„Фридом хаус“: Македонија е „делумно слободна“ земја

0
21

Македонија е „делумно слободна“ земја, констатира американската невладина организација „Фридом хаус“ во својот најнов извештај за слободата во светот во 2018 година, пренесе МЕТА.

Македонија е рангирана меѓу земјите кои треба да се следат оваа година, односно држави кои најверојатно се приближуваат до важни пресвртни моменти во нивниот демократски пат и поради тоа заслужуваат посебно внимание во текот на оваа година.

„Демократски избраната, етнички инклузивна влада се обидува да ја искорени корупцијата и останатите системски злоупотреби кои се засилија за време на нејзиниот склон на скандали претходник, а дури може да го реши и „спорот за името“ со Грција што го попречува патот на земјата за членство во Европската Унија“, стои во извештајот.

Покрај Македонија, како делумно слободни земји од регионот се оценети и Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Србија, Хрватска, Бугарија и Грција се во редот на држави чии граѓани уживаат слобода.

Сепак, во извештајот се наведува дека настаните на Западен Балкан укажуваат на потребата од постојан ангажман во регионот на големите демократии, пишува МЕТА.

„Во Македонија посредништвото од Вашингтон и Брисел помогна за решaвање на долгогодишната политичка криза, трасирајќи го патот за нова, демократски избрана влада. Но во Србија толерирањето на авторитарните тенденции на премиерот Александар Вучиќ од страна на ‘лидерите на ЕУ’ овозможи тој понатаму да ја маргинализира опозицијата и да го поткопа она што остана од независните медиуми по неговата победа на претседателските избори во април“, се наведува во извештајот на „Фридом хаус“.

Според извештајот од 195 држави, 49 се „не слободни“, 58 се „делумно слободни“ и 88 се „слободни“.