„Овој фестивал е заеднички“ – 10 години „Прво па женско“

0
101
фото: Драгица Николовска

Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ под слоганот „Години будни“ годинава го одбележува своето десетто издание, со програма која започна уште во мај и беше опишана како „пролетно будење“, за да заврши со „визуелна програма за сечии очи“.

Една од организаторките на фестивалот Јана Коцевска за ПИНА вели дека изминатите годините биле предизвикувачки, возбудливи, радосни и тажни, иако многу работи се измениле во општествениот и политички контекст. Сепак, тоа што го овозможило фестивалот сите овие години биле соработките со нивните партнери и поддржувачи, учесниците и публиката.

„Тоа е секако најсилниот мотив за да продолжиме понатаму, зашто овој фестивал е заеднички“, вели Коцевска.

За Коцевска, хуморот, кој беше еден и од темите на фестивалот, е моќен медиум – лесно впивлив во креирањето на јавното мислење, а преку овој фестивал тие се  обидуваат да го рециклираат во хумор кој пркоси на патријархатот и носи важни пораки за родовата еднаквост.

„Во периодот од два месеци мај и јуни, се реализираше пролетната програма на ‘Прво па женско’, на која ѝ претходеше феминистичката школа ФЕМ 101.2 која ја реализиравме во соработка со ‘Медуза’. Се обидовме смеата и хуморот да ги исфилтрираме од токсичните т.н. мејнстрим смешки и досетки кои ги исмеваат маргинализираните и ги зацврснуваат стереотипите потопени во патријархални норми“, дополнува Коцевска.

Првиот од јавните настани со кој официјално беше отворено јубилејното фестивалско издание беше „ПичПрич“ на кој шест говорнички раскажуваа свои смешни приказни на тема „Цепки“.

фото: Ванчо Џамбаски

„Во салата на Филхармонија имаше прекрасна публика од над седумстотини расположени и насмеани лица што навистина ни покажа колку ‘ПичПрич’ е потребен на јавноста. Оваа шеста по ред Гала вечер на раскажување женски приказни ја продолжи нашата одлична соработка со дуото ‘ПичПрич’, Ана Василева и Румена Бужаровска“, истакнува организаторката на фестивалот.

Во програмата за оваа година се најде и феминистичко стендап шоу. Коцевска вели дека главна инспирација биле раскажувањата од изминатите години кои иако траеле само 10 минути оставиле особен впечаток, а 160 билети биле распродадени за помалку од два дена.

фото: Соња Ставрова

„Неретко комичарите вклучуваат типично стереотипни шеги поврзани со сексуалноста, родовите односи или пак слушаме понекогаш навредливи досетки на етничка основа и врз основа на сексуална определба, што сметаме дека одзема од суштинското значење на хуморот кој ние цениме да го насочиме кон оние на моќни позиции или пак да се исмееме со сопствениот срам и да го претвориме во алатка за отпор“, потенцира Коцевска.

За неа, вели е многу важно женските организации да ја дадат поддршката и заеднички да се учествува во борбата за еднаквост на ЛГБТИ лицата во оваа земја. Токму затоа фестивалот посветил и вечер на квир приказни како дел на Скопскиот викенд на гордоста.

„Многу бевме радосни дека ‘Срамота’ сепак се случи годинава после двогодишна пауза, и тоа во нов простор кој досега не бил дел од нашите настани – Театар Комедија. Приказните беа храбри, ослободувачки, многу интересни и пресмешни. Мислам дека имавме прекрасен настан, слободно може да потврдат оние кои беа присутни. По двата часа хистерична смеа до солзи, шизевме на диџеј сетот на Зоки Бејбе“, дополнува Коцевска.

Исто така, на фестивалот се одржаа и едукативните работилници за деца и млади со цел да се поттикнат и мотивираат да разговараат за родовата различност и булингот. Работилниците оваа година, Коцевска посочи дека биле организирани и предводени од уметницата Селма Селман, која во 2020 година гостувала на „Прво па женско“ со своја изложба во Музејот на современа уметност.

„Џемилијана Абдулова – дел од тимот на ППЖ веќе втора година по ред, се погрижи да работиме со прекрасни 20-тина деца кои нѐ фасцинираа со своите ставови и умеења. Особено ни се драги детските работилници кои ги организираме како дел од фестивалот“, завршува Јана.

Во рамките на фестивалот, се одржа и концерт на загрепската експериментална кантавторка Сара Ренар под слоганот „Розовата бука никогаш не била поавтентична“ , која сцената ја делеше со македонските музичарки Марија Каева, Јоана Ристеска и уметницата Теа Шалдева.

Во соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – „Прво па женско“, во рамки на настанот се одржа и самостојна изложба на уметницата Шејла Камериќ насловена „Доаѓаме со поклон“.

„Беше отворена критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив“, велат од Прво па Женско.

На 15 октомври во „ShortBus“ се одржа и јубилејна забава под слоганот „10 фестивалски години, 97 организирани настани, 1000 ноќи неспани“. На настапот во склоп на фестивалот беше претставен еклектичен сет од меѓународен и екс-ју фанк, диско, синт-поп, њу-вејв и слични жанрови.

Оваа година беше променет начинот на кој вообичаено се организира фестивалот, а јубилејот беше збогатен со програма која се одвива во текот на неколку месеци. Преостануваат уште неколку настани, а распоредот може да се погледне на страницата на фестивалот.

Авторка: Маја Терзиова