна политика е дека, потребно е повеќе да се работи со родителите, паралелно со работата со наставниците и учениците.

Колку Ковид-19 изминатите три години влијаеше врз влошување на менталната состојба со младите?

Многу. Од една страна младите се повеќе стануваат свесни за нивното слободно време и времето за себе што сакаат да го користат. Свесни се за активностите кои ги прават за подобрување на нивното ментално здравје, но од друга страна, тие ја имаа удобноста на својот дом. Односно се што правевме за време на Ковид-19, беше онлајн, и доколку нешто што слушаа или некоја активност не им беше интересна, лесно можеше да се исклучи камерата, да се исклучат од некоја дополнителна активност.. Беше едноставно без последици. Сега се одразува на тој начин што не сакаат да превземат долгорочна одговорност. Не се чувствуваат удобно во поголеми групи, на места каде што не можат да ја исклучат камерата и да не се гледаат, и не можат да си заминат туку така.

Организиравте серија настани „Ментално здравје-сега е моментот“, во рамките на кои имавте работилници со наставници, психолози, ученици, кои беа заклучоците?

Дел од работите кои би ги истакнала и се провлекуваат многу често е специфично насочено кон стручната служба, психолозите, наставниците и намалување на целиот тој административен товар и насочување не само на образовниот и академски успех туку и на воспитниот процес во образованието. Кога зборуваме за училишната средина, дополнителни предлози од страна на учениците е дека сакаат темата ментално здравје да биде застапена помеѓу предметите, односно самите наставници редовно да работат со нив на нивното ментално здравје. Потребни се родителски школи, родителски состаноци, работилници за родители во склоп на училиштето, во склоп на локалната заедница, каде што и општината би работела на оваа тема.Дадоа предлози, ова прашање да се покрене на општинско ниво, за добробит на заедницата.

Авторка: Силвана Жежова