Почетна Анализи Државата сè уште без систем за третман на малолетни зависници од дроги

Државата сè уште без систем за третман на малолетни зависници од дроги

Четири години по правосилната судска пресуда со која државата беше задолжена да воспостави систем за лекување на малолетни зависници од дроги, специјализиран центар сè уште нема. Во меѓувреме, децата продолжуваат да се движат низ институциите без место каде што можат да добијат соодветен третман.

0
37
Илустративна фотографија | Фото: Lesli Whitecotton, Unsplash

Бремена малолетничка која живеела на улица со недели чекала институциите да обезбедат согласност за нејзино лекување од зависност и да утврдат кој е надлежен за случајот. Во меѓувреме го загубила бебето, а по низа неуспешни обиди да добие соодветен третман целосно се откажала од системот и продолжила да инјектира дроги. Нејзиниот случај е еден од примерите наведени во судската постапка по која во 2022 година беше утврдено дека државата не обезбедува соодветна здравствена заштита и третман за децата кои користат дроги и психоактивни супстанции.

Со пресудата по тужба на Европскиот центар за правата на Ромите, судот заклучил дека Северна Македонија со години нема воспоставено соодветен систем за лекување, рехабилитација и грижа за малолетни корисници на дроги. Министерството за здравство било задолжено во рок од три месеци да донесе посебна програма за третман и да отвори специјализиран центар за лекување и рехабилитација на деца зависници.

Наместо отворање на центарот во предвидениот рок, следувале години судски и извршни постапки поради неисполнување на обврските. Министерството за здравство беше двапати казнето, а одлуките беа потврдени и од Апелациониот суд.

Сепак, и покрај правосилната пресуда, извршната постапка и двете судски казни, четири години подоцна специјализираниот центар сè уште не постои. Додека државата го гради системот што судот наложи да го воспостави, малолетните корисници на дроги остануваат меѓу здравството, социјалната заштита, образованието и полицијата – препознаени како деца во ризик, но без место каде што навистина можат да се лекуваат.

(Податоците содржани во табелата се добиени од Основен граѓански суд Скопје)

Сите се надлежни – никој не лекува

Додека судот утврдил дека државата нема соодветен систем за третман, институциите денес опишуваат модел во кој секоја има одредена улога, но ниту една не обезбедува целосно решение.

Од Министерството за труд, демографија и млади велат дека третманот на деца зависници од дрога е „мултисекторска постапка“ во која учествуваат центрите за социјална работа, здравствените установи, училиштата, полицијата и другите институции. Признаваат дека системот нема доволно специјализирани капацитети, а не се води ниту единствена централизирана евиденција за бројот на деца зависници од дрога.

„И покрај постоењето на овие услуги, во пракса се забележува недостиг на специјализирани резиденцијални програми и установи наменети исклучиво за малолетни лица зависници од дрога. Најголем дел од третманот се реализира преку здравствени установи, додека социјалната заштита обезбедува психосоцијална поддршка, координација и услуги за социјална рехабилитација“, велат од Министерството.

Училиштата препознаваат, но не лекуваат

Училиштата можат да препознаат проблем и да иницираат постапка, но не можат да бидат место каде што детето ќе добие третман.

Од Министерството за образование велат дека училиштата имаат утврдени процедури за постапување кога постои сомневање дека ученик користи психоактивни супстанции. Наставниците и стручните служби се тие што треба да ги забележат првите сигнали и да ги вклучат родителите и другите институции. Но, според нив, дел од проблемите се појавуваат токму во моментот кога е потребна поширока поддршка.

„Најчесто предизвик е потребата за поголема соработка со родителите, особено во случаи кога тие не ја прифаќаат состојбата или избегнуваат институционална поддршка. Влијание имаат и пошироки општествени фактори, како достапноста на психоактивни супстанции и влијанието на врснички групи“, наведуваат од МОН.

Полицијата брои кривични дела, не исходи од третман

Податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека секоја година се регистрираат малолетници поврзани со кривични дела од областа на дрогите. Во периодот од 2020 до мај 2026 година биле евидентирани вкупно 145.

