Почетна Анализи Младинските организации со критика за предлог-законот за високо образование

Младинските организации со критика за предлог-законот за високо образование

0
68
фото: ПИНА

Кон крајот на февруари, Министерството за образование и наука (МОН) ја заврши првичната серија на јавни расправи посветени на новиот Предлог-закон за високо образование и Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование, а процесот опфати шест официјални дебати на државните универзитети.

Според министерката Весна Јаневска, основните начела на новите законски решенија се базираат на меритократија, мерливост на квалитетот и интернационализација, а намерата на власта е преку построги критериуми да се подигне нивото на високото образование и да се подобри позиционирањето на македонските универзитети на меѓународните ранг-листи. Процесот на креирање на новиот закон отвори опсежна дискусија во академската заедница, при што се издвоија неколку клучни точки на несогласување, но и простор за усогласување на ставовите.

Имплементацијата на овие закони доаѓа во период кога ниту еден македонски универзитет, и тоа со години наназад, не е позициониран меѓу првите илјада на Шангајската листа. Токму овој параметар надлежното министерство го користи како главен аргумент за неопходноста од системски промени.

Предлог измените отворија широка јавна дебата

За време на јавните дебати, дел од академската заедница и студентски здруженија побараа целосно повлекување на предложените текстови и нивно враќање на повторна изработка, велејќи оти во одредени сегменти се нарушува уставно загарантираната универзитетска автономија, а забелешки имаа и за несоодветноста на дел од критериумите.

Наспроти овие барања, министерката Јаневска во јавните настапи беше децидна оти Законот нема да биде повлечен, бидејќи забелешките кои пристигнале на адреса на Министерството не биле многу на број, но и оти голем дел од нив системски се повторуваат на различни кампуси. Сепак, изрази подготвеност да ги интегрира сите издржани аргументи, а за таа цел, предлог-Законот е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Државата треба да размислува за алтернативни модели кои ќе овозможат студентите да работат

Предлог-законот предвидува ограничувања во делот на режимот на студирање, конкретно преку укинување на можноста за вонредно студирање за одредени профили. Досега, ова ограничување главно се применуваше кај медицинските науки. Со новиот закон, вонредното студирање се укинува за сите регулирани професии, што ги опфаќа и наставничките факултети. Министерството ја темели оваа одлука на потребата од подигнување на квалитетот на идниот наставен кадар во основното и средното образование. Институционалните проценки укажуваат дека наставниците кои поминале низ редовен образовен процес, со континуирано физичко присуство на предавања и практична настава, се поподготвени за образовниот процес. Иако постојат дилеми дали ваквите ограничувања ќе доведат до дефицит на кадар, од МОН уверуваат дека такво нешто нема да се случи, бидејќи според нивните податоци, веќе има околу 5.000 наставници кои немаат целосен фонд на часови.

„Наместо квантитет, фокусот се става на квалитетот, а со укинувањето на вонредните студии на педагошките факултети всушност ќе се обезбеди поквалитетна академска едукација на нов наставен кадар…“ велат од МОН.

На ваквите ограничувања реагираат и студентите. Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени и студент на Филозофскиот факултет вели оти аргументот за физичко присуство е оправдан за програми со клиничка пракса и лабораториски вежби, но предупредува оти укнинувањето на вонредното студирање не смее да го скрати правото на високо образование на оние кои поради егзистенција, треба паралелно да работат.

„Државата треба да размислува за алтернативни модели кои ќе овозможат студентите да работат без да се наруши квалитетот на наставата. Еден пример е моделот што се применува во Словенија, каде што студентите имаат можност за таканаречена студентска работа преку централизирана платформа. Преку неа, тие можат да изберат работа со скратено работно време, често ограничена на викенд, петок, сабота и недела – за што добиваат соодветен надомест. На овој начин се овозможува студентите да обезбедат дополнителни финансии за време на студирањето, без притоа да се наруши континуитетот и квалитетот на наставата“, вели тој.

Во насока на регулирање на студентскиот стандард, законот воведува и законска обврска за ослободување од партиципација за студентите кои се деца на самохрани родители. Иако мерката е насочена кон социјална инклузија, анализите покажуваат дека трошоците за живот на еден студент во универзитетските центри значително ја надминуваат сумата на државната квота.

