Доцнење на учебници, немање доволно средства за нивно печатење, воведување на нов концепт на настава, прилагодување на новите програми од страна на наставниците и учениците се едни од бројните предизвици со кои се соочува образовниот систем во државата.
Универзитетскиот професор, Кирил Барбареев за ПИНА вели дека има многу проблеми во образованието, но денес во 21 век, невозможно е да го објаснуваме, да го менуваме, реформираме, изолирано од она што се случува во општеството и во глобалниот свет.
„Разговараме за институциско-организациски теми, во кој е многу важен принципот на континуитет на образовни политики и храбри чекори. Има нешто што е заедничко за сите потсистеми, зошто сме на ова ниво. Системот е многу слабо финансиран, политизиран, нема компетитивност, лошо менаџиран, слабо одговорен кон јавноста, слабо одговорен кон младите, надарените и талентираните. Овде само декларативно се говори образованието е важно. Во реалноста тоа е потценето и деградирано. Системот е на раскрсница помеѓу навиките и концептите на минатото и силниот и брз пробив на новото време. Тој треба да се менува и по структура и по содржина,“ вели Барбареев.
Средношколците се незадоволни од програмата по која учат, а според Сојузот на средношколци доказот за несоодветната програма се крие во мноштвото меѓународни научни студии, како и компаративни мерења на знаењата и вештините на учениците.
„Во 2015 година просечниот резултат од 384 поени по наука, споредено со 493 поени во земјите на Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД 2016), укажува на тоа дека учениците на 15-годишна возраст од нашата држава заостануваат четири години зад врсниците од земјите на ОЕЦД. Споредено со соседните земји со слично ниво на приходи, учениците од Македонија имаат послаб успех од учениците од Албанија (427 поени) и Црна Гора (411 поени) и незначително повисок успех од учениците од Косово (378 поени).
Остварувањата на Македонија на повеќето меѓународни тестови укажуваат на неповолни резултати од учењето. Од 2000 до 2015 година успехот во јазичната писменост мерена со ПИСА тестовите е опаднат за 21 поен. Во исто време Албанија успеа да го зголеми успехот за 56 поени, што е еднакво на околу две години образование. Според меѓународната студија за математика и природни науки – ТИМСС (TIMSS), сличен образец на стагнација е утврден и за успехот на учениците од осмо одделение во периодот меѓу 1999 и 2011 година (Светска банка). И на спроведеното ПИСА-тестирање во 2018 година, иако се забележува пораст на постигањата во однос на 2015 година, сепак, постигањата на учениците од нашата држава се многу ниски, односно во писменост во природните науки се наоѓаме на 62. место, а во математичка писменост на 67. место од 78 рангирани држави, додека во читање со разбирање на 66. место од 77 рангирани држави (ДИЦ 2019). Инструментот за проценка на јазичната писменост (ЕГРА) и Инструментот за проценка на математичката писменост (ЕГМА) беа применети во 2016 година на примерок од околу 8.000 ученици на крајот на второ и трето одделение,“ вели Барбареев во однос на прашањето, какво е знаењето на македонските ученици, споредбено со регионот.
Дискрепанца на програмите во основно и средно образование
За висок процент од средношколците, претставува тешкотија преминот од основно во средно училиште поради дискрепанцата на програмите. Средношколците велат дека не постои логичен континуитет, ниту поврзаност меѓу програмата Кембриџ која се учи во основно и онаа за средните училишта. Барбареев исто така е на истиот став дека, подолго време, тоа е сериозен проблем во образовниот систем.
„Сите премини кај нас се тешки. Во Стратегијата за образование 2018-2025 е посочено дека проценката на квалитетот на наставниот план и програма и оценувањето на учениците не се конзистентни, реформите во областа на гимназиското образование не секогаш се кохерентни со реформите во основното образование, поради што преодот на учениците од основно во средно е исклучително стресен и се одразува негативно на нивниот однос кон учењето и на нивните постигнувања. Нарушена е и компатибилноста меѓу основното и средното образование, имајќи предвид што промените во наставните програми воведени во 2007 година и дополнети во 2013 година не беа проследени со соодветни промени во наставните програми во средното образование, што е посебен проблем, ако се има предвид дека гимназиското образование не е реформирано уште од 2001 година. Поради тоа се изгуби континуитетот и потребното проширување и надградување на знаењата на учениците,“ вели Барбареев.
Освен наставните програми, за учениците е проблем и доцнењето на испораката на учебници, но и немањето на учебници. Според Барбареев, овој проблем, исто така се одразува на процесот на учење.
