Почетна Анализи Меѓу протокол и поддршка: како училиштата се справуваат со зависноста кај младите

Меѓу протокол и поддршка: како училиштата се справуваат со зависноста кај младите

Училиштата имаат протоколи за постапување кога постои сомнеж дека ученик користи психоактивни супстанции, но стручните служби предупредуваат дека процедурите не се доволни. За навремена помош се потребни повеќе обуки, доверба и координација меѓу училиштето, семејството и институциите.

0
50
Илустративна фотографија | Фото: mohamad azaam, Unsplash

Кога родители пријавуваат дека нивниот син е зависник од хероин, скопско средно училиште се прашува како да му помогне на ученик кој е зависник, а притоа да не го изгуби од образовниот процес. Ученикот оди на лекувањето во странство, па се враќа во училиште и успешно го завршува средното образование. Овој пример го споделува Ана Попризова, училишен психолог во Гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, како пример за успешно лекување и реинтегрирање на ученик.

Во друг случај, ученик бил упатен во стручната служба поради чести отсуства од наставата и здравствени проблеми. Во разговорите било утврдено дека користи психоактивни супстанции. Заедно со родителите бил упатен во Центарот „Сакам да знам“ на ХЕРА, а паралелно, училиштето работело на негово повторно вклучување во средината преку социјализација, активности и поддршка од стручната служба

Иако ова се два позитивни примери за лекување, прашањето дали училиштата имаат капацитет и знаење да им помогнат на младите сè уште постои.

Бројките покажуваат дека проблемот постои

Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека малолетници се појавуваат како сторители во случаи поврзани со дрога.

54 деца биле пријавени како сторители на кривични дела за недозволена трговија со дрога во последните две години.

Статистиката, која се однесува на периодот до март годинава, покажува дека за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ биле евидентирани 23 дела во 2024 година со 25 пријавени деца, 20 дела во 2025 година со 22 пријавени деца и 7 дела во првите три месеци од 2026 година со 7 пријавени деца.

Во истиот период се регистрирани и случаи на „овозможување употреба на наркотични дроги“ со вкупно четири кривични дела со пет пријавени деца.

Иако овие бројки не ја покажуваат целата слика за употребата на дроги кај младите, тие укажуваат дека проблемот постои и дека институциите мора да имаат механизми не само за санкција, туку и за рана интервенција.

Училиштата имаат протоколи, но на младите им е потребно повеќе од процедура

Од Министерството за образование и наука велат дека средните училишта имаат обврска да спроведуваат превентивни програми насочени кон заштита на учениците од насилство, злоупотреба, запоставување, дискриминација, како и превенција од употреба на алкохол, пушење, дроги и други психоактивни супстанции.

Упатството за превентивни програми предвидува формирање мултидисциплинарни тимови составени од наставници, педагог, психолог и други стручни лица.

Според Министерството, кога постои сомнеж дека ученик користи психоактивни супстанции, наставникот или друг вработен во училиштето треба да го информира класниот раководител и стручната служба. Потоа следуваат разговори со ученикот, родителите и проценка на состојбата.

Доколку е потребно, училиштето вклучува надворешни институции како центри за социјална работа, здравствени служби или други надлежни органи.

Илустративна фотографија | Shutter speed on Unsplash

„Не секој ученик што изгледа ризично користи дрога“

Психологот Ана Попризова посочува дека еден од најголемите проблеми е стигмата. Стереотипите дека ученик кој користи дрога мора да изгледа на одреден начин, да биде повлечен или проблематичен, не се поклопуваат со реалноста.

Промени во однесувањето, пад на успехот, чести отсуства, губење интерес и конфликти со врсниците можат да бидат сигнали, но не се доволни сами по себе за да се донесе заклучок дека детето кое седи во училница е зависник.

Токму затоа, според неа, наставниците треба да имаат повеќе обуки за препознавање ризици, но и за тоа како да реагираат без ученикот да биде етикетиран од неговите наставници и соученици. За Попризова, постапувањето не се сведува само на дисциплински мерки и казнување на младите.

Во случај наставник, друг вработен или обезбедувањето во училиштето да забележи дека ученик користи психоактивни супстанции, постои веќе утврдена процедура. Првиот чекор е информацијата да се пренесе до класниот раководител и стручната служба, а под посериозни околности се повикува и итна медицинска помош.

