Почетна Анализи Куманово се соочува со недостиг на доброволни пожарникари

Куманово се соочува со недостиг на доброволни пожарникари

Куманово со поддршка од австриски партнери формира доброволни противпожарни друштва во неколку села, за побрза реакција при пожари. Возилата и гаражите се обезбедени, но најголемиот предизвик останува да се привлечат и обучат доволно доброволци.

0
23
Фото: Александра Максимовска

Со почетокот на летото, во Куманово повторно расте бројот на пожари на отворено. Територијалната противпожарна единица речиси секојдневно интервенира на три до четири локации, најчесто поради запалени стрништа, житни култури и необработени површини.

Најголем предизвик за професионалните пожарникари е кога пожарите избувнуваат истовремено на неколку места. Куманово е најголема општина во регионот, а пожарникарите, покрај во градот со околу 100.000 жители, интервенираат и на територијата на Липково и Старо Нагоричане.

Според податоците од Центарот за управување за кризи, во период од 1 мај до 24 август 2026 година се случиле 107 пожари на територијата на Куманово, општина Куманово и околината, вклучувајќи ги и селата што се под општина Куманово.

Податоци добиени од Центарот за управување со кризи

Токму поради ограничените капацитети, Општина Куманово и Територијалната противпожарна единица Тирол од Австрија почнаа иницијатива за формирање доброволни противпожарни друштва во неколку рурални средини.

Австриската поддршка предвидува донација на шест противпожарни возила, меѓу кои и возило со скали за гасење пожари, а се планира и зголемување на нивото на волонтеризмот.

Во градот веќе функционира доброволно противпожарно друштво во кое се забележува зголемување на бројот на членови. Но, Куманово настојува и во руралните средини да воспостави доброволни противпожарни друштва кои ќе добијат и теренски возила за интервенција.

Една година по потпишувањето на меморандумот, претставници од противпожарните екипи на Куманово и Тирол ги посетија жителите на селата од Куманово, укажувајќи им на користа од постоењето на доброволните пожарникарски друштва.

Претставниците од Тирол, ја нагласија важноста за изградба на пожарникарска служба за млади луѓе во Куманово, со што значително ќе се обезбеди сигурноста на граѓаните.

Австрија обезбеди шест возила, од нив три се наменети за селата Орашац, Табановце и Клечовце. Во овие места веќе е започната изградба на гаражи. Според електронскиот систем за јавни набавки, за изградба на гаражите општина Куманово одвојува над 12 милиони денари.

Фото: Александра Максимовска

Во Австрија волонтерството е традиција, кај нас сè уште се бара мотивацијата

Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово, Борис Станковски, вели дека преку соработката со австриските партнери добиле не само опрема, туку и увид во поинаков начин на организација.

Од минатата година пожарникарите поминале повеќе обуки во Австрија и Хрватска, а таму, како што вели, доброволното пожарникарство не е дополнителна активност туку дел од локалната култура.

Во австрискиот модел, раскажува Станковски, кој неколку пати посетувал обука, луѓето почнуваат да волонтираат во детството, преку училиштата и локалните заедници.

„Таму волонтерството се пренесува генерациски. Дедото бил доброволец, таткото продолжил, па децата. Тоа е прашање на припадност кон заедницата“, вели Станковски.

Во Македонија, според него, таквиот модел не може едноставно да се преслика.

„Искрено, кај нас често луѓето прво прашуваат дали нешто ќе биде платено. Но, овде идејата е поинаква, прво го заштитуваш својот простор, своето село и својот имот“, додава Станковски.

Податоците што ги изнесува се поразителни. Само во текот на минатата година, ТППЕ Куманово интервенирала на околу 660 пожари, а над 400 биле на отворен простор.

Фото: Александра Максимовска
Фото: Александра Максимовска
Фото: Александра Максимовска

Системот има граници, а пожарите не чекаат

Во последните години кумановските пожарникари сè почесто интервенираат на отворени површини, во напуштени имоти, околу необработени дворови и непристапни подрачја каде пожарот брзо се шири.

Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека локалната власт и пожарникарите многупати реагирале на терени каде што објектите не се одржувале со години, а сопствениците не преземале мерки за заштита. Според него, граѓаните често очекуваат институциите целосно да ја преземат одговорноста, но противпожарната служба има реални ограничувања.

„Пожарната е платена да интервенира, но немаме ресурси да интервенираме на повеќе места истовремено. Затоа е потребна граѓанска солидарност и поголема самосвест“, посочува Димитриевски.