„Сите задолжителни наставни предмети и сите изборни предмети треба да имаат квалитетни учебници и наставни материјали кои се целосно усогласени со наставната програма и со потребите и интересите на учениците. Но, треба да има силен фокус и тенденција класичните форми на учебници да имаат дигитални верзии кои им олеснуваат на наставниците да ја реализираат наставата, а на учениците да ги постигнат очекуваните резултати од учењето,“ додава Барбареев.
Од Министерство за образование и наука за ПИНА велат дека во буџетот на МОН секоја година се предвидуваат средства за набавка и печатење на учебници, иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири неодамна изјави дека нема пари за печатење на сите учебници.
„Сите учебници кои се одобрени за користење во основното образование се испечатени и доставени до учениците (станува збор за над 300 илјади примероци), а во тек се и постапки за одобрување на учебници по англиски јазик. Во средното образование пак, годинава за прв пат ќе се печатат учебници по стручни предмети за кои досега немаше учебници, а се одобрени во текот на 2022 година од страна на Националната комисија за учебници. Со оглед на тоа што станува збор за поголема бројка, над 100 учебници по различни предмети, истите ќе се печатат етапно,“ велат од МОН за ПИНА.
Промени во образовниот концепт
Во врска со воведување на новиот концепт за основното образование, Барбареев смета дека се уважува потребата за промени која ја базира на новите сознанија за развој на квалитетно образование, на светските и европските трендови за образование базирано на компетенции, на дигитализацијата на образованието, како и на сите наши досегашни искуства и стремежи да се унапреди квалитетот на наставата и учењето во нашите училишта кои треба да станат место за учење и развој на мотивирани ученици подготвени да се стекнат со очекуваните компетенции.
„Новиот концепт во целост ги уважува согледувањата и мислењата на наставниците што се утврдени со истражувања. Концептот за основно образование нуди промени во повеќе сфери што се однесуваат на интегрирање на наставата и наставните предмети, на избор на предмети од интерес на ученикот, на учење преку истражување и проекти, намалување на оптовареноста на наставните материјали со фактографски податоци, на прилагодување на наставата кон потребите на сите ученици, на користење на разновидни наставни материјали, на активно учество на учениците во животот на училиштето, на соработка и професионален развој на наставниците и нивно мотивирање со кариерен развој, овозможувајќи на тој начин можност за градење на училиште по мерка на децата,“ вели Барбареев.
Според Министерство за образование и наука во моментов во основното образование се спроведувала најкрупната образовна реформа досега, која е фокусирана на три аспекти.
„Првиот аспект е инфраструктура, три години по ред се обезбедува буџет за капитални инвестиции од над милијарда денари за подобрување на условите во училиштата, изградба на нови, нови спортски сали, опремување. Вториот е етапно воведување на нови наставни програми и учебници за покреативна и поинтересна настава, учење со разбирање наместо фактографско меморирање податоци, поттикнување иновативност кај учениците. Се воведуваат низа нови, изборни предмети, така што учениците можат да одбираат да го учат тоа што е поле на нивен интерес. Наставните програми се изработени врз основа на Национални стандарди за постигањата на учениците, кои всушност се мерило за тоа какви знаења и вештини треба да поседуваат учениците по завршување на основното образование. Третиот е подигнување на мотивацијата за работа на наставниците преку повисоки плати, можности за професионален и кариерен напредок и подобри услови за работа,“ велат од МОН.
Од таму додаваат дека во средното образование пак, фокусот е ставен на стручното и затоа веќе четири години по ред се спроведува кампања за модернизација и поголема популаризација на стручните училишта меѓу младите, во чиј фокус е дуалното образование, концепт базиран на учење преку работа директно на работно место во компании.
„Токму овој концепт добро ги оспособува младите за успешен настап на пазарот на труд по завршување на средното образование, но им овозможува и добра основа за понатамошна образовна надградба. Досегашните ефекти се исклучително позитивни. Образованието се усогласува со пазарот на трудот, а тоа значи и намалување особено на младинската невработеност. Така што, политиките кои се спроведуваат се токму во насока да создаваме што поквалитетни генерации на млади кои својот потенцијал би го остварувале тука, во својата земја,“ додаваат од МОН.
Барбареев смета дека потешкотиите при примената на новата Концепција не треба да нѐ натераат да се вратиме назад, туку да не мотивираат да вложуваме дополнителен напор за да обезбедиме соодветни услови за нејзина оптимална реализација.
Автор: Сара Танаскоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА