Објавувањето на идентитетот на тие што одбиваат да примат решение за самоизолација – меч со две острици

0
861

Деновиве се очекува јавно да се објават идентитетите на лицата кои што ќе одбијат да примат решение за самоизолација. Министерот за здравство, Венко Филипче во неколку наврати го најави разгледувањето на оваа мерка, а пред два дена соопшти дека во наредните денови ќе биде споделена јавната објава. Правниците кои ги консултиравме велат дека со можното објавување на личните податоци се прави повреда на Законот за заштита на личните податоци, како и злоупотреба на личните податоци кое е казниво дело согласно нашиот Кривичен законик. 

„Станува збор за 450 решенија за кои очекувавме помош од МВР, но тие не се поделија, ги вратија назад. Веројатно дека денеска или најдоцна утре ќе започнеме таканаречена јавна објава зашто, едноставно, луѓето не се достапни или даваат погрешни податоци во анкетните листови. Тоа се луѓе кои се огромен ризик ако се асимптоматски носители на вирусот и доколку се движат помеѓу луѓе и не почитуваат самоизолација може болеста да ја шират. Така што, сметам дека овие денови и тоа ќе биде решено“ изјави министерот Филипче.

Но од Мрежата за заштита од дискриминација излегоа со став уште пред два месеци. Тие апелираа до здравствените работници да не издаваат лични податоци за пациентите, а информацијата за нечиј Ковид-19-статус да ја третираат доверливо согласно здравствените прописи. Од Владата и од Агенцијата за заштита на личните податоци пак, побараа активно да ги следат и по службена должност да ги санкционираат медиумите коишто објавуваат лични податоци на пациенти коишто се позитивни на корона или за кои постои сомневање.

„Личните податоци на пациентите заболени од корона и нивните контакти треба да ги знаат здравствените работници кои ќе преземаат соодветни мерки и ќе го следат нивното почитување. Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените, бидејќи таа информација не му користи на обичниот граѓанин, напротив, само предизвикува гнев, осуди и ризик од насилство и прекршување на други права“ – стои во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација.

Тие велат дека со обвинувањето на евентуалните пациенти и јавното линчување на поединци се креира стигма околу корона-вирусот, а самите пациенти се изложуваат на вознемирување како форма на дискриминација, токму поради нивниот здравствен статус. Од Мрежата потсетуваат дека со ова се прекршува и Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој забранува дискриминација поради здравствен статус.

Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација смета дека оваа мерка е опасна за здравјето на целото население. Таа прашува зошто полицијата и здравствените власти не можат да ги пронајдат и да ги принудат овие лица на самоизолација, особено поради фактот што постои поволна законска рамка за вакво дејствување.

„Власта требала и морала да предвиди дека ќе има и такви случаи и однапред да предвиди начин на постапување и мерки за задолжителен т.н. државен карантин. Што очекува власта обичниот граѓанин да прави со информацијата дека на пример негов сограѓанин не сака да земе решение за самоизолација?! Дали ова значи дека треба да се собереме, да се закануваме, да жигосуваме и физички да се пресметуваме со оние кои не сакаат да се самоизолираат?“ – вели Дрндаревска.

Адвокатката Маја Ристова вели дека со можното објавување на личните податоци се прави повреда на Законот за заштита на личните податоци, како и се врши злоупотреба на личните податоци кое е казниво дело согласно нашиот Кривичен законик. Истовремено се крши и Европската конвенција за човековите права, а сигурноста и тајноста на личните податоци е и уставно загарантирано право.

„Нашите закони не овозможуваат објавување на нечии лични податоци, напротив се забранува нивно објавување. Државата не смее јавно да објави евентуална здравствена ситуација. Податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета, а може да се врши само во строго утврдени исклучоци. Согласно нашата законска регулатива, тие исклучоци не се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за заразените лица или лицата во самоизолација“ изјави адвокатката Ристова за ПИНА.

Таа додава дека со ова, на луѓето им се остава простор да ја тужат државата доколку објавувањето на нивните идентитети е противзаконито.

„Знаете ова е нова ситуација со која се справуваме, па објавување на идентитети или не, е се уште дилема, како кај нас така и надвор од нашата држава. Од една страна се прави повреда на прописите, но од друга страна се штити колективното здравје и се спречува ширењето на вирусот. Последна држава од регионот која ги откри идентитетите на лицата во самоизоалција е Црна Гора. Ова дејствие покрена лавина на реакции и коментари дека со ова се повредува приватноста на лицата и се прекршуваат законските и уставните одредби. Се уште не знаеме дали со објавувањето на идентитетите, се постигна целта за кое се вршеше објавувањето“ заклучува Ристова.

Драгана Дрндаревска вели дека изговорот на властите дека не можат да ги најдат лицата кои треба да бидат во самоизолација, а не се, во ниту еден случај не треба и не може да биде оправдување за носењето на оваа мерка.

„Ако властите не можат да ги натераат овие лица да се самоизолираат, кој очекуваат тоа да го направи. Овие лица ако досега не се свесни зошто самоизолацијата е неопходна, објавувањето на нивните имиња нема да ги заплаши, ниту засрами, напротив можат да станат уште понедостапни за властите и поголема опасност за околината“ смета Дрндаревска.

Министерот Венко Филипче кажа дека се работи за проблематични 450 решенија за самоизолација на лица кои не можеле од различни причини да бидат најдени. Здравствените власти се жалат дека дел од лицата одбиваат да соработуваат во комуникацијата и борбата за спречување на вирусот Ковид 19.

Автор: Бјанка Станковиќ

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.