Научници од Италија велат дека при испитување на отпадни води е утврдено дека коронавирусот во земјата бил присутен уште во декември, многу пред да ги потврдат и официјалните случаи на заразата, јавува Би-би-си.
Испитувањето на отпадните води се одвивало во Милано и Торино, а Националниот институт за здравство од Италија објави дека во водите имало траги на вирусот уште на 18 декември. Со ова, се создава уште еден доказ дека новиот коронавирус циркулирал низ европските земји многу порано пред да бидат и официјално регистрирани првите случаи.
Во Кина првиот случај на коронавирус беше потврден на крајот на декември, а во Италија беа откриени кон средината на февруари. Франција дополнително утврди дека еден пациент кој бил лекуван од пенвмонија во декември всушност имал коронавирус. Во меѓувреме, во Шпанија беше објавена студија преку која во Барселона се утврдија траги на вирусот во примероци на отпадните води собрани уште во јануари или 40 дена пред да биде и официјално регистриран првиот пациент со коронавирус.
Научниците на Националцниот институт за здравство од Италија испитале 40 примероци на вода земени од северна Италија меѓу октомври и февруари. Примероците од октомври и ноември биле негативни, со што се покажало дека тогаш вирусот не бил сè уште пристигнат во Италија. Во Болоња пак, во отпадните води се откриени траги од коронавирусот во примероци собрани во јануари.
Експертката за квалитет на водата, Жозепина Ла Роса, вели дека овие податоци ќе им бидат од голема помош на научниците за да може да разберат како се ширел вирусот во Италија. Иако, смета таа, овие први траги на вирусот не мора да значи дека се главната причина за брзото ширење на вирусот во Италија.
Првиот неувезен случај на ковид-19 во Италија беше регистриран во градот Кодоњо во регионот Ломбардија. Овој град на 21 февруари беше прогласен за црвена зона и беше целосно затворен. Подоцна, вирусот беше регистриран во уште девет градови во Ломбардија и соседниот регион Венето, по што во почетокот на март целата земја беше под карантин.
Од Националниот институт за здравство велат дека овие податоци се стратешки важни особено во раното откривање на вирусот, податоци кои не може да се добијат преку клинички испитувања. Тие велат дека оваа техника со испитувањето на отпадните води ја применуваат и други земји, со цел да откријат што порани траги на вирусот.
Тие предлагаат и пилот-проект преку кој ќе се мониторираат отпадните води во туристичките одморалишта со цел рано откривање на евентуално нови епидемии.
Во Италија досега починале околу 35 илјади пациенти дијагностицирани со коронавирусот, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.