Европската федерација на новинарите со загриженост за онлајн вознемирувањето врз новинарките

0
67

Европската федерација на новинари (ЕФН) денеска објави дека е загрижена од резултатите од новата публикација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), која открива сериозни проблеми во заштитата и гонењето на онлајн вознемирувањето на новинарките во земјава.

,,Во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), ЕФН повикува на усвојување на долгоочекуваните измени на Кривичниот законик во Северна Македонија за справување со сите видови напади врз новинари по службена должност”, пишува во текстот објавен на веб-страницата на Европската федерација на новинари.

Според анкетата спроведена од ПИНА, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, алармантна бројка од 81.6% од 103 анкетирани новинарки во С. Македонија биле вознемирувани преку Интернет.

Целата реакција на Европската федерација на новинарите за публикацијата на ПИНА може да се прочита на следниот линк.

ПИНА објави дека според новинарките, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон центри на моќ (56.6%), во 43.4% од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36.1% поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија. Помал дел од новинарките кажале дека биле вознемирувани како резултат на изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите (24.1%) и кон некоја партија (18.1%).