Покрај училиштето, во одредени ситуации се вклучуваат и други институции. Центрите за социјална работа се активираат кога постои ризик ученикот да остане без соодветна родителска поддршка или кога се проценува дека семејната средина не овозможува доволна заштита. Здравствените служби и советувалиштата се вклучуваат кога е потребен третман на зависност, додека во случаи кога постои продажба или поттикнување други ученици да користат дрога се активираат службите за малолетничка деликвенција.

Попризова вели дека вистинскиот предизвик започнува откако ќе се препознае проблемот.

Ана Попризова, Ана Попризова, училишен психолог во Гимназијата „Орце Николов“ – Скопје | Фото: Приватна архива

„Работата со ученици кои развиле зависност од психоактивни супстанции (ПАС) претставува сериозен предизвик за училиштата и стручните служби. Најголемите потешкотии најчесто се поврзани со отпор и недоверба кај ученикот кон возрасните и институциите, негирање на проблемот или недостаток на мотивација за промена, чести отсуства, намалена концентрација и пад во училишниот успех, проблеми во однесувањето, конфликти и нарушени односи со врсниците, влијание од врснички групи кои го поттикнуваат ризичното однесување, недоволна соработка од семејството или семејни тешкотии“, вели таа.

Попризова вели дека најчесто училиштето обезбедува психосоцијална поддршка и се обидува да создаде безбедна средина без предрасуди. Според неа, токму довербата е еден од најважните предуслови за ученикот да прифати помош.

Таа посочува дека ефективната поддршка е можна само ако постои мрежа во која се вклучени наставниците, стручната служба, родителите и соучениците. Значајна улога има и вклучувањето во воннаставни активности, спорт и креативни програми, бидејќи тие можат да придонесат за развој на чувство на припадност и враќање на самодовербата.

Сепак, според неа, училиштата не располагаат секогаш со доволно ресурси за таков пристап. Недостигаат специјализирани програми, дополнителни обуки за наставниот кадар и поголема поддршка од надворешни институции. Затоа, вели таа, потребни се поголеми институционални вложувања и развој на превентивни и интервентни модели кои ќе им овозможат на училиштата поефикасно да работат со ученици што се соочуваат со зависност.

Проблем претставува и тоа што препознавањето на зависноста станува сè потешко.

„Сметам дека наставниот кадар не е доволно подготвен за работа со овие ученици, од една страна заради тоа што видовите на ПАС постојано се менуваат и денес е многу тешко да се направи проценка дали ученикот е под дејство на ПАС, од друга страна доколку неосновано се постави сомнеж кон некој ученик постои опасност од стигматизација што за некои ученици е дополнително оптоварување. Стереотипите дека некој е „наркоман“ ако се облекува во црно, има намалена тежина, е повлечен и отсуствува од настава, не се веќе реални. Но секогаш е добро што има сензитивни наставници, кои можат да забележат промени во однесувањето на некој ученик и да дадат корисни увиди за однесувањето на некој ученик што може да биде значајно за да се пружи помош“, објаснува таа.

Последните години, додава Попризова, училиштата забележуваат и нови форми на ризично однесување поврзани со употреба на концентриран никотин кај младите. Поради тоа биле подготвени информативни материјали за дискусија со родителите на родителски средби, со цел семејствата порано да ги препознаат сигналите и да знаат каде да побараат помош.

Како е регулирано во други држави?

Според Европската агенција за дроги (EUDA), ефективните програми за превенција не се базираат само на информирање за опасностите од дрогите. Искуствата од Европа покажуваат дека училиштата имаат значајна улога во превенцијата, но не како единствена институција што треба да го реши проблемот.

Според EUDA, превенцијата од употреба на психоактивни супстанции најчесто се спроведува токму во училиштата затоа што тие овозможуваат директен и континуиран контакт со младите во клучен период од нивниот развој.

Една од програмите што сметаат дека има позитивни резултати во повеќе европски држави е „Unplugged“, која работи на развој на животни вештини и корекција на погрешните перцепции кај младите за тоа колку употребата на дроги е „нормална“ меѓу нивните врсници. Целта е учениците да развијат вештини да препознаваат ризици и самостојно да носат одлуки.

Од EUDA посочуваат дека за ваквите програми да дадат резултат, тие мора да бидат поддржани и од училиштата. Покрај директните програми за превенција од употреба на супстанции, постојат и пристапи кои воопшто не ја ставаат дрогата во центарот на вниманието, туку работат на подобрување на социјалните компетенции, развојот на однесувањето и создавање позитивна училишна средина.

Авторка: Антонија Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.