Но, податоците на полицијата завршуваат таму каде што започнува прашањето за рехабилитацијата.

„Министерството за внатрешни работи не води евиденции за колку случаи завршиле со рехабилитација, а не со казна“, ни одговорија од МВР.

Нема стандарди, нема центар, нема евиденција

Организациите кои со години работат на терен, како и Народниот правобранител, оценуваат дека и покрај различните надлежности, суштинскиот проблем останува непроменет – децата и понатаму немаат соодветен систем на третман.

Од Здружението ХОБС велат дека состојбата на малолетните лица кои употребуваат дроги е „вонредно лоша“ и дека најголемиот проблем е отсуството на системски и специјализиран третман.

„Клиниката за токсикологија ги прима децата и адолесцентите на возраст од 16 години. Помладите пациенти немаат каде да се јават во Јавното здравство. Бариерите се социјални и системски, односно немање на соодветен третман според доктринарните насоки, интервенциите се стихијни, неорганизирани, со префрлање на одговорноста меѓу здравствените и социјалните институции“, велат од ХОБС.

Оттаму посочуваат дека и кога некое дете ќе дојде до институциите, третманот најчесто зависи од околностите на конкретниот случај, а не од воспоставен систем.

„Одделението за детска и адолесцентна психијатрија при Клиника за психијатрија ја третира зависноста кај децата и адолесцентите, поретко како изолиран ентитет, а почесто заедно со ко-појавна психијатриска состојба. Досега не е обезбеден соодветен третман на деца зависници од дрога“, дополнуваат оттаму.

Оценката на Народниот правобранител е дека заштитата на правата на овие деца претставува сериозен предизвик за системот за заштита на децата. Од институцијата посочуваат дека недостигаат ефикасни мерки за превенција и заштита, но и дека државата нема целосна слика за размерите на проблемот.

„Пред сè, не постои воспоставен систем за рано препознавање и превенција на случаи на употреба на дроги кај деца. Недостигаат национални стандарди и протоколи за третман, нема специјализирана здравствена установа за лекување на зависности кај деца, а ограничени се и капацитетите на постојните институции. Дополнително, отсуствуваат програми за рехабилитација и ресоцијализација, нема доволно обучен стручен кадар, а координацијата помеѓу здравствените, социјалните, образовните и безбедносните институции не е на задоволително ниво“, велат од Народниот правобранител.

Дополнителен проблем, според нив, е недостигот на веродостојни и усогласени податоци, што го отежнува креирањето политики и планирањето на интервенциите.

„Постои недостаток на точни и усогласени статистички податоци, што претставува сериозна пречка за реална проценка на состојбата и за креирање ефикасни политики и мерки“, посочуваат оттаму.

Особено загрижувачки е фактот што возраста на првата употреба на психоактивни супстанции се намалува. Согласно извештаите и соопштенијата на ХОПС од 2017 година, најмалото дете кое употребувало лепак имало четири години, додека најмалото дете кое инјектирало хероин било на осумгодишна возраст.

Поради тоа, Народниот правобранител смета дека се потребни итни и координирани мерки.

„Потребно е надлежните институции да изработат и спроведат посебна програма за третман на зависности кај деца, да развијат унифицирани стандарди и протоколи за постапување и да воспостават специјализирани здравствени и социјални услуги“, апелираат од Народниот правобранител.

Државата за прв пат без стратегија за дроги, институциите и натаму реагираат наместо да превенираат

Недостатокот на систем за превенција и третман дополнително се продлабочува со фактот што државата во моментов првпат останала без Национална стратегија за дроги и акциски план.

Од ХЕРА посочуваат дека последната Национална стратегија важела за периодот 2021 – 2025 година, а нова стратегија сè уште не е донесена. Токму преку овие документи се планираат превентивните активности, мерките за рана интервенција и буџетските средства потребни за нивно спроведување.

Оценуваат дека проблемот не е само отсуството на нова стратегија, туку и фактот што голем дел од предвидените превентивни активности не биле реализирани ниту во периодот кога постоела стратешката рамка.

