Почетна Анализи Само двајца функционери пријавиле подароци минатата година: системот за пријавување подароци без...

Само двајца функционери пријавиле подароци минатата година: системот за пријавување подароци без контрола

Според официјалната евиденција на Државната комисија за спречување на корупција, државниот ревизор и собранискиот спикер се единствените кои примиле некаков подарок изминатата година. Или - тие двајца се единствените кои одлучиле докрај да го почитуваат законот.

0
41
Илустративна фотографија | Фото: Chao Ye on Pixabay

Наместо долга, транспарентна листа на државни функционери кои во име на меѓународниот протокол размениле внимание со странски делегации, официјалниот Каталог на подароци за избрани и именувани лица за 2025 година изгледа како приватен список со само две имиња.

Ако се суди според официјалната евиденција на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), излегува дека во целата држава само државниот ревизор и собранискиот спикер примиле некаков подарок изминатава година. Или, што е многу поверојатно, тие двајца се единствените функционери кои одлучиле докрај да го почитуваат законот.

Мечеви, бисери и клима уреди: Што има на кусата листа?

Првиот државен ревизор, Максим Ацевски, пријавил дека како подарок добил украсна паричка, рамка со народна носија, украсен брод и стаклена вазна. Собранискиот спикер, Африм Гаши, во име на државата примил малку поегзотичен арсенал: златен меч во рамка, бисер во златна школка, рачно цртана порцеланска вазна и скулптура со мотив „глава на коњ“.

Oсвен Гаши и Ацевски пријавени се само уште 12 подароци кои ги добиле вработени во јавните институции – главно вина и тефтери.

На списокот на инстицуии се наоѓа и Државниот архив, кој како подарок пријавил три клима уреди во вредност од 68.000 денари, додека Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга пријавил уметнички предмет (акрил на дрво) вреден 9.000 денари.

Статистички дебакл: извештаи доставиле 26 од 1.374 институции

Списокот не ја покажува реалната слика на примените подароци, признаваат и самите антикорупционери. Извештаи до ДКСК доставиле само 26 институции од вкупно 1.374 во земјава.

„Ние тоа го детектиравме како проблем и во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси предлагаме сите институции да бидат обврзани да доставуваат ваква евиденција, без разлика дали имаат примени подароци или не. И дополнително, за неисполнување на обврската, за првпат се предвидува прекршочна санкција“, изјави претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ за Пина.

Тој додава дека целта е сите институции навремено да ги доставуваат овие податоци за да се избегне ризикот од корупција и судир на интереси, а крајниот рок за доставување на евиденцијата во Каталогот на подароци е 31 март за претходната година.

Иако обврската за пријавување е дефинирана во неколку закони (Законот за располагање со стварите во државна сопственост, Законот за вработените во јавниот сектор, како и Законот за спречување корупција и судир на интереси), во отсуство на дефиниран контролен механизам, сè е оставено на личната свест и етика на функционерите.

„Праксата покажува дека системот за пријавување служи само како формална обврска без вистинска контрола, бидејќи нема пропис со кој се определува контролата, ниту пак казна доколку не се изврши пријавувањето“, смета поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска.

Се подготвуваат санкции за „заборавените“ функционери

Во моментов, Законот за спречување корупција и судир на интереси налага доставување на листата до 31 март за претходната година, но не предвидува казни за тие што нема да го сторат тоа.

„Доколку ДКСК при разгледување на листата утврди отстапување од законски утврдените критериуми, го известува органот што ја доставил листата. Доколку оцени дека службено лице добило подарок што влијае или може да влијае врз објективното и непристрасно вршење на функцијата, подарокот станува сопственост на државата, односно на локалната самоуправа“, појаснува Ивановска за Пина.

Новите законски измени, кои сè уште се наоѓаат во владина процедура, предвидуваат глоби од 300 до 500 евра за одговорните лица кои нема да ја исполнат оваа обврска.

Хронична незаинтересираност на институциите

Низ годините, бројката на институции кои праќале известувања е поразително ниска. Иако Каталогот е јавно објавен годинава, ДКСК и претходно водела интерна евиденција. Податоците се поразителни: во 2021 година, само Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга доставил известување дека именуваните лица немаат примено подароци. Во 2022 година, ова го сториле само три институции, во 2023 година – осум, а во 2024 година – вкупно десет институции.

Софтверско решение како мотивација

„Папирологијата“ која досега ги кочеше институциите наскоро треба да замине во историја. ДКСК веќе работи на дигитална алатка која треба да стане функционална од следната година и драстично да го олесни процесот на пријавување.

„Оваа година добивме донација — софтверско решение за каталог на подароци, изготвено со поддршка на Советот на Европа. Ова дигитално решение им овозможува на институциите непосредно во системот да ги доставуваат податоците“, објаснува Чучуљ, нагласувајќи дека назначените лица сега можат секојдневно да внесуваат податоци.

Сепак, дигитализацијата е само алатка, а одговорноста останува кај луѓето.

„Очекуваме со законските измени и со дигитализацијата да имаме поголем одзив. Сепак, најважен е интегритетот на функционерите. Доколку одреден подарок не е согласно законот и може да влијае врз непристрасното извршување на службените должности, тој едноставно треба да се одбие“, заклучува Чучуљ.

Со ова се согласува и Ивановска, која нагласува дека софтверот е одлично техничко решение, но некој сепак мора да го полни со податоци.

„Дали ќе заживее ова решение или не, зависи исклучиво од нивото на свеста на носителите на јавни функции“, додава таа.

Авторка: Габриела Лескова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.