Токму од таа потреба започнала иницијативата за формирање доброволни противпожарни друштва. Покрај набавката на возила и изградбата на инфраструктурата, треба да започне и регрутирањето и обуката на доброволци.

Фото: Александра Максимовска

Димитриевски вели дека интересот за доброволно вклучување засега не е голем.

„Не сум задоволен од бројот на пријавени. Но, почнуваме со тоа што го имаме. Сметаме дека сме меѓу првите кои ќе се обидат посериозно да го развиваат овој модел“, додава Димитриевски.

Тој забележува дека ваквите иницијативи во други средини во Македонија често започнувале ентузијастички, но по одредено време згаснувале.

Во селата има интерес, но луѓето очекуваат и решавање на други инфраструктурни проекти во замена на доброволство

На терен, ентузијазмот постои, но не е без услови. Во Табановце веќе има први пријавени волонтери.

Претседателот на месната заедница Ненад Младеновиќ вели дека досега интерес покажале околу десетина жители од различни генерации. Лани, кога имало пожари и штети врз ниви и житни култури, луѓето и без организација излегувале да помагаат.

Но, во разговорите со жителите се отвора и поширока тема, додава Младеновиќ, чувството дека руралните средини ретко добиваат внимание додека не се појави проблем. Тој објаснува дека луѓето од руралните средини плаќаат услуги и очекуваат повеќе вложувања во селата. Сепак, верува дека локално присуство на возило и обучени доброволци би значело побрза реакција и помали штети.

„Ако пожарот е блиску, луѓето реагираат. Прашањето е како таа подготвеност да стане организирана“, вели Младеновиќ.

Во Орашац интересот почнал уште со самата презентација на возилата. Претседателот на месната заедница, Крсто Милошевски, вели дека на средбата присуствувале десетици жители и дека по презентацијата многумина сами почнале да прашуваат како можат да се вклучат. Тој се присетува на осумдесеттите години од минатиот век кога сите биле доброволци, зеле и лиценци и биле горди на тоа.

„Кога ќе се огласеше сирената луѓето излегуваа. Имаше опрема, организација и чувство дека тоа е заедничка работа“, вели Милошевски.

Денес околностите се различни, населението старее, младите се иселуваат, а секојдневието е поинакво. Сепак, според него, опасностите остануваат исти. Кога пожарот е на неколку километри оддалеченост, а екипата доаѓа од градот, секоја минута има значење.

Примерот од Кочани покажува дека доброволството не е исчезнато, но мора да стане систем

Пример за успешен модел е доброволното противпожарно друштво во Кочани. Неговиот претседател, Златко Илијев, смета дека доброволните друштва можат да бидат огромна поддршка, но само ако институциите ги третираат како дел од системот, а не како дополнителна помош.

Според него, идеално би било секое рурално место да има свој тим и основна опрема за прва реакција. Тој смета дека мотивирањето не мора секогаш да биде финансиско, можни се симболични придобивки, ослободување од градски превоз, членство во теретана, локални користи и поголемо општествено признавање. Но, додава дека вистинските предизвици не почнуваат при формирањето на друштвото, туку потоа кога треба да се одржи.

Фото: Златко Илијев

„Доколку имаме добра поставеност на системот, друштвата можат да бидат од огромно значење, но со оваа поставеност не се искористуваат ниту човечките капацитети, ниту материјално техничките капацитети на друштвата. На оние кои размислуваат им порачувам најпрво да се охрабрат да го формираат друштвото, а потоа да бидат истрајни во својата намера и да не потклекнат пред предизвиците кои ќе следат. Ова пред сè го правиме за нашето село, нашиот град и нашата држава“, вели Илијев.

За Куманово проектот допрва започнува. Возилата пристигнаа, првите доброволци се пријавуваат, обуките се најавени. Вклучените во проектот велат дека е важно да се врати и чувството дека заедницата се гради и развива со индивидуален придонес.

Во Тирол која е покраина во Австрија има 23.000 доброволци, волонтери. Во Австрија голем дел од младите по 16 години стануваат доброволци.

Во Македонија има 800-тини доброволци. На тој пат се и Словенија и Хрватска. Волонтерите уживаат во пријателствата кои ги стекнуваат на обуките и не го кријат задоволство што можат да сторат нешто добро за заедницата.

Авторка: Александра Максимовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.