
Ковид-пандемијата остави сериозни последици врз менталното здравје на граѓаните, но најпогодени од целата популација се младите, кои се повеќе се свесни за значењето на превенција и справување со различни психички состојби.
Психологот и Гешталт психотерапевт Тиана Ивановска, основач на СебеСложувалка, за pina.mk вели дека младите за време на пандемијата беа најпогодени поради ограниченоста на социјалните контакти кои се од круцијална важност во периодот на рана младост и адолесценција.
„Овие последици ги чувствуваме се повеќе, а се одразуваат најмногу на зголемените бројки на млади кои бараат стручна помош околу својата психолошка добросостојба. Добрата вест е што оваа практика покренува поголема свесност за барање професионална помош и излегување од вековниот шаблон на небарање помош кој долго време владееше на овие простори.
Убаво е кога сме отворени за дискусија со нашите најблиски. Понекогаш тие се првите луѓе кои забележуваат дека нешто се менува во нашето однесување, а доколку односот е функционален, токму тие се нашата прва поддршка за барање стручна помош во вид на психотерапија.
Постојат и млади кои оперираат со поголема свесност благодарение на големиот пристап на информации во денешницата. Голем дел од нив доаѓаат на сесија со сериозни увиди за своето ментално здравје, а неретко пријатно ме изненадуваат со интересот за психолошките теми. Велиме дека самосвесноста и познавањето на себе е прв чекор кон забележување на промени во нашето ментално здравје,“ вели Ивановска.
Таа смета дека многу често на младите, општествено им наметнуваме некои стари шаблони и обрасци на однесување кои едноставно веќе не се соодветни на нивните потреби.
„Мораме да земеме предвид дека времето во кое живееме се движи со огромна брзина напред во развитокот на нови технологии кои сами по себе наметнуваат и психологијата да презема поинакви облици, па следствено на тоа и ние како психолози да се адаптираме на тие промени.
Едно е јасно, судејќи ги младите за нивните животни практики базирано на она што сме го правеле пред повеќе од 20 години, апсолутно нема да им го олесни постоењето во овој свет,“ додава Ивановска.
СебеСложувалка се присутни на социјалните мрежи, на фестивали, на настани каде што се младите се со цел да понудат психолошки совети и да бидат достапни за каков било проблем.
„СебеСложувалка се стреми кон имплементирање на нови и модерни практики во применувањето на психотерапијата и психолошкото советување. За нас најважно е да допреме до што е можно поголем број на луѓе со цел да ги информираме и едуцираме за важноста на менталното здравје.
Неретко применуваме современи методи кои се косат со конзервативната примена на психологијата, но во пракса се покажува дека особено младите навистина многу ја ценат иновативноста. Се што е креативно, современо и блиско до времето во кое живееме, кај нив буди особен интерес да прочитаат повеќе и да знаат повеќе,“ вели Ивановска.
Недоверба кон училишните психолози
Многу важен аспект во зачувување на менталното здравје кај младите е тие да знаат кому да се обратат. Иако, психолошко-педагошката служба во училиштата е прво место каде што тие треба да побараат стручна помош, младите не го прават тоа.
Голем дел од средношколците речиси никогаш немале индивидуална средба со училишниот психолог во текот на целото средно образование, покажува анализата „Средношколците и пристапот до услуги за ментално здравје“.
Причина за тоа се ограничените капацитети со кои располагаат училишните психолози, административните задачи, како и фактот дека еден психолог е задолжен за целото училиште.
Одруга страна, истражувањето покажува дека дури 47% од испитаниците одговориле дека токму нивното училиште е најповикана институција да обезбеди пристап на младите до менталното здравје. Дополнително, во однос на искуството со училишниот психолог, 39% од средношколците го оцениле нивното искуство со училишниот психолог со ниска оценка, 34% неутрално, додека 28% го оцениле со високи оценки.
Мито Тасевски, претседател на Центар за мултидисциплинарен развој – Процес и автор на анализата, за pina.mk вели дека една од целите на истражувањето е да се зголеми свесноста кај младите во однос на важноста за сеопфатен пристап кон услуги поврзани со ментално здравје.
Но, исто така, целта е да се посочат предизвиците и соодветните институции и подлабински да се идентификуваат состојбите и да се дадат насоки за понатамошни чекори кои ќе се надоврзат на препораките на анализата.
„Прво, мора да се зајакнат капацитетите на психолошко-педагошката служба. Тука е важно да се потенцира потребата од активна вклученост на Министерството за образование и наука преку проактивна улога и поддршка на училиштата, преку зголемување на финансиските средства, но и ограничување на административните задачи кои ја обременуваат психолошко-педагошката служба,“ вели Тасевски.
Истражувањето исто така покажува дека финансиите често се еден од најограничувачките фактори кога се работи за пристап до услуги поврзани со ментално здравје. Од друга страна пак, 88 отсто од испитаниците одговориле дека никогаш не побарале помош од училишен психолог, иако таа услуга е бесплатна.
„Постојат повеќе фактори кои придонесуваат кон оваа недоверба. Најпрво, кај средношколците постои недоволна препознаеност на улогата на училишниот психолог што придонесува за ограничениот интерес. Дополнителен фактор кој влијае врз мотивацијата за разговор со училиштниот психолог е и анонимонста на целосната интеракција.
Повеќето ученици посочија дека училишната средина е ограничувачка кон посета на психолог со низа на предрасуди и претпоставки кај останатите ученици за мотивот и целта на таа посета. Многу е важно да им се гарантира анонимноста на учениците, како начин да се охрабрат да пристапат кон училиштните психолози.
Во однос на пристапот, еден од начините е одржување на редовни сесии со психолозите. Дополнително, предизвикот со недостиг на соодветен простор кој би обезбедил приватност при посетата на училишниот психолог ја зголемува недовербата кон процесот,“ додава Тасевски, според кого превенцијата е најважниот сегмент кога се зборува за менталното здравје.
Од аспект на институционален пристап, тука е важно да се издвои Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025 како сеопфатна превентивна рамка и засилување на напорите за нејзина имплементација.
„Тоа подразбира зголемени средства за имплементација на предвидените мерки кои беа одложени делумно и со пандемијата на Ковид-19. Дополнително, важно е Министерството за здравство како и Националната комисија за ментално здравје да работат на зголемување на запознаеноста кај различни типови на чинители во однос на активностите кои произлегуваат од стратегијата како и очекуваниот бенефит.
Клучно е да се унапредат наставните програми со цел да ги рефлектираат актуелните предизвици со кои младите се соочуваат. Дополнително, важно е да се прилагодат пристапите во однос на заштита на ранливите групи кои диспропорционално се засегнати.
Ефективно спроведување на овие препораки претпоставува силна посветеност од страна на институциите, распределба на соодветни материјални и човечки ресурси и унапредување на партнерството со младинските организации и средношколските здруженија,“ додава Тасевски.
Оваа анализа е испратена до сите надлежни институции велат од Здружението „Младите можат“, кои се издавачи на публикацијата, и притоа истата дала насоки во кој правец треба да се движат програмите за заштита на менталното здравје на младите.
„Направивме пилот програма која ќе се работи во пет училишта во кои класните раководители, заедно со стручната служба, ќе прават кратки вежби, секој втор класен час со младите за нивното ментално здравје. Секој месец ќе се обработува различна теми, воспоставување лични цели, здрави пријателства, здрави врски, булинг, ситуации на стрес. Од институциите немаме добар одзив во однос на препораките од истражувањето, но од училиштата, да,“ велат од „Младите можат“ за ПИНА.
Авторка: Силвана Жежова