Според Ходаи, ослободувањето од партиципација е позитивен чекор, но нивните истражувања покажуваат дека студентите во земјава во просек трошат меѓу 10.000 и 12.000 евра за четиригодишни студии. Поради тоа, тој нагласува дека во законскиот нацрт недостасуваат суштински системски мерки како креирање поширока мрежа на ресторани кои ќе понудат прилагодени цени за студентски оброк, воведување субвенции за кирија, кога капацитетите на студентските домови се пополнети и регулација на меѓуопштинскиот превоз за студентите кои патуваат.

„Иако оваа мерка доаѓа релативно доцна, сепак е позитивна вест што студентите кои се деца на самохрани родители ќе бидат ослободени од плаќање партиципација. Тоа претставува чекор во насока на социјална инклузија. Сепак, реалноста е дека трошоците за студирање далеку ја надминуваат само партиципацијата, неопходно е да се регулира и субвенционира меѓуопштинскиот превоз, бидејќи значителен број студенти секојдневно патуваат од други градови за да студираат. Без вакви сеопфатни мерки, ослободувањето од партиципација само по себе нема суштински да го намали финансискиот товар што студентите го носат“, вели Ходаи.

Во делот на студентското организирање, предлог-законот го продолжува мандатот на студентските претставници во факултетските и универзитетските тела од една на две години. Промената е одговор на барањата на студентските собранија, со цел да се обезбеди континуитет во нивната работа и поголемо искуство при учеството во носењето одлуки во рамки на ректорските и деканските управи.

Сепак, Ходаи е критичен кон финалната одредба, и вели оти самиот предлог во Законот не ја следи во целост иницијативата на студентските собранија кои бараа мандатот да биде ограничен на две години без право на повторен избор, за да се спречи концентрација на моќ и долгорочна узурпација на истите позици.

„Во актуелниот предлог-закон мандатот е две години со право на повторен избор, што остава простор одредени позиции да останат подолго време во рацете на исти луѓе и да бидат подложни на политички или партиски влијанија. Дополнително, законот не го препознава Националното студентско тело како легитимна национална платформа во која се здружуваат универзитетските студентски собранија“, дециден е тој.

МОФ со критика за предлог-законот

Младинскиот образовен форум (МОФ) исто така излезе со реакција за законот оценувајќи го како не соодветен за потребите на студентите и како што велат „не е современ, дополнително стилски и структурно неусогласен и некохерентен“.

„Покрај формалните недостатоци, содржината на предлог‑законот отвора повеќе суштински прашања. Терминот „интердисциплинарност” се споменува во неколку членови (24, 29, 125, 133), но контекстот во кој се споменува, не е насочен како стимул за развој на интердисциплинарни студиски програми. Во ситуација во која квалитетот на високото образование потфрла, универзитетите треба да ги охрабрат програмите кои комбинираат различни дисциплини и ги подготвуваат студентите за динамичноста на пазарот на трудот. Поради тоа е потребно да се создадат механизми за поттикнување на такви студии и да се овозможи надоградување преку постдипломска едукација во области каде студентите веќе имаат искуство“ соопштија од МОФ.

Во својата реакција тие споменуваат дека овој предлог закон не го гарантира правото на пристапност и адаптација на условите за студирање на лица со попреченост и не нуди јасни механизми за реализација на таква поддршка. Според нив, законските решенија мора да вклучат одредби за физичка пристапност (рампи, прилагодени тоалети), академски приспособувања и финансиска поддршка за ранливите групи. Доколку ваквата регулација се остава на слободна волја на интерните акти на универзитетите, се отвораат голем број на можности за дискриминација на ранливите групи.

Исто така се осврнуваат и кон тоа дека дека студентите како носители на процесите, заслужуваат поголемо влијание во органите на универзитетите, особено во однос на тела од кои произлегуваат одлуки за програмите, буџетите на универзитетите. Меѓу другото, тие сметаат и дека мора да има регулирање на продажбата на учебниците со кое ќе се намали сивата економија и можноста за корупција.

Од МОФ како важен сегмент го потенцираат и бришењето на одредбите кои го оневозможуваат непотизмот при вработување на универзитетите, одредби кои стојат во постоечкиот закон, што отвора простор за корупција при вработување на универзитетите.

