Поскапувањето на студиите ќе води кон дополнително намалување на студентскиот стандард

0
165
УКИМ плато
Плато Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Информациите за наводно зголемување на партиципацијата на УКИМ предизвикаа низа реакции кај младите, откако претходно темата беше ставена на маса за дискусија на ректорската управа при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.

Оттаму велат дека за заклучоци е сѐ уште рано, бидејќи дури и трошоците да пораснат, Универзитетот ќе бара разликата во сумата да ја покријат државните органи.

Демант за пласираните информации за двојното зголемување на партиципацијата за студирање на државните високоообразовни установи на сите три циклуси (додипломски, постдипомски и докторски студии) пристигна и од Министерството за образование и наука (МОН).

Дали студентскиот стандард е приоритет во образовните реформи?

Од МОН во изјава за ПИНА.мк велат дека како институција секогаш го почитуваат принципот на исклузивност при креирање на политиките и носењето курцијални одлуки, уверувајќи дека ниту една одлука која го засега образовниот процес на студентите нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани.

„Станува збор за интерно инициран процес, а истиот произлегува по дискусија на ректорската управа при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, каде ректоратот побарал мислење од факултетите, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции.

МОН нема дадено предлог за зголемување на износот на партиципацијата за студирање во државна и приватна квота. Износите на партиципација остануваат исти како и досега, а за било каква промена во иднина, јавно ќе се дискутира и одлучува,“ потенцираат од МОН за ПИНА.мк.

Во делот на финансирањето на високообразовните установи, Министерството за образование  и наука информира дека кон крајот на 2023 година заедно со Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност започнале процес за изградба на нов модел на финансисрање.

„Станува збор за креирање на 4 нови стратешки документи, меѓу кои и нова национална програма и уредба за финансирање на високо образование, кои треба да бидат изработени до 2025 година. Целта е редефинирање на моделот на финансирање на високото образование, со цел стимулација на високообразовните установи да се заложат за поквалитетна настава“, објаснуваат од МОН.

Од надлежното министерство понатаму велат дека „трошоците на грбот на студентите е главниот предизвик на Минситерството за образование и наука,“ бидејќи „идните академски граѓани по секоја цена мора да се привлечат за да останат во земјава, а не да се иритираат за да размислуваат на иселување.“

„Нашата институција постојано работи на унапредување на правата и можностите на студентите. Континуирано го унапредуваме студентскиот стандард преку воведување на нови системски или периодични/интервентни мерки со кои се олеснува студентскиот живот и студирањето. Ќе потсетиме дека во време на кулминација на пандемијата доделивме ваучери за покривање на дел од трошоците за партиципација и сместување во студентски домови.

Потоа, воведовме субвенциониран студентски оброк чиј износ во меѓувреме се зголеми. Студентските стипендии значително ги зголемивме и тоа некои категории за над 80%, воведовме нови видови на стипендии кои во минатото не постоеја. Изградивме нови студентски сместувачки капацитети, а наскоро ќе започне процес на реконструкција на 9 постоечки државни студентски домови.

Вложуваме и во подобрување на инфраструктурните услови на факултетите. Политиките за поддршка на студентите преку подигнување на студентскиот стандард ќе продолжат да се имплементираат, но истовремено и да се надградуваат и во 2024 година,“ уверуваат оттаму за ПИНА.

Бесплатното студирање е можно и неопходно во Македонија

Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, во изјава за ПИНА.мк потврдува дека потребата од зголемување на партиципацијата е дискутирана на седницата на Ректорската управа на Универзитетот, а претходно поттикната од финансиски причини, но уверува дека во ниту еден момент не било спомнато да биде на товар на грбот на студентите.

„Моментумот за покачување на партиципацијата беше отпочнат на седница на Ректорската управа на Универзитетот поради финансиски предизвици со кои тој се соочува. Но, во никој случај тоа не беше дискутирано да оди на трошок на студентите, туку средствата да ги покрива Владата. Јас, лично како претседател на телото сметам дека високото образование во Македонија согласно праксата и конкурентноста во регионот треба да е бесплатно и за истото мора да се бориме. Постојат многу успешни модели за функционирање на високото образование, мојот став е дека нови модели не треба да се измислуваат, туку да се разгледаат најдобрите и согласно овдешните услови, одреден модел да биде тестиран и на крајот применет. Како позитивни примери треба да се разгледаат државите како Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, па дури и Косово, каде што веќе функционира моделот на бесплатно образование за студентите. Неопходна е долгорочна стратегија, квалитет наспроти квантитет, но секако и почитување на целите зададени во стратегијата. Искрено се надевам дека може и дека тоа ќе биде следниот чекор во реформите на студирањето во земјава“, истакна Николовски за ПИНА.

Зголемување на студентската партиципација не смее да се дозволи

Според Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ, јавноста првенствено е неопходно да прави разлика на поимите партиципација (плаќањето го вршат студентите) и школарина (плаќањето го врши МОН).

Во изјава за ПИНА.мк, таа вели дека во предлогот на Ректорската управа на Универзитетот стојат двете опции, со ветување од Ректорската управа дека подоцна ќе се прецизира покачување единствено на школарината.

„Причините за дадениот предлог може да се препуштат на разгледување на Ректорската управа за поголем влог во универзитетот за нормално да функционира и да обезбеди соодветни ресурси и матријали. Сепак, причините за покачување може да варираат зависно од единиците на универзитетот, па така очекувам различни ставови и мислења согласно потребите на факултетите.

Ставот на студентската правобранителка е дека покачување на партиципација не смее да се дозволи, бидејќи на долгорочен план би нанело повеќе штета, особено ако се земе в предвид дека во регионот имаме бесплатно образование и еднакви услови и права за домашните и странските студенти. Тоа би значело намалување на бројот на новозапишани студенти, а во моменти кога конкуренцијата во регионот се зголемува, ваквиот чекор е промашена стратегија“, потенцира Ѓошева за ПИНА.мк.

Студентскиот стандард во оваа моментална состојба во која се наоѓа не ги задоволува сите потреби на студентите, а токму квалитетот на студентскиот стандард е тој што го мотивира студентот да придонесува за неговата заедница

„Дополнително намалување на стандардот, претставува огромен удар врз студентите, кои и онака во огромен дел веќе работат за да ги исплатат своите студии. Образованието во крајна линија треба да биде достапно за секој граѓанин и прилагодено на стандардот на живеење, а тоа мора да биде така со цел да образуваме успешни кадри, кои потоа ќе останат да работат овде. Вака толкувано, наметнување на повисоки партиципации го отежнува уписот, а со тоа се намалува можноста студентот да се запише на факултет и неговото право на избор да се запише. Сепак, радува фактот дека студентите сè повеќе ги учат своите права и со тоа ги распознаваат ситуациите кога им се повредени правата. Државата можеби директно не ги крши нивните права (според бројот на претставки и нивниот вид), сепак, потребно е да има слух за проблемите на студентите и брзо делување за истите,“ заклучи  Ѓошева.

Студентите ќе продолжат да се борат за бесплатно образование, бидејќи како што велат конкуренцијата од страна на странските универзитети кои нудат добри услови и еднакви права и за нашите студенти е сè посилна и поголема.

Автор: Виктор Вукановски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА