„Претходно бевме под скопското Кале, но, преку ноќ не избркаа од таму. Се надевав дека барем тука ќе можам да ги избањам децата. Сепак тоа не се случи“.
Ова е сведоштво на 37 годишна жена која со семејството живее во објектот „Ранка Милановиќ“ во населбата Маџари која е дел од општина Гази Баба во Скопје.
Жителите велат дека секојдневието им е обележано со недостиг на основни услови за живот, без струја, вода, во лоша хигиена и неизвесност околу нивната иднина.
„Тука живееме веќе три години. Надвор има многу ѓубре, сè е како депонија. И внатре е многу лошо, немаме основни услови за живот. Со месеци немаме вода, а најтешко е за децата, кои немаат услови ниту редовно да се избањаат“, вели жената.
Тврдат дека не само што проблемите со години остануваат нерешени, туку ситуацијата од ден на ден само се влошува.
Институционална негрижа или нерешен системски проблем?
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади за ПИНА велат дека овие објекти – на улица „Перо Наков“ во Маџари, кои претходно биле користени за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми, останале неискористени по процесот на деинституционализација.
Според Министерството, во 2017 година, поради исполнетост на капацитетите во Центарот за привремен престој на бездомни лица, било одобрено алтернативно сместување на бездомни лица од ромската заедница во текот на зимскиот период во објектот „Ранка Милановиќ“.
Семејствата требало да ги напуштат објектите по истекот на рокот, но дел од нив останале да живеат таму. Од Министерството наведуваат дека бројот и структурата на жителите постојано се менуваат.
„Главно се занимаваат со собирање на отпад и секундарни суровини. Објектот во кој се сместени, а кој при сместувањето беше во солидна состојба, одамна е руиниран од самите семејства и нема услови за живеење“, потврдуваат и од Министерството.
Планови на хартија, неизвесност на терен
Центарот за социјална работа во изминатиот период бил вклучен во активности за обезбедување, најпрво лична документација, а потоа и остварување права од социјална и детска заштита за семејствата што престојуваат во објектот.
Според нивните податоци, четири семејства се корисници на гарантирана минимална помош, две семејства користат детски додаток, додека дел од жителите и други права од системот на социјална заштита.
Од Министерството велат дека според националната легислатива секој е должен да се грижи за задоволување на своите животни потреби и потребите на лицата кои според закон е должен да ги издржува.
„Со своите приходи да придонесува за спречување, ублажување или отстранување на социјалните ризици на кои е изложен тој и членовите на неговото семејство и лицата кои според закон е должен да ги издржува, како и активно да дејствува во спречувањето и надминувањето на состојбата на изложеност на социјален ризик“, додаваат од Министерството.
Посочуваат дека е формирана работна група во која се вклучени надлежни институции, која работела на Акциски план за инклузија и решавање на проблемите на лицата населени во неформални населби на повеќе, како што ги нарекуваат, критични локации во Скопје.
„Овој Акциски план е во владина процедура. Работната група ќе ги координира активностите за инклузија и решавање на проблемите на лицата населени во неформални населби, а во согласност и со мерките предвидени во Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030“, додаваат од таму.
Од Министерството велат и дека паралелно со тековните владини програми е подготвен и нов Предлог-закон за социјално домување, кој треба системски да го уреди правото на социјално домување и да го стави во фокус решавањето на станбеното прашање кај семејствата во социјален ризик, вклучително и бездомните лица.
„Решавањето на ова прашање бара целосно вклучување на сите релевантни институции и тесна соработка со локалната самоуправа, јавните претпријатија и други институции. Нашата цел е никој да не остане без покрив над глава поради административни бариери или недостиг на системски решенија“, велат од таму.
Активистите бараат итна реакција, а не само нови стратегии
Според активистката за правата на Ромите, Љатифе Шиковска, состојбата во која живеат жителите на „Ранка Милановиќ“ е последица на долгогодишен системски проблем и институционална негрижа.
„Ромите со години се дискриминирани и оставени да живеат во крајно лоши услови. Дел од овие лица успеавме да ги запишеме во матичните книги на родени, а како здружение постојано апелираме да се најде соодветно решение за нив. Работевме и на измени во Законот за живеалиште за да им се олесни издавањето лични карти и пристапот до права“, вели Шиковска.
Таа смета дека институциите мора итно да реагираат бидејќи условите во кои живеат семејствата претставуваат сериозен ризик за нивната безбедност и здравје.
„Најпрво овие лица мора да бидат преселени во безбедно и соодветно сместување. Сè додека живеат во такви услови, нивниот живот е загрозен и постои опасност да се случи несреќа. Потребна е иницијатива и конкретна акција од Центарот за социјални работи и од другите надлежни институции. Не е доволно само да се зборува за планови и стратегии“, додава таа.
Според Шиковска, ваквите случаи покажуваат како сиромаштијата и административната исклученост се поврзани проблеми.
„Создаваме луѓе кои живеат во сиромаштија и без документи, бидејќи остануваат надвор од системот. Ако навистина сакаме инклузија, мора да се обезбедат безбедно сместување, лична документација и пристап до социјална заштита за овие семејства“, нагласува Шиковска.
Но, додека институциите зборуваат за стратегии, законски решенија и долги процедури, жителите кои живеат во „Ранка Милановиќ“ велат дека нивната реалност останува непроменета.
„Не бараме многу, само да живееме како луѓе. Да има вода, да има каде децата да се избањаат и да не се плашиме секој ден дали ќе останеме на улица“, вели една од жителките.
За семејствата што живеат во објектот, прашањето за достоинствено домување и натаму останува неизвесност – меѓу институционалните планови и секојдневната борба за основни услови за живот.
Авторка: Сара Танаскоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