„Но, и кога имавме стратегија скоро сите активности за превенција не беа реализирани. Нашиот систем е дефинитивно реактивен, а не превентивен. Институциите, како училиштата и центрите за социјална работа, најчесто реагираат дури откако ќе се случи инцидент или ќе се детектира употреба. Раното препознавање на суптилните знаци, како повлекувањето, падот на успехот или промената на социјалното опкружување, бара време и специјализиран кадар, што моментално е дефицитарен“, наведуваат од ХЕРА.

Истовремено, од организацијата наведуваат дека потребата од поддршка за деца, млади и нивните семејства е континуирана. Преку Советувалиштето за превенција од употреба на дроги, кое функционира од 2012 година, во текот на 2025 година биле опслужени вкупно 176 корисници, од кои 93 родители и 83 деца и млади лица.

Во првите шест месеци од 2026 година, пак, советувалиштето евидентирало 207 посети, што претставува зголемен обем на работа во споредба со претходниот период. Од нив, 35 биле реализирани од родители, а 25 од деца и млади лица.

Од организацијата посочуваат дека дел од корисниците доаѓаат и од други градови, што, велат, дополнително укажува на потребата од пошироко достапни и специјализирани сервиси за поддршка на малолетници кои употребуваат дроги и психоактивни супстанции. Според нив, последиците се одразуваат и врз образованието, семејните односи и понатамошниот развој на детето.

„Училишниот успех и социјализацијата се првите кои страдаат, а семејните односи, исто така, можат да бидат сериозно нарушени. Родителите се оставени сами да се справуваат со проблем кој бара мултидисциплинарен пристап“, велат од организацијата.

Министерството за здравство: Се преземаат мерки

По пресудата, Министерството за здравство тврди дека презело активности за нејзино спроведување. Една од нив е обезбедувањето терапија преку Клиниката за психијатрија.

„Преку Програмата за лекување лица со болести на зависности, на Клиниката веќе се испорачани потребните количини од лекот Бупренорфин“, наведуваат оттаму.

Дополнуваат дека лекот е наменет за малолетни лица над 16-годишна возраст и дека паралелно се работи на развој на посебна програма и протокол за третман.

„Министерството за здравство смета дека се преземени суштински чекори за надминување на претходната состојба и целосно почитување на правата на децата корисници на психоактивни супстанци“, велат од Министерството за здравство.

Малолетниците остануваат без соодветен третман

Доктор Лилјана Китева Игњатова, професорка на Катедрата за психијатрија и медицинска психологија, предупредува дека најголемиот пропуст на системот е што децата со зависност и понатаму немаат третман прилагоден на нивната возраст и потреби.

Фото: Китева Игњатова

„Децата не се мал возрасен, тие се специфична група и секако дека за нив треба да има специфични програми и третмани, а не третмани за возрасни. Децата се под ризик доколку не се третираат во посебни програми и затоа што може да бидат злоупотребени од одредени групи. Програмите креирани за мажи и возрасни, не ги доживуваат како безбедни ниту возрасните жени, а камоли децата“, посочува таа.

Дополнува дека не постои единствен пристап што може да им помогне на сите зависници, поради што третманот мора да биде индивидуализиран.

„Најдобар резултат дава комбиниран третман, односно третман со лекови поддржан со психосоцијален третман. Секако, некогаш може да е попотребен едниот или другиот третман. Кај нас недостасува било каков третман за деца“, вели таа.

Според неа, станува збор за прашање што одамна ги надминало рамките на индивидуален здравствен проблем и има пошироки последици врз општеството.

„Последиците не се само по индивидуата, туку и по семејството и општеството во целина. Едно нетретирано дете се претпоставува дека произведува четири нови деца кои употребуваат супстанци. Нема добро јавно здравје во државата без третман на оваа категорија на деца“, нагласува Китева Игњатова.

Додека институциите сè уште подготвуваат програми и протоколи, малолетните зависници остануваат без единствено место каде што можат да добијат третман. Судската пресуда е исполнета на хартија, но не и во животот на децата за кои била донесена.

Авторка: Ангела Рајчевска Нанкова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.