За минимални 2,2 процентни поени годинава е подобрена транспарентноста на министерствата, Владата и општините во споредба со 2019 година. Ова го покажа Индексот на активна транспарентност и проактивно објавување информации од јавен карактер изработен од Центарот за граѓански комуникации.
„Кај министерствата, по три години континуиран пораст, во 2020 година се забележува стагнација и дури и мало намалување на активната транспарентност. Таа годинава изнесува 77,1 %, за разлика од ланските 77,6 %. Сепак, активната транспарентност на министерствата сè уште е значително подобра од онаа на општините, која изнесува 54,5 % и по неколкугодишното намалување бележи пораст втора година по ред“, се вели во извештајот.
За првпат во последните пет години откако се изработува овој индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата. Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана (97,9 %), следено дури од осум општини, меѓу кои прва е Велес (94,4 %).
Во однос на регионите, нема промена од лани. На прво место е Источниот Регион (68,3 %), додека на последно останува Скопскиот Регион (44,4 %). И натаму најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 42 %, а општините само 36% од информациите што треба да ги објавуваат.
„На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 24 дена (лани за 21 ден), а министерствата за 26 дена (лани за 34 дена), иако максималниот законски рок е 20 дена. Во овој рок одговорија само 40% од институциите, додека останатите 60% го прекршија законот“, се вели во извештајот.
Како што велат од Центарот за граѓански комуникации, под „активна транспарентност“ се подразбира објавување на информации по сопствена иницијатива без некој да испрати барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, кога има барање станува збор за „реактивна транспарентност“.
Ова истражување е спроведено врз основа на изработена методологија и структурирани прашалници за исполнетоста на обврските за активно објавување на информациите на интернет-страниците на институциите.
„Основа за изработката на прашалниците претставуваа законските обврски што ги имаат институциите за објавување информации од разни сфери кои се од важност за граѓаните и кои влијаат врз нивните животи и работењето. Во оваа смисла, земени се предвид, пред сè, обврските кои произлегуваат од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и оние обврски од други закони што се однесуваат на трошењето јавни пари“, велат од Центарот за граѓански комуникации.
Индексот на активна транспарентност, кој се изработува петта година по ред, е во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.