„Понатаму, предложениот текст укажува дека пропушта да го искористи потенцијалот за целосна или парцијална дигитализација на студирањето. Дополнително што во целиот закон не се ни искористени зборовите „вештачка интелигенција”, што претставува еден огромен сегмент на модернизација на новото секојдневие, нерегулиран во законот. Регулацијата на овие полиња би можело да ги подобри пристапноста и квалитетот на наставата, како и заштитата на критичната мисла од една страна и плагијаризмот од друга“ појаснуваат од МОФ.

Оттаму додаваат дека тие не се против реформата, но инсистираат предложениот текст „да биде темелно редактиран” и да се интегрираат препораките од јавноста.

Најавени промени и за работата на професорите

Една од најголемите промени што ги носи предлог-Законот за вискообразование е ревизијата на системот за избор во академксите звања. Според досегашната рамка, по стекнувањето на звањето „редовен професор“, наставниот кадар добиваше траен статус до пензионирањето, без конкретна законска обврска за понатамошна континуирана научна продукција или реевалуација на нивната работа. Сега, со измените се укинува моделот на трајно звање, а се воведува задолжителен реизбор на редовните професори на секои седум години. Дополнително, професорите кои имаат статус на ментори ќе подлежат на реизбор на секои пет години. Оваа мерка, велат од МОН, има за цел да го насочи наставниот кадар кон постојана научно-истражувачка работа.

За да го задржат работното место и статус, редовните професори ќе мора да докажат активна научна продукција во предвидениот период, што претставува институционален механизам за одржување на активноста на академските кругови по достигнувањето на највисокото звање. На забелешките од дел од академската заедница, дека на овој начин се нарушува усутавно загарантираната автономија, од Министерството за образование и наука (МОН) ги отфрлија ваквите тврдења, објаснувајќи дека со новиот закон не се задира во автономијата, туку се бара поголема отчетност во работењето на универзитетите.

„Во однос на укинувањето на доживотното звање, ваквата практика не е непознаница, реизборот на редовните професори на секои 7 години е критериум кој постоеше во минатото, односно сé до 2018 година кога беше усвоен нов закон со кој овој и повеќе други критериуми беа укинати, што резултираше со значителен пад на квалитетот на високото образование“, децидни се од МОН.

Тесно поврзана измена со реизборот се и новиот критериум за објавување на научни трудови, оти првичниот нацрт предвидуваше обврска за објавување трудови во списанија кои се индексирани во реномираните меѓународни бази како „Web of Science“ и “Scopus“. Оваа одредба наиде на критика од два аспекта и тоа, финансискиот товар, односно котизациите за објавување во овие бази кои изнесуваат неколку илјади евра по труд, а кои со оглед на ограничените буџети на факултетите за научно-истражувачка рабобта, постоеше загриженост оти финансискиот товар би паднал на плеќите на истражувачите. За оваа дилема, од МОН велат дека државата веќе има воспоставено механизам за поддршка и во континуитет го финансира објавувањето трудови, без разлика на нивната цена.

„Во голем дел од списанијата објавувањето е бесплатно, а за останатите, минатата година беа поднесени 25 барања за надоместување на трошоците по овој основ и истите целосно беа покриени“, велат оттаму.

Вториот аспект произлегува од специфичните научни полиња, особено уметничките факултети при УКИМ, кои реагираа дека ваквите бази се несоодветни за валоризација на уметничкото творештво и дејност. Во текот на јавните расправи, МОН прифати дел од аргументите, а Јаневска информираше дека е постигната согласност да се измени одредбата која бараше кандидатите за магистерски труд да имаат објавено труд во „Web of Science“ пред самата одбрана. Аргументот на академската заедница е дека процесот на рецензија и објавување во овие бази трае долго, често и повеќе од една година, што административно би го блокирало навременото магистрирање на студентите.

Во описот на Предлог на закон за високото образование поставен на ЕНЕР се вели дека „со овој закон се уредуваат основните начела за вршење на дејностите на високото образование, автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите и надзорот над работата на високообразовните установи.“

Во описот пак на Закон за обезбедување на квалитет во високото образование и наука поставен на ЕНЕР се вели дека: со Законот за обезбедување на квалитет во високото образование и науката се уредува обезбедувањето и унапредувањето на квалитетот во високото образование и науката првенствено преку постапката на институционална и програмска акредитација и издавање дозвола за основање на високообразовна установа и дозвола за вршење високообразовна дејност, акредитација на студиските програми, реакредитација и вреднување во рамките на системот на обезбедување квалитет и акредитација на ментори за трет циклус студии.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА