„Колку пари, толку музика“. Со оваа македонска изрека би можело да се опише работењето на Младинскиот културен центар (МКЦ) за оваа година. Кога Буџетот за оваа културна установа ѝ стана познат на јавноста, МКЦ стана топ тема во медиумите.
Следуваше и протестна свирка пред објектот каде младите артисти својот револт за Буџетот на МКЦ, но и поради кадровските промени, го искажаа како што знаат најдобро, преку музиката.
Од 14.400.000 денари лани, за една година Буџетот беше намален на 4.500.000 денари. Тука мора да се напомене дека лани од овие 14 милиони денари, шест беа наменети за киното „Милениум“. Годинава пак, од 4.5 милиони денари, 2.5 милиони ќе одат за градското кино.
По притисокот од јавноста, советниците во Град Скопје преку амандмантска пренамена на средства му доделија на МКЦ 2 милиони денари, но овие пари беа извлечени од финансиите кои беа планирани за независните музичари.
Но вториот обид за пренамена на уште 2 милиони денари, овој пат од Зоолошката градина, не беше успешен бидејќи советниците не изгласаа потреба за донесување на еден ваков амандман.
Повеќе пари, поквалитетна содржина
Програмскиот директор на МКЦ, Филип Николовски за ПИНА вели дека со парите кои со последниот амандман требаше да легнат на сметката на МКЦ, немаше да се реши проблемот на установата, но делумно ќе ѝ помогнеше во работењето.
„Исто како што и претходните 2 милиони денари коишто беа реалоцирани од Буџетот за приватни корисници. Ниту тие средства нешто посебно не помогнаа во годинешниот Буџет на институцијата. Се трудиме да најдеме дополнителни средства. Ќе видиме како ќе функционира институцијата до крај и дали со ребаланс во следниот период можеби, во јуни, јули, Град Скопје ќе се одважи да даде повеќе средства за реализација на програмата на МКЦ, вели Николовски.
Според него, ваквото драстично кратење на средствата на МКЦ удира сериозно врз програмата.
„Веројатно ќе дојде до редуцирање на главните активности на институцијата. Не зборуваме тука за комплетно откажување на фестивали. Меѓутоа, веројатно ќе бидат во драстично помал обем“, појаснува Николовски.
Тој дополнува дека зголемениот фонд на финансии продуцира подобра и поквалитетна содржина. Истовремено, дециден е дека МКЦ ќе функционира секако.
„Меѓутоа, со поддршка на програмските активности на МКЦ, се добива на квалитет и на квантитет во програмата. Секое буџетирање ќе биде реализирано, но квалитетот и квантитетот ќе бидат различни во однос на минати години“, објаснува Николовски.
Помалку пари, помалку промоција за младите артисти за кои МКЦ е главното место каде можат да ја покажат својата уметност. И тие чекаат ребаланс на Буџетот и се надеваат дека МКЦ ќе добие повеќе финансиски средства, а дотогаш во Град Скопје доставија потпишани петиции од младите со цел да докажат дека тие сакаат Младинскиот културен центар да работи како и досега.
„Чекаме да видиме која ќе биде реакцијата од Град Скопје, какви новости ќе има во однос на ребалансот. Во меѓувреме, дискутираме кои ни се плановите, што би правеле. Не сме сигурни во целост, но дефинитивно сме сѐ уште активни и дискутираме што би било следно. Борбата е далеку од завршена, вели Бојан Гаговски од движењето „Сите за МКЦ“.
Тој појаснува дека со кратењето на средствата, ќе се скрати и времетраењето на фестивалот „Здраво млади“, фестивал кој е меѓу најпосетуваните и е доста важен за промоција на младите алтернативни артисти.
„Со генерално кратење на Буџетот прашање е дали ќе може толку голем на настани да се организираат. Дали цената на влезниците ќе можат да останат исти или ќе се покачат, бидејќи многу од настаните имаат симболични влезници, или воопшто нема влезници“, вели Гаговски.
Сите сакаат повеќе пари, но не можат да се согласат како да му ги дадат
Со кого и да зборувате во Советот на Град Скопје, сите велат дека сакаат МКЦ, но и останатите културни установи кои се во надлежност на Градот да имаат повеќе пари за да можат подобро да функционираат. Но, советниците никако не можат да се согласат како да се пренаменат повеќе пари за Младинскиот културен центар.
Советниците се согласија за првиот амандман за пренамена на 2 милиони денари од ставката за независни уметници, но не можеа да се сложат за пренамена од Зоолошката градина.
Според Горјан Јовановски, советник од иницијативата „Зелен хуман град“ (ЗХГ), амандманот ќе придонесеше до зголемување на програмскиот Буџет на МКЦ.
„Идејата беше дека ние како советници, до следниот ребаланс ќе користиме вакви механизми, како што се пренамена на средства до Буџет за да може да го одржуваме во живот програмскиот Буџет на МКЦ, како и на другите културни институции. А потоа, со ребалансот да ги вратиме овие пари во планираните буџети“, вели Јовановски од ЗХГ чија советничка група беше подносител на последниот амандман.
Амандманот доби поддршка од некои од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не беше доволно за да се донесе. Координаторката на советничката група, Марија Андонова, вели советниците и натаму ќе продолжат да даваат поддршка на сите иницијативи кои ќе значат повеќе пари за МКЦ и за културните установи.
„Сметаме дека средствата коишто се издвоени од овој буџет за културата се премалку и не се доволни за да се остварат програмските определби на овие институции. Не се доволни ни 20-30 отсто од тоа што го имаат зацртано и традиционално го работат овие институции“, вели Андонова.
Советничката додава дека мора да се намалат непродуктивните трошења на Градот, а парите да завршат во културните институции.
„Има точки од кадешто може да се скрати. Има доста средства кои се одвоени за консултантски услуги за кои ние немаме евиденција. Зошто сега е потребно Град Скопје да дава средства за консултантски услуги на одредени агенции или за рекламирање. Еден милион градоначалничката даде за анкети, на пример… Зошто е тоа поприоритетно од нешто друго? Ставки од кадешто можат да се извлечат средства има, меѓутоа, според мене тоа се тие непродуктивните“, вели Андонова.
Иако не го поддржаа последниот амандман на Зелен хуман град, и СДСМ декларативно е за зголемување на средствата за МКЦ. Но, координаторката на советничката група, Љубица Јанчева вели причината за тоа е што и МКЦ и Зоолошката градина се културни институции чиј основач е Град Скопје.
„Која е оправданоста Град Скопје за некого да биде мајка, за некого да биде макеа? Ако веќе парите се малку за една институција, тогаш парите се малку и за друга институција. Ако веќе бараме пренамена на средства, јас и на седницата кажав, ‘немојте да земате од една културна институција да давате на друга културна институција, тоа не е фер’. Односот на Советот, како основач на овие институции мора да биде ист“, вели Јанчева.
Прашана, од каде би требало да се пренаменат средства сега за МКЦ, Јанчева вели дека тоа требало да се мисли на време, кога се креирал буџетот.
„Сега кога веќе станува збор за ребаланс, малку е поспецифична ситуацијата зашто одреден број на средства се веќе планирани, дури и да се тоа непродуктивни. Друга е приказната кога е Буџет во прашање, стартуваш од нула, сѐ планираш. Меѓутоа, ако веќе правиме ребаланс, одреден број, а во случајот само така би можело, однапред треба да се знае што во ставката од која што сакаме да пренамениме, или ставката којашто со ребаланс ќе ја скратиме, што може да се скрати. Таквата информација јас како советник ја немам. И од тука, мојот одговор е ‘Тоа најдобро треба да го каже предлагачот, градоначалничката Арсовска или да нѐ викне и да ни каже од каде може, од каде не може’“, вели Јанчева.
Град Скопје сѐ уште на ставот дека буџетот на МКЦ не е скратен
Градоначалничката Данела Арсовска не гледа потреба од ребаланс на буџетот со цел зголемување на средствата за културните институции основани од Градот.
„Буџетот на МКЦ не е скратен, напротив, оваа година Советниците изгласа од утврдените буџетски средства и дополнителни 2 милиони денари, од таа причина во овој момент не гледаме потреба за ребаланс на буџетот“, вели Арсовска во писмена изјава.
Според неа, МКЦ до овој момент има одлични финансиски резултати.
„Во првиот квартал од годинава МКЦ самата институција има зголемен приход за 2 милиони денари повеќе од истиот период минатата година“, вели Арсовска.
Освен Буџетот на МКЦ, лавина реакции во јавноста предизвика и поставувањето на нов в.д. директор, Никола Алексов за кого вработените во Младинскиот Културен Центар велат дека нема никакво искуство во културата, а има квалификации за детектив.
Арсовска вели дека конкурс за избор на директор на МКЦ ќе биде објавен веднаш по завршување на тековната ревизија.
Автор: Даниел Василев