
Високата корупција во Македонија продолжува да претставува еден од најсериозните предизвици во државата, предизвикувајќи и пречки за напредокот на државата како на домашен план, така и на европскиот пат.
Според најновите меѓународни извештаи, нема значителен напредок во борбата против корупцијата, туку повеќе стагнација. Според индексот на Транспаренси Интернејшнл за перцепција на корупција, Македонија е во долната половина од светската листа и под светскиот просек.
Властите тврдат дека прават напори за подобрување на состојбата и најавуваат поефикасна борба против криминалниот профит. Во таа насока го посочуваат и формирањето на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, предвидено со новата Национална стратегија за периодот 2025–2028 година. Според планот, ќе се воспостави систем на две нивоа: Национален совет кој ќе има стратешка улога и Национална комисија задолжена за оперативна координација меѓу институциите.
Од кабинетот на заменик-премиерот за добро владеење, Арбен Фетаи за ПИНА.мк велат дека, целта е да се воспостави високо ниво на институционална соработка, заедничко планирање и следење на резултатите во откривањето, следењето и одземањето на незаконски стекнат имот. Советот овозможува усогласување на политиките, подобрување на оперативната размена на информации и зајакнување на капацитетите на надлежните органи.
„Важно е да се нагласи дека Советот не презема оперативни надлежности, не ги заменува институциите и не презема нивни надлежности. Нема преклопување, туку комплементарност: оперативната одговорност останува кај институциите, а политичката и стратешката координација кај Советот. Надлежностите остануваат јасно утврдени: истрагите ги водат надлежните институции, обвинителството раководи со предметите, а судовите одлучуваат и донесуваат правосилни пресуди врз основа на кои се спроведува конфискацијата на нелегално стекнатиот имот,“ велат од кабинетот на Фетаи.
Сепак, и покрај најавите за подобра координација, остануваат прашањата дали новото тело ќе донесе суштински промени или ќе биде уште една административна структура без директни оперативни овластувања. Советот, како што е најавено, нема да води истраги ниту да носи одлуки за конфискација – тие остануваат во надлежност на истражните органи, обвинителството и судовите.
„Координацијата меѓу институциите е новата инфраструктура на системот за борба против организиран криминал и корупција. Досега имавме институции што работат. Сега градиме институции што работат координирано, со заеднички податоци, заеднички стандарди и заеднички индикатори за успех. Финалната одговорност за предметите останува кај правосудниот систем. Но одговорноста за функционалноста на системот — тука ја презема извршната власт на највисоко ниво,“ велат од Влада.
Од таму се жалат дека досега се справувале со структурни слабости, како недоволен број специјализирани финансиски истражители, ограничени форензички и аналитички алатки, долгите постапки за консултации меѓу засегнатите страни во постапките за донесување на клучните закони во оваа област, како и недоволна дигитална поврзаност на базите на податоци.
„Врз основа на утврдените слабости, новата Стратегија со Акциски план става акцент на: специјализација на кадарот во истражните центри, воспоставување на интегриран и интердисциплинарен систем на обуки и градење компетенции, дигитална интеграција на податоците, воспоставување на ефективна Канцеларија за поврат на имот, доопремување и доекипирање на Агенцијата за управување со одземен имот се со цел ефикасно управување со одземениот и конфискуваниот имот, неговото чување, складирање и продажба. Мерката за успех ќе биде: зголемен процент на замрзнат и конфискуван имот по предмет а, не само број на предмети“, додаваат од кабинетот на Фетаи.
Во врска со управувањето со конфискуваниот имот, од таму најавуваат дека, со новите мерки ќе се стави посебен фокус на социјалната пренамена на конфискуваниот имот односно користење на имотот за јавни, образовни и социјални цели.
„Кога граѓаните гледаат дека одземениот имот станува училиште, место за одмор и релаксација, библиотека, опрема, јавно добро, тогаш довербата во системот расте а резултатите од борбата против организираниот криминал и корупција стануваат видливи и општествено корисни. Врз основа на добри пракси Агенцијата за управување со одземен имот подготвува подзаконски акт за воспоставување на механизам за социјална пренамена. Соработката со меѓународните и домашни организации ја зајакнува улогата на граѓанскиот сектор во управувањето со одземен имот“, велат од кабинетот на Фетаи.
Стратегијата, според нив, е усогласена со европските политики за борба против организираниот криминал и е дел од реформската агенда поврзана со процесот на евроинтеграција.
Автор: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




